кон „Кандид“ на Волтер
Зошто философот Волтер се одлучува да го критикува философот Лајбниц во едно книжевно, а не во философско дело, останува прашање кое со години се провлекува како проблем. Како што е добро познато философот Готфрид Вилхелм Лајбниц во својата Монадологија ја протежира тезата дека овој свет е најдобар од сите можни светови. Ваквиот став наидува на неразбирање, негирање, толкување, отворање на разни дискусии низ речиси целата историја на философија по Лајбниц, сѐ до ден-денешен. И очекувано е ставот дека овој свет е најдобар од сите можни светови да наидува на толку дискусии со оглед на тоа што можеме да го поврземе со уште една голема тема која има врска со христијанскиот Бог, но и со античките концепти за присуството на злото во човековиот добар свет, а секако се врзува и со едно од т.н. вечни философски прашања, кои прашуваат дали човекот во овој свет се раѓа добар, па светот го прави лош или, пак, злото, како и доброто, е нужен дел од човековото суштествување.
Ваквите прашања секако дека ги познавал и философот, поетот, писателот Волтер и секако дека за нив и зборувал во своите философски дела, но и секако дека ниту тој како и ниту еден друг философ не дал конечен одговор на овие прашања. Но, начинот на којшто Волтер пробува да реплицира и да отвори дискусија со Лајбницовата теза дека овој свет е најдобар од сите можни светови, првин може да се каже дека е интересен, а потоа може да се каже и чуден, а откако ќе се прочита Кандид што не е философска расправа туку роман, може да се каже дека е недоволна реплика на Лајбницовата теза. Зошто? Имено, Волтер, кој инаку е познат по својот цинизам, исмејување, вербално карикатурирање на личностите кои тој ги нарекува „мразачи на философијата“, а како што ќе забележи и Коплстон во шестиот том од својата Историја на философија, бидејќи Волтер „бил суетен, одмаздољубив, циничен и интелектуално бескрупулозен“ [1], се решава да направи еден роман во кој ликот Кандид ќе влегува во разни заплети и ќе поминува низ разни перипетии од кои може да се извлече и критиката кон Лајбницовата теза. Но каде е проблемот? Имено, Волтер се решава за еден Раблеовски пристап кон критиката т.е. тој решава да ја стори критиката карневалски, влегувајќи во екстреми, со хумор без граници и без некаква реална и суштинска философска експликација во врска со тезата која тој си ја брани т.е. антитезата со која тој напаѓа, односно, дека овој свет не е најдобар од сите можни светови наспроти Лајбницовите тврдења.
Како се движи Волтеровата критика во Кандид која и тешко би можела да се нарече критика туку повеќе некакво исмејување и шегување со тезата на Лајбниц. Волтер го поставува својот лик Кандид од истоимениот роман, во најразлични ситуации во кој тој запаѓа во неволји и бива казнет. Кога се соочува со казната тој во својата агонија го поставува прашањето: Како може да бива вака казнет во најдобриот свет од сите можни светови? И особено проблематично е, покрај тоа што во најкомичните ситуации го поставува тоа прашање, прашањето е секогаш придружено со ироничен тон, цинизам или доза на шега. И нема да е проблем ваквиот пристап кога ситуациите во кој запаѓа Кандид не се и повеќе од апсурдни и проблемите со кои се соочува не само што не го прават овој свет помалку или повеќе лош туку не ни влијаат на поврзаноста на добрината како етичка категорија или морална парадигма со личните случувања на ликот. Во шестата глава од Кандид, можеби се случува и една од најапсурните ситуации во кој ликот Кандид запаѓа, а тоа е неговото камшикување по задникот според тактот на музиката, додека пееја, за на крајот од таа глава да се додаде „Ако ова е најдобриот од сите можни светови, какви ли се другите?“ [2]
И немаше да биде проблем да се постави ова прашање бидејќи очекувано е кога се зборува за нешто најдобро, а особено за свет, да се наметне прашањето поврзано со тоа во споредба со кој друг/и свет или светови е овој најдобар. Но, кога предвесник за ова прашање е камшикување во ритамот на музиката и песната, а притоа најиронизирано се поставува проблемот, тогаш Волтер како философ има проблем во поставувањето на антитезата која пробува да ја насочи кон Лајбниц. Ваквото иронизирање секако е присутно во многу наврати, уште на самиот почеток кога тој прави шеги на сметка на германските имиња на градови измислувајќи ултрасложено има за град, потоа определувањето на предметот на интерес на ликот Панглос како метафизико-телого-космолонигологија со што прави и шега на сметка на тавтологијата, но и на одредени философски дисциплини правејќи голема придавка од неколку сложени зборови, понатаму иронијата ја има и во префрлањето за концептот на доволна причина итн.
Прашањата поврзани со Лајбницовата теорија секако дека треба да се прашува, оти тоа е една од теориите кои се полни загатки, теории кои предизвикуваат прашања, дискусии и расправи. Контра на тезата на Лајбниц нужно е да се наметне прашањето за Бог, за неговата интервенција во светот и потребата од вметнувањето на зло во него. Понатаму, нужно е да се спомене и христијанската теорија за рајот, дрвото на знаењето и приказната за првиот грев, како таа би се толкувала во однос на Лајбницовата теорија. Потоа, може да се зборува за етичките и аксиолошките димензии на Лајбницовата теза, а секако и неодминливо прашање е она поврзано со другите светови, кои се тие и какви се, а секако треба да се дискутира и тезата дека ова е и свет кој е најлош од сите можни светови. И, секако, дека ова не се сите можни прашања. Па така, Волтер наместо да тргне од некоја од овие позиции или од некоја целосно различна и друга позиција, тој решава да влезе во шега, да ги постави дејствата на Кандид небаре тој е лик од витешки роман, а не од ‘философски’ како што Кандид и мноштво толкувачи на философијата и теориетичари на книжевноста сакаат да ја определат, се решава за едно крајно Раблеовско решение или, како што би посочил Бахтин, при поставување на целата атмосфера во карневалски дух, се реашава за вулгарен и уличен говор, со исмевање баз санкција, со превртување на хиерархијата, со претставување на некаков хаос [3]. Неразбирливо е зошто Волтер не пристапува сериозно философски и зошто за оваа тема не влегува во философска расправа како што влегува за други прашања и зошто решава само попусто да го исмее Лајбниц како да ќе го стори со тоа овој свет подобар свет од сите други можни светови.
Белешки:
[1] Фредерик Коплстон, Историја на филозофија: Просветителство: Од Волтер до Кант, Том VI, Прев. Весна Ликар, Скопје, Арс Студио, 2015, стр.19.
[2] Волтер, Кандид / Задиг, Прев. Паскал Гилевски, Скопје, Конгресен сервисен центар, Полица, 2021, стр. 28.
[3] Според: Михаел Бахтин, Рабле и неговиот свет: карневал и гротеска.
Comments