„Си ги износив зборовите...“ од Викторија Ангеловска
- Култура β
- Apr 9
- 2 min read
////
си ги износив зборовите,
се повлекувам. нема кој да ги наследи.
сега молчам пред себеси
како монах што штотуку
ја кажал својата последна молитва.
тивко е. веќе не знам
што друго има за вкусување
кои текстури уште треба
да ги допрат прстиве
кога сѐ делува така застарено, веќе видено
како сѐ веќе
да сум допрела, да ме допрело.
што е ова што ми гори меѓу градите?
што ме тера да помислувам
да се откажам од ова тело
да станам ветер
да ѝ пркосам на гравитацијата
така лесно да ме снемува.
никој никогаш да не сфати
каде одам
и од каде доаѓам.
Викторија Ангеловска (2002, Скопје) студира на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, Скопје. Авторка е на стихозбирките „Станица 15“ (ПНВ Публикации, 2019) и „Ноќта сѐ знае“ (ПНВ Публикации, 2023). Учествувала на интернационалниот поетски фестивал „Стих у регији“ во Загреб, Хрватска, на Светскиот поетски фестивал Патра во Грција, на Струшките вечери на поезијата, на „Астални проекции“, на „Прво па женско“ во МКЦ, на „Отскочна даска“ во рамки на Скопскиот поетски фестивал, на „Поетска епизода“ и „Клинци“ во организација на „Култура Бета“ како и на други поетски читања. Застапена е во „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“, приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски (2023, ПНВ Публикации), како и во „САМОДИВИ: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“ приредена од Славе Ѓорѓо Димоски и Јулијана Величковска (2023, Поетска ноќ во Велестово). Нејзини песни се преведени на хрватски јазик и објавени во списанието „Поезија“ и во хрватската антологија на современата македонска поезија „Pronađena riječ“ („Пронајден збор“, 2023, ХДП). Дел е од платформата „Версополис“. Член е на управниот одбор на Скопскиот поетски фестивал.
Comentarios