Автор: Горан Стефановски
Година на издавање: 2005
Жанр: интервјуа, есеи, јавни обраќања
(Книгата претставува збирка текстови и говори одржани по повод различни настани и актуелни случувања од крајот на 20ти и почетокот на 21 век)
Збирката одбрани текстови од есеистички и публицистички карактер на бардот на македонската модерна драма и воопшто, современа литература, Горан Стефановски обединува повеќе интервјуа и јавни обраќања по повод различни настани и излагања, од крајот на 90те години од минатиот, сѐ до почетокот на 21от век.
Стефановки се истакнува како исклучителен критичар на своето современие и едновремено на исконскот след на општочовечките настани кои исходат со конкретни пројави во вечното денешно време.
Извонредноста на критиката на авторот се должи на неговата бележита проникливост, да ги препознае и олицетвори македонските, а притоа општочовечките болести силно впиени во идејната и морална подлога врз која се заснова општеството пред вечен залез.
Стожерниот текст кој го носи насловот на самото дело, „Приказни од Дивиот Исток“ за прв пат е претставен во говорот на Горан Стефановски на меѓународниот летен театарски фестивал во Хамбург во 2004- та година, а во својот пишан облик добива карактер на компаративен книжевно-философски есеј.
Фокусната точка на излагањата сочинети во насловеното дело ги опфаќа настаните кои го обележуваат преминот на дваесеттиот век кон новото современие, како и нивната одразба врз најнепосредната инкарнарнација на колективното и идивидуално духовно придвижување на народот, односно, новите тенденции на модерната култура. Стефановски особено се осврнува кон односите помеѓу Истокот и Западот чија интеракција е еден од стожерите на кои се однесува неговата критика.
Процесот на општествена транзиција која го обележува крајот на минатиот век, Стефановски го ословува како дословно духовно силување, при што го актуелизира проблемот на идентитетското редефинирање на источноевропските земји кои транзитираат од социјалистичкиот кон капиталистичкиот систем, стремејќи се да се вклопат во глобалната европска слика.
Ваквата „снобовска забрефтаност кон Европа“ како што ќе забележи самиот автор, е основа на сериозната идентитетска криза со која се соочува нашето поднебје, кое своите темели треба одново да ги издигне на ново несигурно тло. Поведен од оваа согледба, Стефановски го упатува прашањето: Дали ќе градиме од корен лажно ново, дали ќе градиме од корен лажно старо?
Како парадигма на Истокот, авторот ја поставува Византија. Македонската писателка и философ Кица Колбе, во едно интервју ќе истакне: Горан го восхитуваше Византија. Во неа ја гледаше заборавената поврзаност на Македонија со западот преку првиот европски пат- Виа Игнатиа.
Од друга страна, земајќи го Пајо Паторот како аналог на западата култура, Стефановски ја проследува моралната интерференција на двата концепти што ја надополнува идентитетската шизофренија на новото општество во создавање. Рушењето на традиционалните етички постулати на источната култура која жедно го впива она што Европа ѝ го нуди како нова прогресивност авторот го проследува во излагањето насловено како „Пајо Паторот влегува во Византија“.
Уште една точка на која се однесува неговата критика е односот на западната јавност кон источното прашање кој покажува еден пејоративен манир и склоност кон нецелосен пренос на актуелните случувања кои за развиениот капиталистчки свет се веќе одамна видени.
Уметниците од Источна Европа дома се осудени на сиромаштија и понижување, а на западот претставуваат демоде кое се вклопува во општоевропската идеја за источното клише.
Горан Стефановски, со својата критика врши портретизација на општото време на источните народи, незвисно од конкретниот историски миг, но изделено според исконските интимни нарави на оние кои го чинат колективот, како и интеракцијата на двете противположни култури олицетворени во идејата за Византија и Пајо Паторот, притоа поставувајќи ги обопштените проникливи согледби во еден силен општествено-историски контекст.
Суштествено пребивајќи во сржта на својот народен искон, Стефановски говори за своето време и времињата на своите потомци, запишани во неговата прозорлива критика на вечната општа динамика поставена во односот на Истокот и Западот од чија противположност се осознава автентичноста на сопствената култура која треба да биде безусловно зачувана со тоа што пред сѐ ќе бидат уважени и заштитени нејзините претставници.
Цитати:
„Има една улична мудрост на Балканот која вели дека таму не е можно да се родиш и да умреш во иста држава. За време на еден живот, најверојатно е дека куќата ќе ти се сруши врз глава и дека ќе треба повторно да ја градиш. „Постојано повторување на истото“. Тоа ти е пишано, нешто како природна катастрофа.“
(Од текстот: „Што да се прави?“)
„Така, Си-Ен-Ен навистина успеа да разјасни само една работа: дека ние сме неразјасниви. „Воопшто не се заморувајте нив да ги сфатите!“ Ваквата претстава не е фер и ме погодува. А знам како реагира мојот ум кога сум погоден. Подготвен сум, што се вели, да изедам кило сол!“
(Од текстот: „Јадење сол“)
„Она што Источна Европа го сведочи во последниве десетина години е влегувањето на Пајо Паторот во Византија. Тој влегува полн со себе и го носи својот модел на светот.“
(Од текстот: „Пајо паторот влегува во Византија“)
Белешка за авторот:
Горан Стефановски е роден на 27 април 1952 година во Битола. Неговиот татко, Мирко, бил театарски режисер, а неговата мајка, Нада, глумица. Голем дел од детството на Горан го поминал во театрите. Негов помлад брат е Влатко Стефановски, познатиот гитарист- виртуоз и член на групата „Леб и сол“.
