top of page

Што се чита?: „Слобода“ од Леа Ипи

  • Writer: Андреј Медиќ Лазаревски
    Андреј Медиќ Лазаревски
  • 13 minutes ago
  • 15 min read

Балканот како точка на истрауматизирани граници


Балканот е сам по себе обележан како култура, истрауматизирана од постојаните закани на изместувањето, принудните селидби, однадвор наметнатата подвижност, поради која, често се случува, единствена симболички сочувана врска со напуштените огништа да бидат само малите и лесно преносливи предмети, како клучевите, на пример или фотографиите, за кои не треба премногу голем простор при селидбата. [1]


Оваа констатација на професорката и есеистка Елизабета Шелева за Балканот е отсликана не само во реалноста, ами и во книжевноста кај речиси сите балкански народи. Луан Старова со неговот роман Граница прави една целосна вивисекција на границата како концепт, но и како авторитарен метод, а и како трансгенерациско трауматично искуство кое потоа креативно е искористено пишувајќи фикција и/или автофикција. Слично е и со Леа Ипи, албанска авторка и универзитетска професорка по политичка теорија на Лондонската школа за економија. Разликата е во тоа што Ипи како мало девојче кое во тоа време посетува основно образование останува затворена во рамки на границите на Албанија кога е под авторитарната власт на Енвер Хоџа. Во овој роман на Леа Ипи насловен како Слобода, таа зборува за периодот за време на режимот на Хоџа, доживувајќи го неговиот распад во текот на нејзиното растење, како и отворањето на границите, воставувањето на капиталистичкиот поредок и сите проблеми кои настануваат за време на нејзината младост. Таа како девојче, потоа девојка, па жена го доживува и преживува режимот на Хоџа, но и воспоставувањето на новото навидум слободно општество и сите предизвици кои тој општествен новум ги носи. 


Насловот на романот на Леа Ипи е Слобода, насловот на романот на Луан Старова е Граница. Тематски романите се слични, и двата се насочени кон исто нешто – границата и нејзиното затворање, животот вон и во границата, како и желбата за живот во и вон границата. Но разликата во насловите е интригантана. Имено, можеме да го поставиме прашањето дали слободата има граници, дали границите може да се некаква слобода, дали нивното затворање значи укинување на слободата и, уште поважно, дали нивното отворање, априори, значи слобода на граѓанството на една земја. Ова прашање е уште порелевантно ако го прашуваме во контекстот на погоре цитираното, во контекст на Балканот, каде што има многу држави со отворени граници, а навидум слободни, многу држави со демократски влади, но, сепак, само навидум слободни.


Границата и прашањето за идентитетот


Но, да се пишува, да се елаборира прашањето (или, концептот) на идентитетот, денес и овде, на Балканот, во Македонија – тоа значи, да се приложи и своја, лично „истетовирана“ реплика кон долготрајната и долгорочна провокација, со која сите ние, не само „регионално“, туку и егзистенционално, постојано се соочуваме како негови жители. [2]


Прашањето на границата е прашање на идентитетот, а прашањето на идентитетот може да биде егзистенционално прашање. Оти насилното менување на граница во која една група на луѓе живеат и нивно преселување надвор од таа граница или недозволување на преминување на таа граница подразбира не само проблем со основните човекови прави туку и проблем на личниот идентитет – имено, ниту еден слободен човек не може да остане свој кога е заробен во одредена граница која со сила му е наметната. Токму на ова се базира приказната за животот на Леа Ипи во романот Слобода. Малата Леа е родена и тргнува во училиште за време на режимот на Енвер Хоџа без да знае дека е внука на Џафер Ипи, десеттиот премиер на Албанија, оној пред Хоџа, кој е прогласен за квинслик. Нејзиниот идентитет започнува да се гради во режимска земја, во земја која по завршувањето на Втората светска војна станува затворена земја, земја на затворени граници под силен комунистички режим и целосно исклучена од комуникацијата со надворешниот свет, како и со целосно забранета религија. Паралелно на оваа општествена ситуација, која совршено се пропагира преку училиштето во кое малата Ипи оди, таа расте во семејство со баба која има и грчки корени, баба која е растена во француско училиште и која одлично зборува француски, како и со родители кои исто така се израснати со овој манир, со луѓе кои се религиозни и кои навидувам не ги интересира политика. Идентитетот на Леа Ипи значително, можеме да кажеме, си го доведува под знак прашалник кога Енвер Хоџа умира и режимот почнува да се распаѓа – тогаш таа е сериозно загрижена зошто нејзините родители не се тажни за смртта на „големиот државник“, како што не ѝ е јасно зошто само таа дома нема слика од Енвер Хоџа како сите нејзини другарки, како што не ѝ е јасно што кажува мајка ѝ кога скришно се моли, како кога силно се запрашува Каква е мојата биографија? во главата насловена како 471: Куса биографија. [3]


