top of page
Writer's pictureЛеонид Велковски

Рецензија кон „М“ на Вардан Тозија

Второто долгометражно остварување на режисерот Вардан Тозија ,,М’’, македонската премиера ја имаше на 22. Меѓународен фестивал на европски филм – Синедејс (CINEDAYS). Филмот го отвори филмскиот фестивал, со рекордна посетеност од страна на публиката, околу 1000 луѓе го погледнаа филмот во паркот МКЦ и во киното Фросина.



,,М“ е во режија на Вардан Тозија, сценариото е напишано од Вардан Тозија и Даријан Пејовски, директор на фотографија е Владимир Самуиловски, монтажата е на Атанас Георгиев и Благоја Неделковски, музиката е од Натаниел Бергесе. Актерската екипа ја сочинуваат: Матеј Сиваков, Александар Ничовски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Камка Тоциновски, Бојана Грегориќ, Оливер Митковски, Владимир Тулиев и други.


По 7 години од дебитантскиот филм ,,Џган’’, Вардан Тозија се враќа со дело кое тематски и визуелно е целосно спротивно од првенчето. ,,М’’ е жанровски филм, дистопија, односно ,,дистописка бајка’’. На навидум едноставната и класична жанровска наративна линија, Тозија ѝ додава една бајковита или детска визура. Главниот лик Марко живее со својот татко во ,,магичната’’ шума, бидејќи во светот владее пандемија, вирус, од кој луѓето стануваат зомби. Сепак Марко постојано ја раскажува приказната за ,,магичната’’ шума и Детето – лисја, кое еден ден ќе биде доволно силно да излезе од шумата и да ја најде својата самовила.


Марко ќе се сретне со Мико, дете со Даунов синдром и по два несреќни случаи во шумата тие ќе ја напуштат шумата и ќе тргнат кон ,,камената долина’’ со цел да ја пронајдат самовилата.


На почетокот, филмот се служи со реминисценција, односно флешбек како стилска фигура, најавувајќи што ќе се случи понатаму. Прераното откривање на одредени елементи од приказната, го намалуваат драматуршкиот ефект и изненадувањето што треба да го донесе пресвртот во првиот чин. Во првиот чин, приказната е поставена, но претставувањето на одредени елементи од приказната и минатото на ликовите, само го најавуваат крајот, односно го откриваат и приказната станува многу брзо предвидлива. Она што можеби фали е поголемо објаснување за заднината на ликовите и нивните мотиви и на кој начин се случила таа пандемија.


Понатаму филмот повторно нецелосно се задлабочува, односно не нуди комплетно објаснување за тие одредени страни на луѓе кои се појавуваат и која е навистина нивната цел, идеолошки, во тој распаднат свет. Едните бегаат во шума и се трудат да преживеат, другите се трудат да направат револуција, третите се приврзаници на стариот систем и се обидуваат да воведат ред?


Во целосната структура на филмот, како да фали еден поголем пресврт и посилен крај.


Сепак од друга страна, тие недостатоци може да се оправдаат со детскиот поглед на тој дистописки свет. Едно дете не би знаело сè и не би ја разбрало длабочината на општествениот неред. Тоа само се обидува да ја постигне својата цел и да го најде тоа што најмногу му фали, а тоа е љубов. Филмот вешто игра со мотивот на љубовта, а тоа е најзабележливо во односот помеѓу Марко и татко му каде преку визуелниот јазик и актерската игра, суптилно се пренесува пораката за возвратената и невозвратената љубов, како и односот помеѓу Мико и мајка му, како паралела, односно спротивност.


Метафората на буквата ,,М’’, која е изгравирана на раката на Марко е сврзно тикво во филмот. Буквата е и поентата на филмот, на повисоко ниво ни ја раскажува потребата на Марко како и неговата посебност, односно става акцент и поврзува.


Неминовно е да се пофали одличниот продукциски дизајн на филмот, сценографијата, шминката, солидните визуелни ефекти и извонредната фотографија. Многу вешто само преку визуелното се постигнуваат и доловуваат одредени поенти, а дијалогот е скоро минимален, без многу непотребни објаснувања, туку со повторувачки реплики, кои не дозволуваат да се скршне од целовитоста на нарацијата. Продукцискиот дизајн, кој целосно е уверлив и нè внесува во тој дистописки свет е надополнет со играта на светлото и сенката. Локациите се исто така добро избрани и снимени, создавајќи неколку паралелни ,,светови’’, на уништена цивилизација, Скопје во дистописко руво и магловита шума. Движењето на камерата е пренагласено, во филмот има малку статични кадри, а неуспешните обиди во движењето на камерата и континуитетот монтажно се прикриваат. Зомбињата иако добро се изведени, сепак вешто се прикриваат, но она што можеби и фали е уникатноста во нивната изведба. Сепак веројатно акцентот не треба директно да падне на нив, па затоа се компензира, иако можеби ако би имале нешто поспецифично за нив, тие би биле уште поуверливи.


Музиката нè вовлекува во тој интимен детски свет, но на моменти е прекористена. Онаму каде што ефектот може да се постигне преку атмосфера, шумови и глума е некако задушен намерно или ненамерно со музиката. Прекрасната музичка тема, која ја слуша Марко на слушалки за да се утеши е и лајтмотив во филмот, никогаш не ја слушаме до крај, но е емотивна и драматуршки оправдана.


Матеј Сиваков во улогата на Марко емоцијата ја вади доволно добро и нема простор за сомнеж, иако на моменти се насетува режисерската интервенција, на пример во моментите на покажување страв и онаму каде што плаче. Истото важи и за Александар Ничовски во улогата на Мико, кој освојува со својата природност, искреност и суптилност.


Сашко Коцев во улогата на таткото на Марко, иако помалку воздржано и без поголема експресија се обидува да го изнесе внатрешното чувство, овој пат ја покажува својата актерска вештина поуспешно, особено во емоционалните моменти, каде што преку уверлива експресија и со одредена длабочина ја претставува маката и психичката состојба на ликот.


Впечатливи актерски изведби прават и Камка Тоциновски во улогата на мајката на Мико, Тони Михајловски во улогата на Јон, предводник на револуционерите, како и Оливер Митковски и Владимир Тулиев, кој се појавува во една многу впечатлива и тажна сцена.


,,М’’ е освежување во македонската кинематографија бидејќи е преседан од аспект на жанрот, како и во режисерскиот пристап кон третманот на приказната и визуелниот јазик. Филмот е остварување кое ќе ја примами пошироката јавност и веројатно ќе ги наполни киносалите.





Comments


bottom of page