top of page
Writer's pictureМарија Хана Трајкоска

Светски ден на Ромите - Осврт кон дел од ромската историја и музика


Во знак на Светскиот ден на Ромите сакам малку да позборувам за култура што кај мене буди огромна љуботност и за којашто би рекла дека можеби и припаѓа во нашата, така наречена, вонинституционална - Култура Бета.


Имено, денешниот ден, 8-ми април се смета за Ден на ромите затоа што на истиот датум во 1971 се одржал првиот Светски конгрес на Ромите, каде биле донесени одлуките за ромското знаме и ромската химна. Ромското знаме е со сино-зелена позадина на која има црвено тркало. Сината боја на знамето го означува рајот или небото кои симболизираат слобода, додека зелената ја означува Земјата и нејзината природа, а црвенотот тркало е базирано врз симболот на индиското знаме со што се дава почит на корените на Ромите. Се вели и дека црвеното тркало го симболизира тркалото на ромскиот вагон Вардо, со кој ромскиот народ е вечен патник низ светот, барајќи ја својата изгубена татковина.


Сите овие симболи всушност ја отсликуваат напатената номадска историја на Ромите, во која и се крие нивната есенција.


Како химна на Ромите се прогласува песната „Џелем Џелем“ компонирана од српско-ромскиот музичар Жарко Јовановиќ во 1949 година. Во текстот на песната се опишани прогоните, убиствата и геноцидот врз Ромите од страна на нацистите за време на Втората светска војна. Она што ги прави Ромите навистина извонреден народ за проучување, е нивната исклучителна музикалност со која што се имаат вложено во оформување на многу светски музички жанрови како шпанското Фламенко, така наречениот балкански кафански џез и турбо фолкот.


Чествувајќи го нивниот празник, со посебно задоволство, со вас сакам да споделам избор од ромски уметници и уметнички дела кои за мене се одлика за исклучителноста на ромската култура и уметност.


*Кармен Амаја, шпанско-ромска фламенко танчерка, позната како најдобратта фламенко танчерка во светот со што ги крши стереотипите дека фламенко танцот е само за мажи.


*Јасмина од Шабан Баирамович. Шабан е српско-ромски вокалист и еден од интернационално најпризнати ромски пејачи и текстописци. Го крунисуваат за „Крал на ромската музика“ поради неговото исклучително влијание врз музиката во источна Европа.


*Старо Чуново во изведба на Бајса Арифовска. Бајса е македонска музичарка која свири на повеќе од 15 инструменти и е претставничка на новата генерација ромски и македонски музичари. Од 2003 работи како диригентка на мандолинскиот оркестар при ромскиот културен центар „Дархија“. Во 2013 го објавува албумот „Македонска Чалгија“ преку издавачката куќа „Izvor Music“.


Ромската химна Џелем Џелем во изведба на Есма Реџепова, една од најистакнатите ромски музичари во светот. Есма Реџепова има особено значење за ромската заедница во промоција и истакнување на нејзината култура, но и за феминизмот. За време на нејзините почетоци во музиката, во Југославија било забрането и се сметало за непристојно немажени жени да пејат во јавност. Таа успева да ги скрши овие норми и стереотипи преку нејзините јавни настапи со ромска музика и модерна облека. Поради постулатите кои ги поставува за културна еманципација на ромскиот народ, особено во Македонија, прогласена е за „Кралица на Ромите“, а во 2010 од страна на NPR поради нејзиниот опсежен глас е означена за еден од 50-те најдобри гласови во светот.


Ова што ви го приложив, според мене е само еден мал дел од многуте сведоштва за виртуозната ромска експресија и се надевам дека ќе ви побуди барем мало жарче љубопитност за подлабоко нурнување во магијата што ја нуди ромскиот народ.


Доколку сте слични како мене и ве интересира сеопфатноста на оваа култура, а притоа голем дел од денот го поминувате на социјални мрежи (читај Тикток), тогаш ви го препорачувам Ромскиот тиктокер Флориан, кој споделува едукативна содржина за историјата, културата, страдањата и уметноста на Ромите. https://www.tiktok.com/@florida.florian?is_from_webapp=1&sender_device=pc





Comentarios


bottom of page