Додека зјапав со неверување во телевизискиот екран, каде што секретарот на политбиротото објавуваше дека политичкиот плурализам не е казниво дело, моите родители објавија дека никогаш не ја поддржувале Партијата за која гледав дека секогаш гласаа, дека никогаш не верувале во нејзиниот авторитет. Едноставно ги повторувале слоганите, и продолжиле да ги рецитираат, исто како и сите други, како и јас кога се заколнував на лојалноста во училиштето секое утро. Но, меѓу нас имаше разлика. Јас верував. Не знаев ништо друго. [4]


Последната реченица од овој цитат укажува на пресвртот на сопствениот идентитет. Пресврт и запрашување, едно застрашувачко љубопитство во смената на идентитетот на нејзината фамилија, фамилија за која била сигурна дека во нешто верувала, нешто во која и таа силно верувала (и била индоктринирана) и пресвртот кој нејзините родители (ѝ) го прават по промената на власта. Таа промена колку можеби и да е добра е шокантна, а со тоа самиот режим е длабоко навлезен во интимните чувства на една фамилија што сега може да направи раздор во неа самата. Раздор меѓу едно дете со неговите родители – затоа да се навратиме на цитатот на Шелева од Дом/Идентитет – да се елаборира прашањето (или, концептот) на идентитетот, денес и овде, на Балканот, во Македонија – тоа значи, да се приложи и своја, лично „истетовирана“ реплика кон долготрајната и долгорочна провокација [5]. Оваа лично истетовирана реплика е длабоко навлезена во сржта на идентитетот, во сржта на сопствениот дом, па секое разнишување на тој идентитет претставува подвојување на сфаќањето и за себе самиот и за семејството, како и за целото општество. Такво подвојување се случува кај Леа Ипи во Слобода, па преминот на еден општествен систем и поредок во друг не само што е чуден и непријатен туку засташувачки, но и збунувачки, особено во аспектот на тоа кога една млада личност гледа колку лесно личностите кои се колнеле во Партијата и системот кој таа го наметнува сега го прифаќаат новиот општествен систем и начин на функционирање. Сфаќањето на корумпираноста на тоа општество е идентитетско прашање – имено, корумпираност може да те воведе во длабоко философска промисла трагајќи по одговорите на прашањата: Каде јас живеам?, Каква е оваа држава?, Какво е ова општество?, Кое е моето место на светот? – токму затоа како што видовме погоре, Ипи го поставува прашањето Каква е мојата биографија? имплицирајќи на главното прашање Која сум јас?, прашање кое е нужно врзано со идентитетот на самата личност. И појавувањето на овој философски изблик поврзан со идентитетот не е воопшто за чудење оти и ова претставува прашање кое продира во човековата егзистенција и во таква паника меѓу промената на општествениот идентитет и промената на личниот идентитет, несомнено се поставуваат прашањата за личната есенција и егзистенција на личноста. Токму затоа во есејот Ах тие Балканци! од книгата Културолошки есеи на Шелева се вели: …под прашање се доведе есенцијалистичката, статична, фиксна концепција на идентитетот, во прилог и во полза на конструктивистичката теорија на идентитетот која со полна свест, предупредува на тоа, дека секоја нарација за идентитетот, неминовно е обусловена од егзистенцијалистичката позиција, од статусот на нејзиниот автор и раскажувач [6]. Вака гледано во Слобода на Леа Ипи имаме двоен идентитетски конструкт: 1. на сила конструирањето идентитет во општеството и 2. конструирање нов идентитет за тој присилен идентитет. Ова е неминовно кога личноста ќе стане свесна дека авторитетот наметнува идентитет и нужно е истиот да се деконструира кога е со сила наметнат и потоа одново да се конструира согласно со личносно воспоставените вредности, стојалишта и гледишта.


