top of page
Writer's pictureКултура β

Скопје СИ ТИ: „Света земја“ од Дарио Постоловски

Света земја


Скопје и за мене е Назарет

каде се вратив сал’ заради судбината,

каде се ширеа пизми и духовен смет,

каде ме огорчи сведоштвото на мачнината.

 

Скопје и за тебе е Назарет

каде во јуноста лачот на сијалиците те израсна,

каде болот го зацврсти срцевиот твој сплет,

каде низ виор на паќето, сочувството на тебе се срасна.

 

Скопје и за мене е Гетсиманија,

начело на стравотија ми стануваат сите сподобија

со строежот и сразмерноста на сите зданија

пред да се оддадам на нив, на робија.

 

Скопје и за тебе е Гетсиманија,

тихо нурнуваш тука во своето бдение,

при ноќниот болскот спливнуваш во созерцанија

и испливуваш без уплав со ново мнение.

 

Скопје и за мене е Голгота,

прикрепени на мостовите ќе ми бидат двата длана

и нозете со клинци ќе ми се сплотат

сосе страста на стрмните градби клана.

 

Скопје и за тебе е Голгота,

позориште на твоите прегори

кои дури и корави срца кротат

и од нив творат нови животи, нови створи.

 

О кога водите вардарски би заплискотиле

сосе сека солза по паќево што се лее,

ако сите спротивности би ги сплотиле

би можела ли, мојава душа, со твојата да се слее?

 

И да понирам повтор во твојата прегратка,

опкружен од нашава земја проклета

па дури и вечноста тогај да наликува кратка,

опкружен од нашава земја света!


 

Песната „Света земја“ беше прочитана на поетскиот настан за млади „Скопје СИ ТИ“, во рамки на „Денови на поезијата“ во Скопје Сити Мол.


Дарио Постоловски (2007) е ученик во втора година во СУГС „Јосип Броз Тито“, филофил и уметник, заинтересиран особено за семиотика, теологија и филозофија, кои, заедно со луѓето кој му се блиски, го сочинуваат главното вдахновение за неговата поезија. Неговата желба е преку уметноста да ја потенцира разнообразност во човечката состојба а и единството вродена во таа разнообразност. А притоа и меѓузависноста на спротивностите, поттикнувајќи заемна љубов и самопрегор, вжарувајќи го вечниот пламен на бунтовничкиот уметнички дух и наоѓајќи синтеза на традиционалната и модерната уметноста со надеж за трета преродба на уметноста во регионот.

Recent Posts

See All

Песна од Ева Спасевска

*** Одвреме-навреме, во сон ќе го видам неговиот лик како на слика кој лицемерно ќе ме праша дали сум жива - „добро сум“ е секогаш моја...

Comments


bottom of page