top of page

„Седумте степени“ од Андреј Ал-Асади

  • Writer: Култура β
    Култура β
  • Apr 3
  • 3 min read

Updated: Apr 4

СЕДУМТЕ СТЕПЕНИ


Покајание – созерцание низ дејание

Дур си кажал „оп!“, си паднал в дупка гладна.

Смут, па лут! Укруп, па умут!

Од ут и луд до трут и глуп!

Оставаш суд, оставаш суд!

Забораваш на сѐ што некогаш било,

Се снило, па во акалот гнездо си свило

Ко змија однадвор студена и мека,

Однатре – топол чемер сета

Што низ јазлестите дамари ползи

За со прашести солзи 

Да се миеш од минтатото клето

Што те зазгризало на почетокот од летот.

А леташ, леташ, леташ

И си мета, мета, мета!


А потоа – Будност!

Бегаш од сѐ, зарем не!?

Дури и самиот од себе!

Небаре носиш маска

И змијата пред тебе сега мласка,

А раска гледаш, и греда чувствуваш.

И, иако едната нога трча, а другата каска,

Ништо не одминуваш,

За местото да му го одредиш,

За времето да му го разрешиш.

Па, голташ грумец студ

И креснак од ургија кинеш лут.

Влегуваш во излезот,

Излегуваш од влезот.

Пред да стапнеш на третиот степен,

Го гледаш на стравот черепот расцепен!


Испосништво – што!?

Зар овој врел дел што во тебе топотел,

Те вардел од погибел

Дур си арчел дел по дел,

Не знаејќи дека мечот на умот се абел

Од минливи нешта, а душата вешта

Се кристализирала за да чува пешкеш свеж

И ти го дари, штом сфатиш 

Дека од иста ствар можеш

Да зазијаниш и да ќариш.

И стоиш така заѕурен в точка

Врз небесниот задник на атот,

Не думајќи се веќе дал да полеташ

Ил да чекаш 

Да прдне тој и да се свргалиш в блато!


Но сега за Сиромаштво е саатот!

И сѐ што е твое да стане Негово,

И сѐ што е Негово да остане Негово!

Смртта – куса, животот – покус,

Но двете со истиот горлчив вкус!

Па, сукај ракави за ништо да не дофатиш,

Слечи наланки за сегде да доодиш.

Земај струг и себеси крут

Делкај се во човек горделиво друг!


Трпение

Созерцание, но сега без дејание.

Телесната болка ја ставаш в школка

И ја фрлаш смело 

Во врелото ждрело на змејот сонлив

Што во тебе се испилил со опаш ѕвонилив,

Каде што порано беше стариот крекло.

Па, трпиш, трпиш, трпиш...

И црпиш, црпиш, црпиш...

Уверение, доверение, поверение...


И Довербата наеднаш светка

Ко солза врз трепка 

Сред ноќната глетка.

И срцето порта

Нанадвор и навнатре отворена,

А од неа излетува јастреб

Што го колва тоа што засекогаш ќе те затре

И нурнува наеднаш во ретината на утрешнината…


За најнакрај, Задоволството да се спушти

Ко мир, ко студен вир

Во владбнатината над клучната коска,

И в сладост да се впуштиш

Низ светот што шушти

Ко молец, молец заробен в сончев фенер,

Ко кравата што рида крај пцовисаното теле.

Јад, глад, страд

Напред и зад

Сето тоа истопено в складен слад

Што сега капе во тебе

Ко во избрусен сад!


(Од книгата поезија „Рубедо“ во најава)



 

Андреј Ал-Асади (1996, Лондон) дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на стихозбирките “Midnight Blues” (2013, Антолог), како и „Под дервишовото сиќе“ (2018, ПНВ Публикации), „Небесна геометрија“ (2019, ПНВ Публикации) и „Секој секому огледало“ (2021, ПНВ Публикации) со кои трипати влезе во најтесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата, а добитник е на наградата „Енхалон“, што исто така ја доделуваат Струшките вечери на поезијата. Автор е и на збирките раскази „Друго минато“, за која во 2018 г. ја доби наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите“ од „Темплум“, и „Утрото на бессоните“ (2021, Бегемот). Учествувал на повеќе поетски читања и фестивали, меѓу кои: Поетска ноќ во Велестово, Струшките вечери на поезијата, Светскиот поетски фестивал во Патрас, Грција, и на интернационалниот поетски фестивал „Стих у регији“ во Загреб, Хрватска. Негови песни се преведени на англиски, на арапски, на српски, на хрватски, на босански, на грчки и на италијански јазик. Член е на управниот одбор на Скопскиот поетски фестивал.


Commentaires


bottom of page