top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Предлог книга: „Ново раѓање на зборот“ – антологија на младата македонска поезија

Во месецот декември што го посветуваме на 100 години од раѓањето на Ацо Шопов претставуваме дел од книгите што излегоа во негова чест, оваа, 2023 година, година посветена на Ацо Шопов. Прва од тој ред книги е антологијата на младата македонска поезија „Ново раѓање на зборот“ која е насловена така што да може да алудира на Шоповата „Раѓањето на зборот“. 



Наслов на оригиналот: Ново раѓање на зборот

Приредувачи:Весна Мојсова-Чепишевска, Иван Антоновски

Издавач: ПНВ Публикации

Година на издавање: 2023

Број на страници: 208

Жанр: Поезија



Изданието „Ново раѓање на зборот“ приредено од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски е антологија  на младата македонска поезија во која се застапени 42 поети и поетеси родени помеѓу 1991 и 2004 година и претставува еден широк преглед на тоа што е ново на македонската книжевна сцена, во македонската поезија. Оваа антологијата, насловена алузивно по насловот на Шоповата стихозбирка „Раѓањето на зборот“, доаѓа точно после десет години од една друга антологија, „Ветрот носи убаво време“ каде се собрани дела на поетите и прозаистите родени во осумдесеттите години од минатиот век т.е. оние за кои денес може да се каже дека се носители на македонската книжевна сцена.


Во оваа антологија се застапени 42 поети и поетеси односно автори од новата поетска генерација, а тоа се (по ред како во книгата): Калиа Димитрова, Михајло Свидерски, Павлина Атанасова, Моника Стојановска, Андреј Ал-Асади, Ива Дамјановски, Диме Данов, Исток Улчар, Ивана Јовановска, Андреј Медиќ Лазаревски, Викторија Ангеловска, Марија Велинова, Иван Иванов, Стефан Костоски, Марија Грубор, Гордана Балеска Трифуноска, Никола Дукоски, Борислав Јарчевски, Габриела Мишел Милкова Робинс, Рената Пенчова, Сара Ѓорѓијоска, Верица Мукоска, Софија Поповска, Благица Трајкоска, Софија Тодороска, Васил Ханџиски, Марија Јанчевска, Марија Ангеловска, Горазд Китановски, Никола Наумовски, Филипа Сара Попова, Пепи Стамков, Љубица Петровска, Ива Петреска, Сатја Александар Давитков, Емануела Ковачевска Китановска, Иван Николов, Дамјан Златановски, Јована Стаматовска, Лука Иванов, Макрина Јорданова и Драгана Стојадиновска.


Издание беше за првпат промовирано на 35. издание на поетскиот фестивал „Поетска ноќ во Велестово“ каде што во соработка со Семинарот за македонски јазик, литература и култура се направи промоција пред семинаристите кои беа присутни во Охрид. Потоа своја промоција имаше и на Струшките вечери на поезијата, а читачка промоција имаше и на 3. Скопски поетски фестивал. „Ново раѓање на зборот“ доживеа и превод на англиски јазик на избор од застапените автори во издание на Струшките вечери на поезијата, своја неформална и онлајн промоција имаше и пред студентите од Загреб и Љубљана, а наскоро се очекуваат и уште неколку активности поврзани со антологијата.


Покрај застапените песни, антологијата започнува со еден обемен предговор на приредувачите Мојсова-Чепишевска и Антоновски каде прават еден осврт на поезијата на сите застапени поети и поетеси и тоа ставајќи ги во контекст на македонската книжевна традиција, правејќи компративна анализа со поетиката на Шопов, но и онаа на Конески, како и една цела елаборација за тоа дали во моментов на македонската книжевна сцена имаме вистинско ново раѓање на зборот.


Меѓу првите страници од преговорот поместен е и еден говор на Ацо Шопов кој е многу интересен и погоден за контекстот на оваа антологија, нешто што го кажува уште во почетоците на шеесетите години на минатиот век, а што со сигурност би важело до ден денешен: „Ако во овој момент пледирам за нешто, тоа е потребата да престане играта со младите во литературата. Знаеме дека на едната страна имало прилично големо политиканство, а на другата извесно оглушување за сѐ она што младите го носат во литературата, без оглед на самата литературна поголема или помала тежина на предлаганите текстови за објавување (...) На младите им треба помош, но она што досега е сторено не може да биде патоказ“. Значајно е да се спомене овој говор на Шопов бидејќи се гледа дека тој е земен како мотив, подлошка и примарна идеја за создавање на оваа антологија. Имено, и приредувачите и уредниците и издавачката куќа „ПНВ Публикации“ веќе со години се заложуваат за младите, ним им помагаат и се патоказ за движење во новата македонска книжевна сцена. 


Уште една значајна забелешка која може да се извлече и од преговорот, но и од говорите на промоциите на антологијата и јавните настапи на  нејзините приредувачите по повод издавањето на „Ново раѓање на зборот“ е тоа дека во оваа генерација македонски поети има едно навраќање на традицијата и тоа не слепо реферирање на книжевните предци и нивните поетики, туку нивно поставување во еден свој и нов контекст. Значајно е да се забележи тоа дека добропознатите термини на Ацо Шопов од неговите збирки, црно сонце и небиднина веќе не се само референци, ниту, пак, младите поети само се повикуваат на нив, туку тие веќе стануваат инхерентен дел од македонскиот поетски јазик и дел од младата поетика. 


Може да се забележи дека во песните на овие 42-ца поети и поетеси има значајно поместување од темите кои беа преокупација на авторите од антологијата „Ветрот носи убаво време“. Ако таму може да се чита некаква поетика на секојдневието, избегнување на традиционалното и поетските традиции, присуството на слободниот стих и неупотребата на римата, во „Ново раѓање на зборот“ го има токму спротивното навраќање на поетските традиции, стихови во ритам и рима, од темите кои се во фокус е забележлив интересот за Бог како метафизички концепт, божественото, надземното, но и многу песни што тематски се поврзани со војната, слободата, патувањето… Со ова се покажува одредена поетска дијалектика или некакво спирално движење на генерациското менување на интереси, теми и стилови во поезијата и поетското. 


Тоа за што сакам да истакнам и благодарност е посочувањето на „Култура бета“ како организација и „Поетска епизода“ како настан што даваат глас на новите и млади поети кои имаат верба во моќта на поезијата и како нешта што имаат идеја да ја промовираат и афирмираат македонската поезија.


Излегувањето од печат на „Ново раѓање на зборот“ е значаен потфат бидејќи тука се прави преглед на она што е најактуелно, најзначајно и најново во младата македонска сцена. Опфатени се поети и поетеси кои веќе се здобиваат со книжевни награди или влегуваат во потесен избор за нив (како Ива Дамјановски која е најмладата добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“, како и Андреј Ал-Асади и Павлина Атанасова чии збирки влегуваа во потесниот избор за таа награда), поети и поетеси кои веќе ги остваруваат своите први гостувања на меѓународни поетски фестивали, автори чии песни веќе се преведуваат надвор од границите на Македонија, но и млади поети и поетеси кои допрва влегуваат на книжевната сцена, а покажуваат значаен квалитет во тоа што го пишуваат.


Ако оваа антологија го покажа новото раѓање на зборот, а доаѓа на точно десет години од излегувањето на една претходна слична антологија што ја донесе ветрот што носеше убаво време, тогаш за десет години оваа генерација треба да се подготвува да ја приреди следната антологија на младата македонска поезија која можеби ќе биде нова Пруга на младоста. 


 

Книгата е достапна во кафе-книжарницата „Буква


Comments


bottom of page