Заљубен во англискиот јазик во своите тинејџерски години низ влијанијата на Битлсите и Ролинг стоунсите, Горан се запишува на студии по англиски јазик и литература на Универзитетот во Скопје. Сепак, тој не можел да го отстрани театарот од својот систем и ја поминал својата трета година студии на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Белград. Дипломирал како најдобар студент на својата генерација во Скопје и се вработил во Одделението за драма на ТВ Скопје, а наскоро се вратил на универзитетот за да предава англиска литература, со посебен фокус на Шекспир.
Во октомври 1974 година се запознал со Пат Марш, англиски јазичар која дошла да предава англиски јазик на скопскиот универзитет. Тие се венчале во март 1976 година. Кога се запознале, тој пишувал претстава заснована на македонскиот фолклор за Слободан Унковски, еден од режисерите на театарската група на која ѝ се приклучил како студент. Унковски останал негов доживотен соработник и пријател. Јане Задрогаз постигнал голем успех и продолжил да се прикажува на престижниот меѓународен театарски фестивал во Белград (БИТЕФ), потоа во Париз и конечно на Театарскиот фестивал Каракас во Венецуела.
Во 1979 година ја напишал својата најпозната претстава „Диво месо“, која досега доживеа петнаесет продукции низ цела Европа, вклучително и Лондон, и е во наставниот план за средните училишта во Македонија. Претставата е заснована врз искуствата на неговиот татко и чичковци за време на Втората светска војна. Ова дело му ја донело Октомвриската награда на Република Македонија за извонредно уметничко достигнување, највисоката награда на Републиката, како и наградата во 1980 година за најдобра југословенска претстава на годината на Југословенскиот народен театарски фестивал. Две години подоцна, „Лет во место“ ја имал својата прва изведба, претстава што се занимава со проблемот на македонското прашање во доцниот XIX век и идентитетот на нацијата. Со тоа Стефановски пораснал во очите на неговите сонародници ширум светот.
Скоро секоја година во следните триесет и три години се претставувала нова и успешна претстава на Горан Стефановски, од кои многубројни биле наградувани. Во осумдесеттите, тој постојано ги туркал границите на југословенскиот театар, како во уметничка така и во политичка смисла. „Дупло дно“ (1983) била особено смела во предизвикот на државните цензори. Во 1988 година, „Црна дупка“ била првпат изведена на сцената. Со својата единствена структура и зачудувачка театралност, генерално се смета дека е најголемиот придонес на европскиот театар.
1985 година го одбележа преминувањето на драматургот во ТВ-серии за деца со емисијата „Бушава Азбука“. Во 1986 година, Горан го основал отсекот за драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде бил редовен професор до 1998 година.
Во 1991 година, почнал распадот на Југославија кој се претворил во граѓанска војна. Постојаното влошување на состојба ја довела неговата сопруга Пат да се одлучи за нов живот за семејството во Кантербери, Англија, од септември 1992 година. Следните шест години, Стефановски ги поминал на патување меѓу Македонија и Велика Британија, продолжувајќи да предава на универзитетот во Скопје.
Стефановски станал познат дури и во Шведска и во периодот помеѓу 1998 и 2000 година бил визитинг професор на Драмскиот институт во Стокхолм. Институтот ја објавил својата Мала книга на стапици (алатка за пишување сценарија) во 2002 година. Преведена е и објавена на пет јазици, вклучувајќи кинески. До тоа време, Стефановски се навикнал да пишува на англиски јазик и дури подоцна својата работа ја преведувал на својот мајчин јазик.
Во септември 2000 година се населил во Кантербери и предавал часови по сценарио и драматургија на Универзитетот во Кент пред да ја преземе функцијата на универзитетот Кантербери Крист Чрч во 2002 година, предавајќи сценарио до неговата смрт во 2018 година. Бил исклучително популарен професор и сакан колега.
Стефановски продолжил да пишува успешни драми што биле преведени и изведувани низ целиот свет во текот на целиот живот.
Стефановски бил член на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писатели на Македонија од 1979 година, а во 2004 година станал член и на Македонската академија на науките и уметностите.
Неговото последно јавно предавање било на Меѓународната федерација за театарски истражувања на Светски конгрес во Белград во јули 2018 година како пленарен предавач. Неговото последно појавување во јавноста било да добие почесен докторат од Бугарската национална академија за театар и филмски уметности во Софија.
Горан Стефановски починал од неоперабилен тумор на мозокот во 2018 година на 66-годишна возраст.
Comentarios