top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Предлог книга: „Секој ден песна: мала антологија на светската поезија“



Наслов на оригиналот: Секој ден песна: мала антологија на светската поезија

Приредувач: Никола Гелевски

Издавач: Темплум

Година на издавање: 2024

Број на страници: 166

Жанр: Поезија


Еден од новитетите на издавачка куќа „Темплум“ на овогодинешниот Саем на книга е малата антологија на светската поезија наречена „Секој ден песна“, наслов со очигледна алузија на рубриката „Секој ден песна“ од порталот „Окно“, кој годинава прославува 15 години работа. Оваа мала антологија се состои од 100 песни од 50 поети и 50 поетеси од светот, а е приредена од Никола Гелевски. Сместена како шеста книга во едицијата „Модерна Македонија“, каде што досега се објавени стихозбирки или избори поезија од Влада Урошевиќ, Блаже Конески, Лилјана Дирјан и Славко Јаневски. 


Во предговорот, Гелевски истакнува: „Изборот е мошне личен, ги избрав песните кои во прв ред ми се допаѓаат. Во втор и трет ред ги избирав и според темите, географијата, возраста на автор(к)ите, читливоста, итн. Антологијава е современа иако најстарите застапени автор(к)и се родени пред 110 години. Сеедно, сметав дека се современи, од разни причини; една од нив е воспоставувањето континуитет меѓу мртвите и живите писател(к)и. Најстарата застапена авторка е родена 1914, а најмладата 1990, така што книгава, правејќи круг, фаќа распон од околу 76 години, еден просечен човечки живот.“ 


Во „Секој ден песна“, во 100-те застапени автори и авторки, се застапени и 9 македонски автори и авторки и тоа: Блаже Конески, Влада Урошевиќ, Весна Ацевска, Лилјана Дирјан, Зоран Анчевски, Пандалф Вулкански, Игор Исаковски, Лидија Димковска и Магдалена Хорват. 


Во продолжение прочитајте дел од песните.


Поезија:


НАЦИОНАЛНИТЕ ПОЕТИ од Јеврем Брковиќ


Одвишно и слатко зло на секој народ се

Националните поети и националните поетеси,

Особено оние кои се напнуваат

Од петните жили и националните срценца

Да бидат во сѐ на народот свој посветени,

Понекогаш и од самиот народ понародни.


Да се биде трубач, ловец и ѕвонар народен,

Да му се подметне своето срце, урнатината срцева,

И во него непостоечките градови и кули,

Измислено минати, бакарен сјај и свила,

Ноќни садови и течности од принцови и принцези,

Уморни нимфоманки и рахитични дебили.


Да се биде корач, кловн, клепало и клатно

Кое се мрда по волја на дневниот чар,

Националната сачмарка, римувана пранга,

Барабанџија на славата на црвливи дворови и круни,

Певец на таткоубијци, родоскверници и чедоморки,

Фалител на грдилото и темнилото национално.


Служител при омразата на одредени и околни,

Слеп за слепилото на своите ослепувачи,

Лицекрасител на ништожници, тепачи и гниди,

Кривоклетници и крвораци велмошки –

Националниот поет и поетеса национална

Немајќи свои – се честат со националната чест.


Нека ми се случи сѐ што може да му се случи

На човек еден намачен со својата мака,

Нека и народот од кој сум ме исплjука,

Нека и најсрамните ме сметаат за срамен,

Само никогаш она најстрашното да не ми се случи –

Национален бард и маченик да бидам.


Превод: Игор Исаковски


НАСЛЕДСТВО од Тони Харисон


Како си станал поет, тоа е мистерија!

Од каде талентот го влечеш покрај сѐ?

Велам: имав двајца чичковци, Џо и Хари,

Едниот беше д’ткало, другиот – нем.


Превод: Пандалф Вулкански 




ПОДГОТОВКИ ЗА ПРЕТСТАВА од Весна Ацевска


Најнапред лавовите, слоновите

мајмуните и другите дивини

треба да се смират со благи средства.


Шапката на магионичарот внимателно

да се исполни со бели гулаби

шарени шамии и други сродни ветувања.


Добро да се проверат синџирите

оптегнатите јажиња, цврстината

на мрежата, бравите на големиот кафез.


Но најмногу од сѐ внимание бара

ритуалното шминкање на кловнот,

на кого се потпира секоја претстава.



*** од Андреј Сен-Сењков


вотка

тоа е мирис

на цветови со тенка солза

на утринското стакло

на окото


Превод: Пандалф Вулкански 


НЕ ЧИТАШ ЖЕНИ од Оља Савичевиќ Иванчевиќ


Велиш, не читаш жени

Што тие би можеле да ти речат

Те научиле да зборуваш

Те научиле да одиш

Те научиле да јадеш

Те научиле да мочаш

Те научиле да водиш љубов

Стварно што тие

Би можеле да знаат за тебе

И за твоето искуство

Сите тие векови не создале

Една која би била голема

Како големиот писател

Кому му ги перела чорапите

Велиш, не читаш жени

Жените те учеле да читаш

Те учеле да пишуваш

Стварно, момче

Беше тоа

Во најдобар случај

Залудна работа


Превод: Пандалф Вулкански 


Белешка за приредувачот:


Никола Гелевски е главен и одговорен уредник на книгоиздателството Темплум и на списанието Маргина. Како главен уредник потпишал повеќе од 500 книги, водел низа значајни едиции, приредил десетина антологии, а исто така е и автор на десетина објавени книги: теорија, проза, песни за деца, стрипови. Основач е и главен и одговорен уредник на поерталот Окно и на книжевниот фестивал Друга приказна.


Comments


bottom of page