top of page
Writer's pictureКултура β

„Секој секому огледало“ на Андреј Ал-Асади

Со песната „Секој секому огледало“ го најавуваме Андреј Ал-Асади, еден од учесниците на 2. Скопски поетски фестивал кој со своите стихови ќе се претстави на настанот „Во друштво на мртвите поети: како битник ‒ џез и поезија“ на 30 август во Младинскиот културен центар. Станува збор за тематско поетско читање посветено на битничката генерација поети, на кое авторите во придружба на џез-музичарите Шамба и Сол ќе читаат своја поезија на начинот на кој тоа го правеле битниците.

Секој секому огледало


Во малтерот помеѓу две куќи

и кожата помеѓу чифт гради,

низ знаците на каменот

и кругот на прегратката,

луѓето секогаш во парови

одлетуваа кон вселената.


Во мракот заробен помеѓу две дланки стиснати

и мартинката сплетена од две насмевки ненадејни,

луѓето почнуваа да разбираат кои се:


и секој секому огледало,

и ништо да не остане недоречено.

Андреј Ал-Асади (1996, Лондон) дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на стихозбирките “Midnight Blues” (2013, Антолог), како и „Под дервишовото сиќе“ (2018, ПНВ Публикации), „Небесна геометрија“ (2019, ПНВ Публикации) и „Секој секому огледало“ (2022, ПНВ Публикации) со кои влезе во најтесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат СВП. Автор е и на збирките раскази „Друго минато“, за која во 2018 г. ја доби наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите“ од „Темплум“, и „Утрото на бессоните“ (2021, Бегемот). Учествувал на повеќе поетски читања и фестивали, меѓу кои: Поетска ноќ во Велестово и Струшките вечери на поезијата. Негови песни се преведени на англиски, на арапски, на српски, на хрватски и на италијански јазик.

Comments


bottom of page