СЛОБОДАТА ВО СЛОБОДА

Се истражува слободата како концепт и што таа значи во конкретни ситуации: од можноста да се одбере патот од училиште до дома со неочекувани последици, до слободата во и вон контекст на социјализмот, внатрешната слобода, илузијата на слободата. „Слободата не станува жртва само кога другите ни кажуваат што да правиме, каде да одиме, како да се однесуваме. Општество што тврди дека им овозможува на луѓето да го реализираат својот потенцијал, но не ги менува структурите што го спречуваат развојот на тој потенцијал, исто така е опресивно.“[7]


Ова го истакнува преведувачката на Ипиовиот роман Слобода, Калина Малеска. Забелешката е важна поради контекстот на внатрешната слобода како и илузијата на слободата. Внатрешната слобода е нужно врзана со идентитетското и со општественото прашање и статус, одговорот на прашањето Дали сум слободен? потекнува од неколку моментуми:


  1. Дали живееме во слободен свет?

  2. Дали ми е ограничена слободата на движење?

  3. Дали можам слободно да говорам?

  4. Дали се чувствувам слободен?


Одговорите на сите овие прашања различно се формираат во однос на прашањето на личниот идентитет наспроти општественото случување, оти може светот да е навистина слободен, а јас воопшто да не се чувствувам така; понатаму може светот да не е слободен, но во мојот круг да се чувствувам слободен; можеби државата да е навидум слободна, а да нема јасна слобода на говор; можеби границите се отворени, но и нивното поминување да значи преминување од еден во друг повеќе или помалку слободен свет. 


Границата е референцјален и поливалентен поим, но и метафора за толкување и трасирање на определени (културни, но не исклучиво такви) вредности. Толкувањето на границата е прашање на позиција, гледна точка, партикуларна определба. Во теориска литература, можат типолошки да се разлачат на две начелни позции и определби на границата: негативна и позитивна имагологија.[8]


Ваквото дефинирање на границата од страна на Шелева во есејот Имагологија на границата врз примери од македонската литература совршено ни дава шлагворд за дефинирање на границата во романот Слобода од Леа Ипи. Имено, сликата за границата во романот на Ипи има флуиден статус. Статусот на границата на почетокот на романот е нешто што навидум ја осигура државата, а реално нешто што ги држи жителите на државата затворени и под диктат на Партијата. Таквиот статус на границата во текот на романот се менува, границата се отвора и сликата за неа преминува во граница како отвореност и на крајот како слобода. Но овој втор статус на границата за кој тука зборуваме претставува и страв, страв од новото, стравот од надворешното, но и стравот од минатото – минато кое за семејството на Ипи било низ неколку држави, преминувајќи неколку граници. Кога едно авторитарно општество, како она на Енвер Хоџа, се ослободува тогаш граѓанството влегува во еден нов мајндсет, еден целосно нов начин на живот, нов систем на вредности, нов модел на живот и соживот. 


Би било претерување ако кажам дека денот кога го прегрнав Сталин е денот кога станав возрасна, денот кога сфатив дека јас самата можам да му дадам смисла на својот живот. Но, не би било претерано да се каже дека тоа беше денот кога ја загубив својата детстка невиност. Првпат се запрашав дали слободата и демократијата можеби не се реалноста во која живееме, туку мистериозна идна состојба за која многу малку знаев.[9]


