top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Предлог книга: „Македонска љубовна лирика“


Наслов на оригиналот: Македонска љубовна лирика

Приредувачи: Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски

Издавач: Матица македонска

Година на издавање: 2024

Број на страници: 491

Жанр: Поезија


Изборот „Македонска љубовна лирика“ приреден од Весна Мојсова - Чепишевска и Иван Антоновски во издание на „Матица македонска“ е уште еден преглед на македонската поезија приреден од овие двајца автори, овојпат со фокус на љубовта во поезијата. По минатогодошнита антологија на младата македонска поезија „Ново раѓање на зборот“ приредена од истите приредувачи, оваа година излегува еден нов избор на поезија растегнат на скоро петстотини страници на кои се сместени дури 342 песни од современите македонски поети и поетеси, од поетите-класици до најмладата генерација македонски автори и авторки. 


Во предговорот на книгата, приредувачите истакнуваат: „Овој избор содржи 342 мали прослави на 342 форми на љубовта од современите македонски поети, подредени во пет циклуси. А циклусите се развиваат онака како што се развива самиот љубов чин – од копнеж, од приказ на идеалниот драг/идеалната драга, па од чинот кога двајцата се едно, кога посакуваниот е (или барем се чини дека е) во прегратката на оној кој својот љубовен немир го искажува со поетското Јас, за на крајот да се круниса со поетскиот восклик на страста и еротиката кога и двете души и двете тела се претопуваат во една нераскинлива целина.“


Во овие пет циклуса насловени како Вљубување, Тагување: Задоцнета тажаленка, Љубење: Умилкување, Насладување: Домашен блуз и Сплотување: Рајска соба се вметнати мноштво песни кои ја слават љубовта, ги даваат нејзините милни и убави страни, но и нејзините грди/лоши страни, напуштањето, љубовната тага. Овој избор поезија на едно место ги собира најзначајните љубовни песни од македонската современа поезија и прави еден портрет на третманот на љубовта во македонската поетска книжевност. 


Приредувачите истакнуваат дека овој избор доаѓа во годината „кога се навршуваат 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, авторот на „Дениција“ – стихозбирката којашто македонската критика ја означи како химна на космичката љубов, химна на жената и татковината и златна книга на македонскиот модернизам…“ Оттука, овој избор совршено се надоврзува на овој значаен јубилеј, правејќи реминисценција на најзначајните љубовни песни во македонската поетска историја, а притоа вклучувајќи и десетина млади автори застапени и во антологијата „Ново раѓање на зборот“ – преку тоа вклучување може да се направи еден преглед на поетскиот развој во македонската книжевност и да се даде одговор на прашањето кое приредувачите го поставуваат во предговорот: „Како се љуби во македонската книжевност?“. 


Во продолжение прочитајте избор од застапените песни на младите автори!


Поезија: 


НОМАДСКИ ЗАТВОРИ од Ивана Јовановска


тело си што себеси се пишува на сите јазици

зашто твоите болка и љубов

светот ги разбира со сите фонеми.

патник си.

и во скопје и во мадрид

исто им се бунтуваш на номадските затвори.


допир си.

и со добар и со лош љубовник.

животот во тебе суди за деновите што си ги земаш.


надеж си.

ги спојуваш север и југ

нова карта на светот создаваш.


и кога бегаш

и кога чекаш

и кога не знаеш што си

во мене утешно се влеваш.


ДЕНОТ ПОЧУВА од Павлина Атанасова


На балконите 

жените простираат алишта.

Ги отвораат чаршафите

како љубовни писма.


ПОПОВКА од Диме Данов


Нас нѐ дели метар и пол,

од црвена цигла и кал издигнато.

Или само ние сме малечки

од годините и срамот.

Полн сум копнеж и стрв

по игрите со калта, кај задниот двор.

Единствено насон би се извишил над ѕидот,

само за да ѕирнам.

Дотогаш во училница, со тишината

ги повторуваме лекциите

што ќе нѐ обучат да умреме послушно.

Ги чекам ноќните лекции

по школото, на полјанката,

со кои учиме за милост.

И потоа дома во шпајзот ги сокривам

мечтите збрани тој ден.

За на судна ноќ

со нашиот молк,

да се подадеме

со љубопитните прсти.

Преку ѕидот.


ЧУМУ ЧУДА ВО ВРЕМЕ БЕЗ БУДА од Марија Велинова


чуден восклик в очи имаш

чун ли в река во нив гледаш

дал’ за твојот живот бладаш

ил’ балада тажна слушаш


ти сакаш да си


цврст карактер

цврст ко камен

каракамен 


црв во рана

црн ко врана

ај анасана


ти сакаш да си


цел

целиван


а не знаеш дека си


сосем 

пцовисан


ЗБОР ЗА ТЕБЕ од Андреј Ал-Асади


Зар ќе испливаш од ова тело, од овој темен вител,

танчарко на сите подземни, на сите нескротени води.

(Ацо Шопов, Петта молитва на моето тело)


Се прашувам, драга, ако смртта е единствениот сведок на моето постоење

Тогаш чуму овие дланки што тивко се свиваат околу твоите бедра

Небаре ја зграпчиле вечноста, небаре го минуваат последниот зрак

И чии се овие очи што танцуваат по твоето лице

Ко две боси дечиња низ топли полјани, долини

Студени врутоци и мирисни ридови

Оваа кожа што в студен трпнеж се костреши

И молкот помеѓу две срцебиења

Штом ги насетам твоите лесни чекори


Драга, ако смртта е единствениот доказ за моето постоење

Тогаш на тебе останува да го спомнеш моето умирање. 


Comments


bottom of page