top of page
Writer's pictureИван Николов

Раскажувањето како форма на протест

Основата на модерното и на секое општество е приказната, односно митот. Насекаде околку нас сме опкружени со приказни и со раскажувачи. Не мислам само на бабите што ги плашат децата со приказни или за озборувачите покрај кафето. Зборувам за сè.


За луѓето да се групираат во заедници со големи бројки потребно им е некакво лепило, некаква заедничка мисла или идеjа која ќе ги спојува. Ние не можеме интимно да се знаеме со сите наши сограѓани во нашата населба, град или држава. Mожеме да имаме само релативно мала мрежа на контакти, но сите сме заедно групирани затоа што веруваме во приказната која што е основата на таа заедница.


Зошто парите имаат вредност иако објективно тие не прават ништо? Ние потпишуваме општествен договор дека тие ќе имаат функција да ја квантифицираат купувачката моќ на еднa личност. Ако едно општество престане да верува во приказната на парите тогаш настапува тотален хаос. Настапува хиперинфлација, тие ја губат својата вредност и се само листови од хартија. Луѓето наоѓаат други начини да го исполнат вакуумот кој што ќе се направи, но тоа честопати знае да биде крваво. Затоа одредени личности и институции ќе пробуваат сè за да си го заштитат својот мит.


Моментално актуелен е митот за Жан Митрев кој што е изграден со децении. Кога ќе се спомне неговото име вие го асоцирате со неговиот голем и ,,успешен’’ (*ахам* прескап) ланец на клиники низ Македонија. Го асоцирате со квалитет и безбедност, се чувствувате во сигурни раце, но денес е ставена во прашање неговата валидност. Дознаваме дека тој правел неетички капиталистички зделки кои влијаеле лошо врз животите на луѓето кои тој ги лекувал, индиректно загрозувајќи ги неговите верници. Дури и неговите свети документи, неговите дипломи и награди се поставени под лупа и пронајдени се лагите кој што се основата на култот за Жан Митрев. За Жан ќе видиме како ќе ескалира ситуацијата, ако воошто, можеби приказната е испратена да се дивергира вниманието намерно од некое друго злодело, не знам. Модерните раскажувачи на митовите се рекламите и медиумите. Тие ти сервираат веќе обработена информација спремна за конзумирање со некоја задна намера, не дека истото порано не се правело од страна на кралевите и нивните разгласници.


Сега сакам да дадам примери од минатото за битни митови.


Централната фигура во Француската држава бил кралот. Самите кралеви давале изјави ,,Јас сум државата”. Но како стигнале сите Французи да го прифатат тоа? Да служат на еден мрзелив експлоитатор? Како тој натерал цела нација да биде под своето колено? Па наративата или митот која што била основата на тогашното француско општество била дека кралевите се испратени од Бог да им служат на Французите и да ги чуват нивните интереси. Но заради неколку години луксузни балови преполни со јадења за аристократијата и гладни години за народот, се довело до прашање митот на француската држава и врз што требало да се темели. ,,Јадете торти ако немате леб” е познат цитат од ова време. И гневниот народ со копја во рацете го зеле мастилото и ја преформулирале приказната. Ги смениле главните ликови и настани и нова Франција била родена после ревоцулицјата. Француската револуција ги инспирирала другите народи во периодот од XIX век наваму да си ги преиспитаат митовите според кои се основани нивните општествени институции и договори. Овој период е познат како период на национално будење на народите.


Македонија си има свои митови и легенди, свои митолошки херои и настани. Како што се Ромул и Рем за Рим, така за нас се Гоце Делчев и Никола Карев. Француска револуција и Илинденско востание. Тие се основата на нашата модерна држава и не смеат да се променуваат и да се доведуваат во прашање затоа што тие служат точно одредена функција. Нивната функција е да се слушне нашиот глас. Дека ние постоиме и ние сме живи. Ние сме под напад и нашите митови се штитот од туѓото влијание. За што се бореле Гемиџиите кога го распукале Солунското пристаниште? За што си ги дале своите животи против турскиот аскер? За нивната приказна да е заборавена? НЕ! Со цел светот да види дека тука нешто не е во ред. Дека тука нешто е поинакво од другите.


Секоја приказна може и се менува со текот на време, но таа сепак мора да се држи за својот корен. Инаку, нема да е истата приказна.


 

Сите автори стојат во целост зад кажаното во своите колумни, дела, песни, кратки раскази и друг вид на текстови кои ги објавуваме. Култура β не мора секогаш да се согласува со ставовите на авторите, а искажаните ставови не секогаш ја рефлектираат уредувачката политика на Култура β.


Comments


bottom of page