Моментот кога Леа Ипи првпат се запрашува за политичкото во нејзиното општество за судирот на социјализмот и капитализмот, како и за судирот на авторитарноста со слободното општество, таа го декларира како губење на невиност. Тоа губење на невиност е менување на идентитетот, отворање на идентитетското прашање кај личноста која се запрашува за статусот на политичкото во личниот живот, кога се менува средината и општеството во која личноста живее. Во овој споменат цитат од Слобода, Леа Ипи го начнува она што доаѓа подоцна и во самиот роман и во животот на Леа Ипи и албанското општество – менувањето на системот, воведување на демократски поредок и отворањето на границите. Запрашувањето на Леа Ипи за тоа дали слободата и демократијата се мистериозна идна состојба значи прашување за сопствената иднина, иднина која ќе го направи човека повеќе слободен, а можеби и повеќе груб оти како што вели Шелева во погоре споменатиот есеј: Повлекувањето (исцртувањето) граници не е нималку невин гест: тоа е повеќе или помалку суптилен метод на контрола и жигосување[10]. Леа Ипи е жигосана токму поради затворените граници, токму поради отворените граници. Нејзиниот живот е целосно определен од тоа затворање на границата во земја во која младината е крајно индоктринирана со авторитарната догма преку пропагандата во училиштата токму во перидотот кога Ипи е ученичка, а, пак, отворањето на границата значи целосно менување на секој сегмент на нејзиното живеење и приватно и јавно – и тука мислам на пребегнувањето на нејзината најдобра другарка во Италија заедно со локалниот „фраер“, вклучувањето на нејзините родители во политичкиот живот кој станува плурален (мајка ѝ на Леа Ипи влегува во Парламентот како пратеничка, а татко ѝ станува директор на јавно претпријатие), потоа дознавањето за вистината поврзана со Џафер Ипи, нејзиниот дедо кој бил премиер на Албанија пред Хоџа и кој бил соработник со фашистите и бил прогласен за квинслик, како и обидот за реафирмирање на семејните врски отаде границата, во Грција, потоа средбата со странските туристи кои почнуваат повеќе да доаѓаат во Албанија и, секако, Граѓанската војна која избива на улиците по албанските градови. Сите овие работи не само што ја изменуват младата девојка Леа Ипи, туку и целосно го реоформуваат, а потоа и, да повториме, жигосуваат и контролираат нејзиниот идентитет и суштина со што се прави еден целосен пресврт како животен така и на ниво на идеологија и философија што е неизбежно да се воспостави таа лично „истетовирана“ реплика кон долготрајната и долгорочна провокација, со која сите ние, не само „регионално“, туку и егзистенционално, постојано се соочуваме како негови жители[11]


Во последниот пасус од романот Слобода, Леа Ипи вели:


Мојот свет е исто толку далеку од слободата колку и оној од кој се обидоа да избегаат моите родители. И двата не го достигнуваат идеалот. Но, нивните неуспеси имаат специфични форми, и ако не ги разбереме, ќе останеме засекогаш поделени. Ја напишав мојата приказна за да објаснам, за да помирам, и за да ја продолжам борбата.[12]


Со овој пасус Леа Ипи ја реотвора и затвора темата на слободата која во романот е носечко прашање во текот на целата приказна. Самиот факт дека оваа книга која прво требала да биде философско-теориска расправа за совпаѓање на идеите за слободата во либералните и социјалистичките традиции, а прераснала во автобиографски роман базиран на личното доживување и преживување на тие идеи за слобода од двете идологии е доказ дека слободата е идентитетско, лично и интимно, како и огромно општествено прашање што толку длабоко продира во индивидуата што е невозможно да се одбегне, а, особено, невозможно кога станува збор за личност која преживеала два система, промена меѓу нив, граѓанска војна, пребегнување и, на крајот, иселување од таа земја во која лично верувала. Но главната порака од последниот пасус е дека ниту едниот ниту другиот систем не го исполнуваат својот идеал, туку, напротив, забегуваат во крајности кои фатално завршуваат и дека достигнуваат неуспеси кои прават меѓусебе да се поделиме и одвоиме и да воспоставиме граница. И тука одново се поставуваат прашањата:


  1. Дали живееме во слободен свет?

  2. Дали ми е ограничена слободата на движење?

  3. Дали можам слободно да говорам?

  4. Дали се чувствувам слободен?

  5. Дали вреди личната борба за слободата?

  6. Дали вреди колективната борба за слободата?

  7. Дали можеме да се избориме за слободно општество?

  8. Дали можеме да се избориме да бидеме слободни?

  9. Дали е возможна личната слобода?

  10. Дали е возможен целосно слободен свет?


Сите овие прашања формираат длабоко егзистенцијална и философска промисла што секогаш, ама буквално секогаш проникнува во креативноста и во уметноста. Оти тоа се местата каде што границите се вечно прекршени, каде што границите се непостоечки. 


СЛОБОДАТА НА ЕДЕН НОМАД


Албанската авторка Леа Ипи, протагонистка во романот Слобода кој ни беше главна водилка во овој текст моментално живее во Лондон, таа е универзитетска професорка и предава Политичка теорија на Лондонската школа за економија. Студирала философија и литература на римскиот универзитет Сапиенца, а докторирала на ЕУИ во Фиренца. Пишува философско-теориски текстови со фокус на политичката теорија, а се занимава со марксизам, критичка теорија, интелектуалната историја на Балканот, како и со Просветителството и со германскиот философ Имануел Кант. Ова биографско интермецо е значајно поради кусиот осврт кој следува во продолжение, а посветен на номадизмот како слобода, односно, на слободата на еден номад. Пред епилогот на романот, Леа Ипи раскажува за нејзината ситуација околу изборот на факултет кој сака да го студира и негодувањето на нејзиниот татко за изборот да студира философија. Тргнувајќи од познатата Марксова изјава дека Философите само го толкуваат светот; работата е тој да се промени таа влегува во една куса експликација околу дискусијата внатре во фамилијата околу нејзиниот интерес за Маркс кој според семејството Ипи не е пожелен философ, особено по паѓањето на социјалистичкиот систем во Албанија. Кон крајот на овој дел од романот се пишува:


