Автор: Трајче Кацаров
Жанр: драма
Година на издавање: 1993
Осврт:
Трајче Кацаров со своето дело „Да не беше дождот“ се доближува до постмодерниот бран на макeдонската современа драма од крајот на минатиот век.
Композицијата на драмското дело се доближува до антикомпозицијата карактеристична за антидрамата, слевајќи ги просторот, времето и ликовите во една апстратно-конкретна слика која се претставува на театарската сцена.
Имено, двата главни и единствено константни ликови на делото, Кин и Вел, претставуваат двојно единство или единечно двојство кое го носи концептот на времето и просторот кој недостасува. Доколку се постави аналогија помеѓу Бекетовата драма „Чекајќи го Годо“ и горенасловената „Да не беше дождот“ може да се открие клучот на разединетата, но силно меѓусебно зависна појава на ликовите.
Имено, изборот на личните имиња на главите носители на идејата алудира на нивната антиподна поставеност која е единствена во широката смисла. Кин и Вел претставуваат кратенки од имињата на библискте ликови Каин и Авел кои се синови на прародителите Адам и Ева од времето кога тие ќе бидат изгонети од градината Едемска.
Оттука се поставува сомнежот дека двата лика претставуваат дури едно личносно единство на субјективната и објективната или пак потсвесната и свесната компонента на човекот, а истиот може да се утврди во завршниот монолог на драмата. За разлика од Бекетовиот наратив, Кацаров децидно ги изнесува клучевите на идејата во делото, при што поставува интересна рамнотежа помеѓу конкретното и апстрактното со тоа што во бесконтурната претстава на просторот и времето напати вметнува библиски и народни елементи кои се дел од македоснкиот фолклор.
Идејата на делото орбитира околу обидот на личноста да го докаже своето постоење пред себе и да го отелотвори своето архе, а воедно да го разбере неразбирливото и да го воплоти мисловниот концепт на времето и невремето како стожерни поими во описот на драмското одвивање во делото.
Кацаров ја начнува онтолошката парадигма за постоењето на Бог и ја надоврзува на архетипската потреба на човекот од надворешен сведок кој ќе го потврди и докаже постоењето на внатрешното и надворешно искуство.
Интересно е да се забележи дека времето и невремето имаат хомонимна појава во драмата и нивното одвивање се положува преку реката како единствено место кое ја обединува сегашноста и времето кое изминало и ќе измине. Кин и Вел не веруваат дека постои некој друг момент освен сегашноста, а притоа не се способни да го рационализираат хронолошкиот тек на настаните. Оваа апстрактна поставеност е инкарнирана во интеракцијата на времето и реката како поими, претставувајќи два неповратни концепти кои го познаваат единствено движењето напред. Оттука може да се надоврзе физичкиот концепт на механичкото движење кое се забележува единствено ако крај него има неподвижен референт.
Движењето на телото и околината доколку се одвиваат со еднаква брзина и во иста насока, меѓусебно се исклучуваат.
„Да не беше дождот“ претставува маестрално драмско остварување на македонскиот книжевник Трајче Кацаров кој доспева до архетипските придвижувања на човекот како појава во својот искон, отелотворувајќи ги оние концепти кои не можат да бидат физички обликувани, а претставуваат суштински дел од личноста и нејзиното постоење. Извонредната многуслојност на делото, подобна на поимите кои ги опфаќа, остава простор за интимно и субјективно откривање на клучевите кои се истоветуваат со индивидуалниот процес на самоспознавање.
Цитати:
„Куќите без покриви се смешни, куќите без дрвја- трагични.“
„Еј! Навистина!- Што бе. Еј навистина?-Отишло времето!- Кое време?- Времето кое по наша или по негова вина се нарече Никое.“
„Овде не е многу интересно.- Не е многу интересно, но тоа не зависи од нас.- А од кој?- А, од никој.- А, па што тогаш?- А, па ништо.- А, кога би посакал да избегаш, да го напуштиш?-А, Орбис пиктурс!-А, рече нешто?!?- А, реков: Кружна слика. Ние сме под власта на кружната слика. Нема бегање од неа. Секој чекор надвор од неа, пак во неа внатре те враќа.“
„Ги затворам очите и гледам јато птици. – Виденото трае една секунда, или можеби пократко, не знам колку птици видов. – Дали бројот им е одреден или неодреден?- Овој проблем го вклучува проблемот на опстојаноста на Господа.- Ако Господ постои, бројот е одреден, бидејќи Господ знае колку птици сум видел.- Ако Господ не постои, бројот е неодреден бидејќи никој не може да го одреди“
„Ти си сега оној кој ќе постанеш/ еве ме помоќен од самиот себе/ како се откривам чуден и почитуван/ наспроти самиот себе/ изгубен во својата душа и господар околу себе!“
Белешка за авторот:
Трајче Кацаров е роден во Штип на 14 септември 1959 година. Завршил Академија за филм и театар во Софија, Бугарија. Магистрирал на Институтот за македонска литаратура на Универзитетот ,,Св.Кирил и Методиj во Скопје. Работи како драматург во Народниот театар во Штип. Во 1993 година го основа Списанието за уметност ,,СУМ. Член е на ДПМ од 1991 година. Автор е на книгите: Во подмишките на будилникот (поезија, 1986), Го следите ли Хорхе (поезија, 1991), Дискретниот шарм на Кус де Ру (поезија, 1993), Да не беше дождот (драма, 1993), Сулиндари (пиеса за деца, 1995), Цартаровата чичитра (раскази, 1996), Фалцот на змијата (комедија, 1996), Ректајмот на господинот Налче (поезија, 1997), Времето во театарот (есеи, 1997), Ети ја спасува Тера (проза за деца, 1997), Дневникот на Омир (проза, 1999), Ноќта во која светилката не треба да згасне (три драми, 1999), Времето на моментот (театрски есеи, 2001), Белиот слон (есеи, 2003) Емигрантот Цвик (поезија, 2003), Гард (драмска пиеса, 2003), Чалик Чамак (избор пиеси) Татко и отец (роман во раскази, 2008), АКО (поема, 2011), Другото е помалку важно (избор пиеси за деца, 2011), Форма на молкот (поезија, 2011), Ојле брада во животинска балада (2013), Единство на лицата (тетарски есеи, 2013), Двонасочна релација театар-публика (театаролошка студија, 2013). Неговите дела се преведени и на неколку јазици(Англиски, руски, украински, албански, бугарски, српски, хрватски и словенски),a неговите татарски пиеси се одиграни низ поевеќе театри во регеионот и пошироко.
Добитник е на повеќе награди од областа на литаратурата: Татко и отец 2009 г. добитник на наградата ,,Кочо Рацин. За пиесите На клупата и Шешири добитник е на нагадата ,,Мајстори на прозата. За збриката од поезија Формата на молкот добитник е на наградата ,,Јован Котевски. За поемата ,,АКO добитник е на наградата ,,Глигор Прличев. Во 2004 г. Кацаров е прогласен за личност на годината во Општина Штип и истата таа година добива признание ,,Деец во културата. Во 2009 г. Општина Штип му доделува 8-мо Ноемврско признание.
Колумнист е во неколку весници: Нова Македонија, Утрински и Штипски глас.
Comentarios