Годинава, една од најгледаните серии на Нетфликс е дефинитивно „The Queen's Gambit“ – возбудлива, комплексна и восхитувачка серија исполнета со мистериозност, молчеливост и победа. Колку и да е добра продукцијата и естетиката, факт е дека ликовите во серијата прават таа да заживее во срцата на гледачите. Би можела со сигурност да кажам дека главниот лик на серијава е една од најинтересните и најинспиративни појави во филмскиот свет на 2020 – Beth Harmon!
Beth е малечко девојче кое, за чудо, преживува тешка сообраќајна „несреќа“без ниту една повреда. Во „несреќата“, таа ја губи својата мајка и, за миг, нејзиниот живот се менува целосно – одеднаш нејзиното ново живеалиште е домот за деца без родители каде се запознава со својата прва другарка Jolene и Mr. Shaibel – чуварот на домот кој, во темната подрумска просторија, случајно ја учи како се игра шах. Покрај тие две, особено битни ликови во нејзиниот целосно променет живот, таа се „запознава“ и со зелените таблетки – лекови за смирување што им ги даваат на децата во домот благодарение на кои се „разбистривуваат“ нејзината фантазија и „вид“.
Можеби и „случајното“ запознавање на Beth со шаховската табла е сè освен случајност – тоа станува нејзиниот животен избор, опсесија, љубов. Напуштајќи го домот, таа со себе го носи, за среќа, новооткриениот талент за играње шах, неразмислената болка во душата, мала (но, сепак, постоечка) самодоверба и поглед кој вели „ќе успеам“. Во текот на епизодите, како што таа расте, така и нејзината опсесија со шахот станува сè посилна – Beth е немилосрден играч кој, воден од својата интуиција, постапува со неверојатна точност и прелетува до височините каде доживува најголеми успеси.
А, луѓето што се појавуваат во нејзиниот живот имаат многу битна улога во секој период, соодветно: госпоѓата Алма која ја посвојува со надеж дека ќе го задржи својот сакан. Тоа не ѝ успева, но таа покажува мајчинска љубов и поддршка (или барем се обидува). На почетокот, парите се тие што ја поттикнуваат да биде блиска со Beth, да оди со неа на турнири низ целиот свет и да биде покрај неа при натпреварите, но во текот на приказната можат да се забележат многу слични навики и речиси ист начин на справување со душевната болка и траума. Алма ѝ дозволува на својата ќерка да пие, да се забавува и да пуши и и двете стануваат поврзани една со друга, не само поради „заедничките пороци“, туку и поради својата осаменост во животот. Неочекуваната смрт на Алма ја учи Beth на најбитната лекција во животот – девојката треба да знае да остане и да функционира потполно сама, без да се чувствува осамено.
Во развојот на комплексноста на Beth, трите момчиња на нејзиниот живот: Benny Watts, Townes и Harry Beltik играат голема улога. Benny е пријател и ментор, инспирација и предизвик. Тој ја мотивира да продолжи да се бори во животот. Егоистичен и харизматичен, интелигентен и сигурен во себе, тој ја предизвикува и ѝ помага во последниот натпревар пред големата победа; Townes e „доволно харизматичен за да го стопи дури и најладното срце, без емоции“. На самиот почеток од нејзината шаховска кариера, таа немилосрдно го победува, а во текот на серијата тој се појавува како „фото-репортер“ и нејзин потенцијален љубовник (или барем симпатија, да речеме). И, секако, Harry Beltik, можеби најчудниот лик во целата серија. На моменти непријатен, сосема непривлечен и несфатлив, тој сепак, покрај неа е во моментот на нејзината најголема осаменост и тага. Со неа споделуваат убави мигови кои тој прави да изгледаат навистина чудно и необјасниво. Сепак, тој е дел од тројцата мажи без кои Beth во никој случај не би можела да го победи непобедливиот.
А, кој е непобедливиот ако не Боргов?! Боргов е всушност светски познатата непобедлива „машина“ за шах кој на крајот од серијата за првпат е поразен од страна на Beth. Иако на неговото лице на можат да се забележат никакви емоции во ниту еден момент, тој се однесува со огромна почит кон победничката, ракувајќи се со неа и пофалувајќи го нејзиниот прекрасен ум – како што им доликува на вистинските и најуспешни спортисти!
Единственото нешто што би го додала како нешто за кое ја осудувам Beth, повеќе отколку што ја разбирам, е неблагодарноста што ја покажа кон својот прв учител и прв воочител на нејзиниот талент. Да, таа го спомена неговото име во весници и интервјуа, но никогаш не му се заблагодари лично и никогаш не го прегрна како што му доликува.
Како што кажав и претходно, сè во серијата изгледа случајно. Но, на крајот од денот секогаш помислата ме враќа кон тоа дека ништо не е случајно во нејзиниот живот. Секоја случка е само дел од низата на испреплетени настани кои се одвиваат со тивка умереност. Не сум сигурна дали тоа е вистинскиот и реален начин на кој се решаваат сериозните проблеми. Исто така, алкохолот и зелените таблетки се нездрав начин за бегство од соочувањето со истите тие проблеми – тие ја носат во непријатни ситуации во кои таа не се чувствува себеси. А, една од најдобрите поенти што може да се извлече од „The Queen's Gambit“ е фактот дека брилијантниот ум и „бесот“ во себе не се доволни за да се „дофатат“ височините – потребно е искуство, безброј обиди и покрај неуспехот, искрена верба во себе, самодоверба и внатрешна сила која ја турка личноста да продолжи и секако, добри пријатели без кои животот не би можело да се нарече живот. При крајот од серијата, повторно се појавува Jolene (првата пријателка на Beth) која само ја докажува потребата од пријатели – се појавува во вистинскиот момент на вистинското место и е „ангел-чувар“ или уште поконкретно, „ангел-спасител“.
На сите што не ја гледале серијава и ја читаат статијава, ви се извинувам за неколкуте издадени тајни, но не грижете се! Ниту еден напишан збор не би можел да ја долови магијата на Beth, атмосферата во серијата и начинот на кој се менуваат сцените и се одвиваат настаните. Доцните декемвриски денови се вистинското време во кое можете да ја погледнете серијата, особено ако ви е потребно инспирација за да продолжите да живеете, да учите, да се обидувате во животот или едноставно – да ги следите вашите соништа, страсти и опсесија.
댓글