„Не разбирам“, рече татко ми нервозно. „Никогаш не учеле филозофија во училиште. Ни Маркс. Како ќе им речам на луѓето да ми позајмат пари за нејзиното студирање? Да студира што? ФИ-ЛО-ЗО-ФИ-ЈА. Луѓето ќе мислат дека сме го изгубиле паметот. Што знае таа за филозофијата?“ Во неговиот глас имаше лутина[13].


И потоа продолжува со:


Таа ноќ направивме пакт. Тие ветија дека ќе ми дозволат да студирам филозофија, а јас ветив дека ќе се држам далеку од Маркс. Татко ми ме пушти да одам. Ја напуштив Албанија и го поминав Јадранското Море. Им мавтав на татко ми и баба ми[14] на брегот и отпатував за Италија на брод што пловеше врз илјадиници удавени тела, тела што еднаш носеле души поисполнети со надеж од мојата, но доживеале пострашна судбина. Никогаш не се вратив[15].


Во овој крај има неколку важни точки кои треба да ги искоментираме пред да дојдеме до иселувањето од родната земја и живеењето во странство. Најпрво расправијата за изборот на филозофија како предмет на студии – имено, тука се случува уште еден упад на општественото во личното. Изборот на философија за студирање и врзувањето стриктно на Маркс со тој избор произлегува од тогашната политичка ситуација во албанското општество – семејството на Ипи чувствува страв од тој избор оти чувствува страв и несигурно од претходниот систем, особено откако и овој, новиот, ги разочарува и целосно им го растура семејството. Тој упад на општественото во политичкото е причина за заминувањето на авторката од родната земја, таа постојана несигурност и никогаш неизбалансирано место за живеење ја присилува авторката да рече Никогаш не се вратив. Границата ја тера на преминување на границата и влегување во друга граница. 


Домот е психолошка градба; страв од неприпаѓање; верба во враќањата, кои ја одложуваат смртта; огниште на сигурноста[16] вели Никола Маџиров во есејот Безбедните граници на меѓупросторот до книгата Дом во тишина. Оваа констатација оти домот е психолошка градба оди во прилог на она од погоре дека границата секогаш остава еден истетовиран белег на секоја личност, а ова важи особено на личноста која лично ги преиспитува овие прашања, наспроти пасивното прифаќање на ситуацијата. Домот е психолошка градба оти сето она што се случува во домот без разлика дали со тоа мислиме на физичкиот простор кој го нарекуваме дома или на родниот град или на татковината тој влијае на личноста, ја креира нејзината психологија и психолошка состојба, неа ја гради – или веќе како што многупати беше кажано во овој текст – влијае на изградбата на личниот идентитет. Домот е психолошка градба кога таткото на Леа Ипи вели Како ќе им речам на луѓето да ми позајмат пари за нејзиното студирање? И Луѓето ќе мислат дека сме го изгубиле паметот, тој е психолошка градба кога како личност тој дом те става под знак прашалник, кога тој го преиспитува твоето лично постоење, кога прави самиот да си ги поставиш тие десет (а и многу повеќе, секако) прашања од погоре. 


Домот е психолошка градба кога Капка Касабова во романот Граница вели Мојата генерација во Источна Европа созреа со падот на Берлинскиот ѕид. Во сенка на оваа граница поминаа моите детски години во Бугарија, во времето на последната фаза на „социјализмот со човечки лик“, како што гласеше несреќниот слоган во тоа време. Така, беше природно патувањето околу границата целосно да ме обземе[17]. Имено, општеството го провоцира преминувањето на границата, преминувањето на отворената граница или нелегнално пребегнување преку затворена граница како во Граница на Луан Старова. Домот е психолошка градба оти провоцира. Или ни го наметнува длабоко во нас за на прашањето Што претставува границата надвор од дефинициите во речникот? да одговориме Таа е нешто што го носиме внатре во себе[18]. – тука, домот е психолошка градба, оти ни ги наметнува гранците и нивното нормализирање како носечко внатре во себе. Како и поривот за нивното преминување – нешто што го носиме во нас самите. Таа изградба на идентитет, тоа пребегнување отаде границата, тоа носење на судбината со себе, а таа предодредена од минатото на семејството, како и од минатото на целото општество (како што е случајот со Леа Ипи и нејзиниот дедо политичар) е трансгенерациско искуство произлезено од траумата која ни ја пренесуваат нашите претходници – токму затоа Кица Колбе го започнува најновиот роман Простување со реченицата Лузните од војните врз душата на нашите родители, се нашите фантомски болки[19]. Оти тие лузни, таа истетовирана реплика го предодредува човековиот живот. И тогаш, како да не се прашаме Дали е ова слобода?, како да не речеме: Никогаш не се вратив.


