top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Предлог книга: „Песнапат“ на Владимир Мартиновски

Ја враќаме рубриката „Предлог книга“ на „Култура бета“, а прва книга која ја предложуваме е збирката есеи, критички текстови и рецензии „Песнапат“ на Владимир Мартиновски.



Наслов на оригиналот: Песнапат

Автор: Владимир Мартиновски

Издавач: Бегемот (едиција „Перископ“)

Година на издавање: 2023

Број на страници: 359

Жанр: Есеистика


Книгата „Песнапат“ е збирка есеи, критички текстови и рецензии на писателот, поетот, есеистот и професор Владимир Мартиновски. Книгата поставена на 359 страници опфаќа 36 текста поделени во 14 дела според своите тематски, стилски или генерациски сличности. Текстовите внатре во „Песнапат“ се есеи, критички текстови и рецензии посветени на конкретни стихозбирки од поновата домашна музика, но се и погенерални осврти на поголеми авторски опуси. Можат да се најдат текстови посветени на автори и од поновата генерација, на поети и поетеси од Македонија, како и текстовите посветени на некоја од првите стихозбирки од помладата генерација на поет(ес)и како Ивана Јовановска, Марија Велинова и Љубица Шопова; потоа текстови посветени на стихозбирки на моментално активни автори на поетската сцена како Виолета Танчева - Златева, Јовица Ивановски, Наташа Сарџовска; понатаму, текстови за стихоизбирки преведени на македонски како стихозбирките на Иван Херцег и Лука Бенаси; а во „Песнапат“ има и неколку обемни есеи за стожерите на македонската теорија на книжевност, естетика како Билјана Ангеловска и Георги Старделов и осврти на опусите на венцоносците на Струшките вечери на поезијата Матеја Матевски и Влада Урошевиќ.


Збирката есеи, критики, рецензии „Песнапат“ е конципирана така што може да се чита како преглед на поновата продукција и главните случувања на поетска сцена во Македонија, како за авторски дела, така и за преведувани стихозбирки или поетски избори (како оние на Ли Чинг Чжао, Мацуо Башо, Јоланда Кастањо и др.). Може да се види правецот во кој се развива новата поетска сцена со оглед на тоа што има осврти кон стихозбирките на поети кои штотуку влегуваат на поетската сцена, но може да се види и правецот во/на кој се (ис)пишува новата книжевност токму преку прегледот на десетина збирки излезени последните неколку години како оние на Танчева - Златева, Ивановски и Сарџовска кои веќе беа споменати погоре.


Но, друга главна работа која се зема како важна водилка во оваа критичко-толковна студија е врската на пишувањето и патувањето. Рецензентот на изданието, Дарин Ангеловски, ќе истакне дека „Песнапат“ овозможува увид во заемната синергија и игрива врска што се воспоставува меѓу книжевноста и патувањето, односно, меѓу заемната упатеност на поетот домаќин со читателот странец и гостин. „Песнапат како книжевно-компаративна, интеркултурна и имаголошка студија со која Мартиновски го согледува единството на светот на песната и патувањето на повеќе рамништа: како епифанија, како урбан номадизам, како лирски аџилак, како интермедијални проникнувања, како патувања меѓу телесното и духовното, сонот и јавето, домот и светот, просторот и времето“ заклучува Ангеловски. Во сите овие видови патувања тој сместува текстови за авторски опуси или за стихозбирки чија содржина одговара на секој од овие видови пат.


Во својот поговор, Владимир Мартиновски, ќе истакне: „Да се патува, значи да се живее – рекле одмана. Животот на поезијата, оттука, е неразделен од патувачките искуства, како на поетите така и на читателите. Историјата на книжевноста ни дава примери дека безброј песни се настаните на пат. (...) Секој поет има свој творечки пат, а и своја поетика на патувањето. (...) За да се долови со само еден збор спојот на поезијата и патувањето, еден ден се сретнаат две именки („песна“ и „пат“), па настана и насловот на оваа книга – неологизмот „песнапат“. Некој можеби ќе рече дека во овој збор се имаат засолнето не два ами три збора (1. пес, 2. на, 3. пат), а токму во духот на повеќезначноста на поезијата би можеле да прифатиме и такво толкување. Па, ако песот веќе кинисал на пат, зошто и ние да не пропатуваме низ различни поетски светови?“.


