top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Предлог книга: „Координати на болката“ од Александра Спасеска




Наслов на оригиналот: Координати на болката

Авторка: Александра Спасеска

Издавач: Илика

Година на издавање: 2024

Број на страници: 95

Жанр: Поезија





„Координати на болката“ е втората стихозбирка на македонската поетеса Александра Спасеска која излегува од печат по три изданија на нејзината дебитнатска стихозбирка „Прости песни“ која е во издание на „ПНВ Публикации“. Стихозбирката е добитник на наградата „Антев златник“ за 2023 година и е прв наслов во едицијата „Современа поезија“ на издавачката куќа „Илика“. Изданието е илустрирано од Марија Конеска, а дизајнот на корицата е на Ема Велковска и Марија Смилевска. Промоцијата на стихозбирката се случи на 15. јуни во дворот на кафе-книжарницата „Илика“, а беше промовирана од уредничката на изданието Катерина Шекутковска.


Како што се вели во кусиот опис на стихозбирката, во „Координати на болката“, авторката храбро ги истражува маркантните сцени, интимните релации и важните човечки фигури од сопствениот живот, правејќи ја поезијата сцена на којашто се одвива рефлексијата на личното и колективното искуство. Понатаму се вели дека Спасеска во својата збирка гради мост меѓу интимното и политичкото, помеѓу внатрешниот и надворешниот свет, но и помеѓу родениот и избраниот дом, а со тоа говори и репрезентативно за искуствата на цели едни генерации. 


Збирката започнува со песната „Ars poetica“ кадешто Спасеска игриво и лесно се исповеда зошто е решена да пишува поезија и што кажува со неа, па вели:


јас да знаев да зборувам навреме

и да молчам кога треба,

да знаев кога се бакнува, а кога се плаче

да знаев да затворам прозорци кога врне

и да не стојам на сонце на пладне

да знаев да премолчувам и да викам гласно

од љубов, од мака, од жолч,

да знаев кога треба држење за рака

а кога држење страв, да знаев да зборувам,

јас

немаше да пишувам поезија.


Ваквото арс поетичко отворање на стихозбирката, авторката го воведува читателот во нејзиниот поетски светоглед, како и го воведува читателот во интимноста сѐ додека не нѐ втурне во политичката заднина на интимноста зборувајќи за женскоста (и како интимно и како политичко прашање), за љубовта, за молкот, за страдањето, за снаоѓањето во општеството.


Како и во претходната стихозбирка, така и во оваа, Спасеска го задржува архаичното и архаичниот јазик, како и односот со македонските поетски класици Блаже Конески и Анте Поповски. Но, за разлика од „Прости песни“ каде што архаичното и традицијата се пристуни сами по себе, во „Координати на болката“ архаичното е ставено во функција на урбаното, традицијата е ставена во функција на модерното, па Спасеска прави фузија меѓу овие две страни и ја издигнува својата поетика на едно ново и различно рамниште, па пее и за градот и за снаоѓато во него, за домот, за војната, вселената, ноќта.


Тоа го потврдува и поетесата Долорес Атанасова – Лори во поговорот на стихозбирката која вели дека поетиката на Спасеска се карактеризира со „една препознатлива поетика, низ која се преплетуваат гласовите на минатото, модерниот израз на сегашноста и личното, како каменот-темелник врз којшто ги гради своите приципи, ставови и однос кон надворешниот свет“.


Избор песни од „Координати на болката“:


Во круг


Лажна пролет ни ги спојува дланките,

леплив бакнеж ги држи денот и ноќта

да не се отворат како небо на февруарски ветер.


Затвори ги очите

да не истече синилото

и да го поплави заспаниот град.


Зборувај  ми

бакнувај ме

и така во круг додека не почне небото да се врти.



Аријана


во друго некое време

ќе беше ли ти

наивен поет од Железна Река

збунет и изгубен во големиот град


во друг некој простор

ќе бев ли јас твојата Аријана

вивната кон небото како

повик без ехо


кажи ми

се сретнуваат ли некаде 

оските на нашите копнежи

и знаеш ли

како мириса пеплосана младост?



Интертекстуално збогување


кој те намами во устието на мракот

каде зборот трепка, снеможува

ко шамивче бело во дланка што долго

долго мавта по дамна заминат воз. 



Белешка за авторката:


Александра Спасеска (1984) живее и работи во Скопје. Таа е новинарка, преведувачка, авторка и активистка, со ангажмани во граѓанскиот сектор како истражувачка и менторка.


„Прости песни (на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе)“ е нејзината прва самостојна објавена книга, во издание на ПНВ Публикации (2023). Нејзиниот втор ракопис, „Координати на болката“, влезе во потесниот избор за наградата „Антево перо“ за 2023 година и се закити со признанието „Антев златник“. За песната „Имало денови“ ја доби втората награда на Меѓународната поетска манифестација „ Анџело ла Векија“ што во соработка со здружението „Контекст“ од Струмица ја додели награда за најдобрата необјавена поетска творба „Антево слово“ за 2024 година.


Нејзина поезија е објавувана во домашната периодика и онлајн платформи, а е застапена и во Антологијата на македонска авангардна поезија и во „Самодиви: панорама на македонска поезија пишувана од жени од преродбата до денес“ (Поетска ноќ во Велестово, 2023). Спасеска има учествувано на повеќе поетски читања низ Македонија, како и на 4. Скопскиот поетски фестивал.


*Стихозбирката „Координати на болката е достапна во кафе-книжарниците „Илика“ и „Буква“.


Comments


bottom of page