Белешки

[1]Елизабета Шелева,  Границата како трауматско искуство и креативен предизвик.

[2]Елизабета Шелева, Дом / Идентитет, Скопје, Магор, 2005, стр. 48.

[3]Леа Ипи, Слобода, прев. Калина Малеска, Скопје, Или-или, 2024, стр. 50.

[4]Ibid. стр.137.

[5]Елизабета Шелева, Дом / Идентитет, стр. 48.

[6]Елизабета Шелева, Културолошки есеи, Скопје, Магор, 2011, стр.59.

[7]Калина Малеска, „Слобода“ е напишана со емпатија, интелигентен хумор, со голема доза самокритичност, на Умно.мк, 1.12.2024 (линк: https://umno.mk/sloboda-e-kniga-napishana-so-empatija/?fbclid=IwY2xjawISHIpleHRuA2FlbQIxMQABHRyrlYykKE3klkSFcj5YomprfCDtDfgTaLRujLM5y6Jnv8WspAS9Y1mQvg_aem_eupAxlmiXGYBloXI2jHCMg - пристапено на 6.2.2025)

[8]Елизабета Шелева, Дом / Идентитет, стр.63.

[9]Леа Ипи, Слобода, стр. 39.

[10]Елизабета Шелева, Дом / Идентитет, стр. 64.

[11]Ibid., стр. 48.

[12]Леа Ипи, Слобода, стр. 310.

[13]Ibid. стр.303-304.

[14]Вели дека им мавта само на татко ѝ и баба ѝ оти нејзината мајка и нејзиниот брат веќе пред тоа пребегнуваат со брод од Албанија во Италија поради силен политички притисок кој го чувствува мајката на Леа Ипи. Неколку години по заминувањето на Леа Ипи од Албанија починува нејзиниот татко, а потоа и нејзината баба, мајката и брат ѝ на Ипи се живи до ден денешен и се постојана комуникација со неа.

[15]Ibid. стр.304.

[16]Никола Маџиров, Дом во тишина, Скопје, Арс Ламина – публикaции, 2024, стр.40.

[17]Капка Касабова, Граница, прев. Бранислав Мирчевски, Скопје, Или-или, 2024, стр. 13.

[18]Ibid. стр. 22.

[19]Кица Колбе, Простување, Скопје, Или-или, 2024, стр. 7.


Библиографија

  1. Ипи, Леа. Слобода. Прев. Калина Малеска. Скопје: Или-или, 2024.

  2. Касабова, Капка. Граница. Прев. Бранислав Мирчевски. Скопје: Или-или, 2024.

  3. Колбе, Кица. Простување. Скопје: Или-или, 2024.

  4. Малеска, Калина. „Слобода“ е напишана со емпатија, интелигентен хумор, со голема доза самокритичност на Умно.мк, 1.12.2024 (линк: https://umno.mk/sloboda-e-kniga-napishana-so-empatija/?fbclid=IwY2xjawISHIpleHRuA2FlbQIxMQABHRyrlYykKE3klkSFcj5YomprfCDtDfgTaLRujLM5y6Jnv8WspAS9Y1mQvg_aem_eupAxlmiXGYBloXI2jHCMg – пристапено на 6.2.2025)

  5. Маџиров, Никола. Дом во тишина. Скопје: Арс ламина – публикации, 2024.

  6. Старова, Луан. Граница. Скопје: Три, 2017.

  7. Шелева, Елизабета. Границата како трауматско искуство и креативен предизвик.

  8. Шелева, Елизабета. Дом/Идентитет. Скопје: Магор, 2005.

  9. Шелева, Елизабета. Културолошки есеи. Второ издание. Скопје: Магор, 2011.


Comments


bottom of page