top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Предлог книга: „Книжевна мапа на Скопје“ на Моника Илкова



Наслов на оригиналот: Книжевна мапа на Скопје

Авторка: Моника Илкова

Издавач: Центар за култура и културолошки студии

Година на издавање: 2023

Број на страници: 155

Жанр: Студија, есеистика


Студијата „Книжевна мапа на Скопје“ на авторката Моника Илкова е студија за Скопје како топот македонската книжевност, и во прозното творештво и во поезија, и кај македонските автори-класици и во современата книжевна продукција. Тоа е книга за фланеризмот, за урбофилијата, за Скопје како топос, но и како мотив, за скопското и за мноштвото облици на негови сфаќања. 


Во книгата се опфатени Славко Јаневски и неговата „Улица“ како почетна точка за ова книжевно мапирање на Скопје, потоа Димитар Солев со романот „Зора зад аголот“ и збирката раскази „Зима на слободата“, а секако тука е и Влада Урошевиќ како вистински пример за урбофил во повеќе книжевни форми како расказот, романот, поезијата и патописот. Потоа застапен е и Гане Тодоровски со стихозбирката „Скопјани“, Данило Коцевски како еден од најзначајните хроничари на Скопје и Томислав Османли со „Приказни од Скопје“. Во книгата е застапена и анализа на романите на Владимир Јанковски и неговата фланеристичка поетика, Оливера Ќорвезировска со „Улиците што ги нема“, Јовица Ивановски и неговата урбана поезија во „Градот што веќе не е мој“, Сања Михајловиќ-Костадинвоска со романот „517“, Жарко Кујунџиски со „Скопје и сѐ можно“, Иван Шопов со „091 – антиразгледници од Скопје“ и „Скопје: изгубените чевли на градот“ и поезијата на Ана Голејшка, како и нејзиното творештво за деца. 


Авторката започнува со својата студија од едно рано лоцирање на брзиот развој на урбаниот простор во есејот „Сликар на модерниот живот“ на Шарл Бодлер каде што тој зборува за „уметникот-шетач“, нешто што понатаму во ХХ век, Валтер Бенјамин го развива во поимот на фланер или урбан/градски шетач. Илкова оттука влегува во анализа на ваквиот поим што е обработуван и во македонската теорија (како кај Соња Стојменска-Елзесер) и потоа прави обид да ги лоцира фланерите-автори, фланерите-ликови и фланеристичкото претставување на Скопје во македонската книжевност. И тој обид е и повеќе од успешен!


На почетокот на студијата, по изложувањето на теориската терминологија и апаратура која се користи понатаму во книгата, Илкова започнува со примерите од „Улица“ на Славко Јаневски, каде што можеби за првпат се претставува едно Скопје и тоа градот пред Втората светска војна. Понатаму авторката продолжува со Димитар Солев и неговиот роман „Зора зад аголот“ каде што, меѓу другото, фокус се дава на менувањето на името на кафеаната „Зора“ со менувањето на властите во Скопје, а при крајот на студијата тоа го поврзува и со збирката раскази „Улиците што ги нема“ на Оливера Ќорвезировска каде што се зема како некаква парадигма за омаж на сите улици чии имиња исчезнуваат и се менуваат со текот на историјата на Скопје. Слична критика на ова се дава и во поезијата на Јовица Ивановски која авторката ја анализира низ терминот „ангажирана поезија“. 



Секако една ваква студија не може да помине без осврт кон творештвото на Влада Урошевиќ при што Илкова уште еднаш ја потврдува неговата опсесија со градот и неговото книжевно мапирање како и во неговата поезија, така и во неговите прозни книги „Мојата роднина Емилија“, „Вкусот на праските“ и „Маџун“ и патописот „Попатно“. Тука секако, доколку студијата беше пишувана неколку години подоцна, би влегол и најновиот роман на Влада Урошевиќ, „Вистините но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“. Но, она што е особено значајно е лоцирањето на скопскиот земјотрес од 1963, особено во „Вкусот на праските“, но и во дел на поезија на Урошевиќ, оти барем еден дел од неговото творештво е определено токму од тој историски момент. Самиот факт дека Урошевиќ го довршувал „Вкусот на праските“ во хаотичната состојба во Скопје по земјотресот, тој момент го определува романот како главен книжевен бележник за земјотресот и засекогаш го остава на скопската мапа. Илкова заклучува дека Урошевиќ е вистински пример за урбофил во македонската книжевност.


За Гане Тодоровски и стихозбирката „Скојани“, Илкова потврдува дека таму Скопје е поетски топоним со разгранета реалистичка слика за Скопје и дека тоа е скопска книга-колаж. Веднаш потоа, се посветува простор и на антологијата на скопски расказ „Ден во Скопје“ приредена од Лидија Капушевска - Дракулевска при што приредувачката зборува за феноменот на урбофилија. Од оваа антологија Илкова ги истакнува Ермис Лафазановски, Сашо Гигов – Гиш, Благоја Иванов, Драги Михајловски, Јадранка Владова, Мимоза Петреска, Венко Андоновски итн. каде што на еден или друг начин се мапира Скопје. 


