На 14. Филозофски филмски фестивал наградата „Златен був“ за најдобар долгометражен филм според жирито ја доби филмот „Прозаични стихови“ на иранскиот режисерски двоец Али Асгари и Алиреза Катами. Истиот филм ја доби и плакетата „Златен був“ за најдобар долгометражен филм според гласовите од публиката.
Оригинален наслов: Ayeh haye zamini / Terrestrial Verses
Режија: Али Асгари и Алиреза Катами
Времетраење: 77'
Година: 2023
Земја на потекло: Иран
Постојат филмови кои на почетокот може да се чинат како да имале скромна и ненаметлива цел: да ја претстават локалната реалност. Но како одминуваат минутите – небаре објектив на камера – тие постепено ја шират својата перспектива, малку по малку оддалечувајќи се од средината во која настанале. На крајот, гледачот тешко може да се оттргне од впечатокот дека сите тие регионализми и локализими, дека сите тие специфични правни или политички проблеми за кои се разговарало – сето она што било изгледано минатиот час и половина – всушност бил заобиколен обид да се проникне во најдлабокото, во универзалното. „Прозаични стихови“ на иранскиот режисерски двоец Али Асгари и Алиреза Катами е совршен пример за еден ваков филм.
Структуриран како колаж од девет куси, еднокадрени вињети – во секоја од кои просечен ирански граѓанин во крупен план се соочува со неумолив бирократ вон кадар – „Прозаични стихови“ одекнува со ехото на системската корупција, злоупотребата на моќта, цената на потчинетоста. Во секоја од вињетите почетниот проблем се чини наивен и пребродлив; па, сепак, како што се издолжува разговорот меѓу „престапникот“ и „судијата“, така и проблемот постепено се одлизгува кон кафкијански апсурд, за на крајот да потоне во зајадлив и потресен хумор, во гневот и очајот на протагонистите.
Тие, пак, доаѓаат од сите сфери на општеството во Техеран – од синојаки работници до уметници и пензионери – и ако имаат нешто заедничко, тоа е дека најчесто не се доживуваат себеси како жртви. Напротив, дел од нив се спротивставуваат на неволјите во кои се западнати, секој на свој сопствен начин, решени да го откраднат својот скуден дел од слободата од ситните моќници со кои се среќаваат и да го разоткријат – низ тој процес – лицемерието кое го обременува општеството што го населуваат.
Опишуван како „прониклива општествена фреска“ и „провокативна драма на современиот апсурд“, „Прозаични стихови“ е (со зборовите на Асгари) една долга „поетска дебата“ што ја илустрира прозаичната сегашност на Иран – а преку неа, се чини, и некое болно глобално утре. Или барем она што би можело да дојде – во случај да не внимаваме доволно денес.
Премиерно претставен во програмата „Извесен поглед“ на ланскиот Кански филмски фестивал, „Прозаични стихови“ оваа година ја доби Главната премија и Наградата на критичарите на Луксембуршкиот филмски фестивал. Учесник е и на фестивалите во Ротердам, Ванкувер, Хамбург и Цирих.
Одлука на жирито: „Златен був“ за најдобар долгометражен филм на 14. ФФФ: Прозаични стихови
Долгометражниот филм под наслов Прозаични стихови на режисерите Али Асгари и Алиреза Катами од 2023 е филм со кафкијанска структура, во кој низ девет вињети се развиваат девет апсурдни ситуации кои колку што се хумористични, толку се и слики за бирократските системи воопшто, и во кои односот на надредениот и моќниот и подредениот се надоврзуваат по линија на градација на конфликтот и негова транформација во бесмисла која треба да биде надмината. Ситуациите на комуницирање со различните ликови се фокусираат врз позицијата на подредениот, но и врз позицијата на бирократот или надредениот кој ја има моќта да ги вреднува, а кој во сцените е визуелно невидлив, меѓутоа доминира со својот глас, со своите прашања, барања и конечно со одлуката која може единствено тој да ја донесе.
Приказните за различните ликови колку што се локални, толку во себе апсорбираат и универзални прашања за различни аспекти на опресија кои го деградираат и отфрлаат индивидуалецот со очекување тој да биде скршен и поразен, а не да се поставува во улога на оној кој е способен да одговара, да разговара и на крајот да го отфрли притисокот и да си замине.
Смелата одлука сите вињети да бидат снимени во еден кадар, во кој камерата е вперена кон „жртвите“ на системот без воопшто да се појават ликовите на „опресорите“ кои се преставници на радикалниот иранскиот систем, сублиминално работи на неколку нивоа. Едното е поистоветување на гледачот со жртвите, поради постојаниот фокус на неа. Втората важна работа што се постигнува со израз на камерата е никогаш не ги запознаваме лицата на „опресорите“, единствено нешто кое што го слушаме е строгиот, прекорен глас, кој доаѓа некаде од зад камерата и кој никогаш не го покажува свеото лице. Со ова некако интиутивно кај гледачот го буди чувството на „орвелијанска“ присутност на системот, во овој случај радикалниот ислам во Иран, кој се „изживува“ врз обичниот човек и неговите основни општествени потреби.
Во вињетите доминира опресијата врз женските ликови. Ликовите се менуваат од девојче во рана возраст, неколку млади жени, маж со тетовирано тело и се откриваат, низ вешто структурираните дијалози. Тие се, примарно, подготвени да учествуваат во системот и се обидуваат во него да се вклопат, меѓутоа системот преку претставникот кој е надреден и донесува одлука за нив, а тоа може да биде родител, службеник или работодавец кој апсурдно ги наметнува своите правила, а прикажаните ликови со подреден статус рационално и моќно ги разоткриваат своите способности за реакција на правилата сведувајќи ги преку нови прашања на бесмисла. Реакцијата на ликовите кои се портретирани соодветствува на наивно влегување во сериозен дијалог и истата секогаш завршува со разобличување на моќниот и на неговите опресивни механизми на злоупотреба, како и со пораз на системот од правила.
Текстот е преземен од синопсисот и од одлуката на жирито на 14. Филозофски филмски фестивал објавени на philosophicalfilmfestival.mk
Comments