Белешка за авторот:


Владимир Мартиновски (Скопје, 1974) e поет, раскажувач, есеист, теоретичар, книжевен преведувач, антологичар. Работи како редовен професор по предметот Компаративни поетики на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, каде моментално ја извршува функцијата декан. Докторирал на Универзитетот Париз III – Нова Сорбона. Автор е на десет книжевно-теориски студии: „Од слика до песна – интерференции меѓу современата македонска поезија и ликовните уметности“ (2003), „Споредбени триптиси“ (2007), „Слики за читање – аспекти на екфразиската поезија“ (2009), „Споредбени диптиси“ (2011), “Зоон поетикон – аспекти на современата македонска поезија“ (2013), „Narro ergo sum“ (2015), „Поетски (ре)визии“ (2018), „Далеку, а блиску“ (2020), „Век со Конески, мигови со Блаже“ (2022) и „Песнапат“ (2023). Автор е на книгите поезија: „Морска месечина“ (хаику и танка, 2003), „Скриени песни“ (хаику, 2005), „И вода и земја и оган и воздух“ (хаику, 2006), „Квартети за читање, гледање, пеење и слушање“ (2010), „Побрзај и почекај / Harry up and Wait“ (песни во проза, 2011), „Пред и по танцот“ (2012), „Вистинска вода“ (2014), „Внатрешни планини“ (2016), „Сонувани и будни песни / Dream and Awake Poems“ (2017) и „101 сонет од една чудна пролет“ (2020), како и на три книги хаибуни: „Ехо од бранови“ (2009), „Мачка во магла“ (2016) и „Небо без ѕвезди“ (2016). Автор е на три книги за деца и на збирката раскази „Зоостории“ (2019). Неговата поезија е објавена на дваесетина јазици. Приредил десетина антологии. Неговата поезија е застапена во неколку меѓународни антологии, а е објавувана и во голем број списанија. Добитник е на прва награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ (2009), на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата (2010), на наградата „Димитар Митрев“ за книжевна критика на ДПМ (2013), на признанието „Витез на македонскиот пишан збор“ (2014), „Лирата на Орфеј“ (2020) и „Антев златник“ (2020). Се занимава и со други уметности. Често пишува на пат, а патува читајќи.


*Книгата „Песнапат“ може да се најде во кафе-книжарницата „Буква“.


Од Мартиновски прочитајте и:


„Век со Конески, мигови со Блаже“ (Бегемот, 2022)



Збирката есеи „Век со Конески, мигови со Блаже“ од Владимир Мартиновски е значаен влог во компаративното проучување и толкување на поезијата на Блаже Конески. Водејќи грижа и за теориските ставови на Конески, изнесени во неговите есеи, авторот Мартиновски врз анализата на поетскиот опус на доајенот на современата македонска поезија ги применил трите основни модели на компаратистичките истражувања, зацртани од еминентниот компаратист Зоран Константиновиќ: генетско-контактните врски; типолошките аналогии и интердисциплинарните поврзувања. Во првиот дел од книгата, насловен „Век со Конески“, неговата поезија ja чита низ споредбени визури, укажувајќи на врските со делата на голем број писатели и уметници од различни епохи и книжевни традиции: од Хомер, Овидиј и Кавафис до Шимборска, Бродски и Павловиќ; од Данте, Сервантес и Шекспир до Рацин, Шопов и Ренџов; од Његош, Андриќ и Скацел до Ѓузел, Ќулавкова и Дурацовски; од Болер, Пикасо и Сенгор до Мартиноски, Личеноски и Георгиевски. Во вториот дел, именуван „Мигови со Блаже“, преку серија микроесеи и куси записи, Мартиновски фрла нова светлина врз значајни аспекти на поезијата на Конески.


Прочитајте извадок ТУКА!


„Зоон поетикон – аспекти на современата македонска поезија“ (Кликер книги, 2013)


„Поезијата е специфичен знак на распознавање на македонската култура, та токму затоа стручните, експертски, вдахновени, култивирани и естетски валидни коментари од Владимир Мартиновски по повод значајни процеси и пројави во македонската поезија можат да се сметаат како ретко богатство, што не само што заслужува да се претстави пред македонската читателска публика туку и да се препорача како неопходна критичко-толкувачка алатка при контактот со современата македонска поетска реч…“

(од рецензијата на д-р Соња Стојменска - Елзесер)

Книгата е добитник на наградата „Димитар Митрев“ за најдобра книга критики и есеи за 2013 година.




Comments


bottom of page