Во романите, пак, на Владимир Јанковски, Илкова забележува дека има едно претставување на интимните приказни на луѓето во Скопје. Јанковски прави едно мапирање на одредени објекти, познати места и улици кои веќе ги нема. Кај него се забележува и појавување на проектот „Скопје 2014“ како еден нов момент за изгледот на Градот. Илкова ја забележува оваа критика кај Јанковски, ја поткрепува и со неколку интервјуа, но, сепак, вели дека таа не е имплицитна, проектот речиси и да не се споменува, но се чувствува неговато присуство во градот, нешто што го има и во расказите на Кујунџиски. За разлика од нив, Јовица Ивановски во својата поезија директно и јасно укажува на проблемот со „Скопје 2014“ и изопачувањето на изгледот на градот. Зборувајќи за книжевноста и ангажираноста Моника Илкова дава примери од поетиката на Ивановски во која експлицитно се критикува она што засекогаш ја менува книжевната мапа на Скопје.


Оваа книга започнува и завршува со две многу важни песни за Скопје. На почетокот е приложена „Зборувај ми за Скопје“ на Нина Спирова, а на крајот „Скопје радост ти ќе бидеш“. За воведната песна се истакнува дека е избрана токму поради топонимите и местата од Скопје кои се забележани во песната на Спирова, а кои се важни за ова мапирање. А заклучната песна е избрана токму заради тоа што дава отвореност и понатаму да се пишува за ова скопско книжевно мапирање. Потврда за тоа се и повеќето дела во кои Скопје повторно е главно место, а кои се излезени по завршувањето на оваа студија. Веќе споменав дека секако место во оваа студија би можел да земе и најновиот роман на Урошевиќ, но и стихозбирки како „На ракавот на градот“ на Ивана Јовановска и „Ноќта сѐ знае“ на Викторија Ангеловска. Секако тука е и новата стихозбирка „Слобода А“ на Ана Голејшка. Во овој избор секако би можеле да влезат и „Ронлива“ на Милена Сиљаноска, „Скопски улици“ и „Урбани легенди“ на Васко Марковски, како и некои постари романи како „Јас и лин, отпосле“ на Ана Стојаноска, „Годишни времиња“ на Јулијана Величковска итн., итн. На крајот, „Книжевна мапа на Скопје“ е потврда за важноста на еден град за една национална книжевност – како што Даблин го има „Улис“, како што Њујорк го има „Големиот Гетсби“, а Париз „Куцкамен“, така Скопје ја има оваа книжевна мапа која Моника Илкова совршено ја исцртува. 


Извадоци од книгата:


„Мотивот за чувствување на просторот уште многу одамна наоѓа свое место во литературата. Концептот на патувањето и менувањето на просторот е двигател на книжевното дејство уште во првите пишани текстови во историјата на цивилизацијата, па наваму“ 


„Со „Скопјани“, ‘…Скопје ќе стане поетски топоним со разгранета реалистичка слика во којашто социјалната компонента е доминантна. И таков, тој живее рамноправен живот со некои други топосимболи во нашата поезија, коишто повеќе инсистираат на митската, рурално-социјална со одблесок на идиличното и урбано надреалната, отколку на нивната често реалистичка транспозиција…’“ 


„Данило Коцевски е вистински претставник на фланеризмот во македонската литература, а неговото творештво дава особен придонес во формирање на книжевната мапа на Скопје“


„Во романот (се мисли на „Невидливи љубови“ на Владимир Јанковски), авторот дава една критика на промената на физиономијата на што (ќе) му се случува на градот. ‘Имаше уште триесетина години пред градот да се претвори во својата карикатура’“


„Во Скопје, уште по осамостојувањето на Македонија, а особено во изминатите неколку години, се случува постојано менување на имињата на улиците и други инфраструктурни објекти. Оттаму, романите за кои веќе зборувавме, а во кои по конкретни улици го препознаваме Скопје, за некои идни читатели ќе бидат романи чиј простор ќе биде непрепознатлив. Зошто? Затоа што голем дел од тие (книжевни) улици веќе имаат нови имиња.“


Белешка за авторката:


Моника Илкова е родена во 1993 година во Битола. Има дипломирано и магистрирано на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Од 2017 година работи како лектор по македонски јазик на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Ниш. Има учествувано на повеќе конференции и собири како „Млади македонисти“, „Како си ми?“, „Меѓународен славистички собир“ и има објавувано текстови во повеќе книжевни списанија. За време на студиите има работено како уредник во „Антолог“, има преведено неколку романи од англиски на македонски јазик, а покрај книжевноста се занимава и со графички дизајн.


Од Моника Илкова прочитајте и:


Фељтон во шест делови на порталот racin.mk каде што таа пишува за делови од студијата и подетално обработува некои од авторите и делата опфатени во „Книжевна мапа на Скопје“:






Comments


bottom of page