top of page
Writer's pictureАмелиа Георгиевска

Предлог филм: ,,Дервиши" на режисерот Атанас Ацо Петровски


Оригинален наслов: Дервиши

Режија: Атанас Ацо Петровски

Времетраење: 9’41’’

Година: 1955

Земја на потекло: Македонија

Исламот е присутен во Македонија повеќе од пет века, но, сепак, малку се знае за неговите ритуали, традицијата и манифестациите, почнувајќи од секојдневните обичаи, па сѐ до постигнувањето на т.н. ,,верска екстаза". Овој краткометражен документарец во режија на Атанас (Ацо) Петровски го претставува Рифаиското теќе во Скопје, неговите  припадници т.н. дервиши и нивната цел, односно, духовното воздигнување, духот над материјата во човекот. Преку нецели десет минути црно белиот документарец на Петровски визуелно нѐ повикува да се запознаеме со еден  сосема поинаков начин на живеење кој е присутен околу нас, а за кој толку малку знаеме.


Дервишите се следбеници на движењето суфизам кое претставува религиозно учење за исламот. Преку нанесувањето на физичка болка (лежење во жешки фурни, јадење на оган и бодење на различни места по телото), дервишите ја потенцираат и издигнуваат својата духовна страна и ја отстрануваат негативната енергија од себе. Преку неколку кадри филмот ги покажува верските ритуали и игри на занес, на една од најпознатите и најмистичните секти во муслиманската религија – Рифаи сектата. 


Филмот има одлична композиција уште од својата експозиција, па сѐ до самиот расплет. Првата експозициска етапа започнува со прикажување на една рамазанска вечер во далечната 1951 година во храмот т.н. Рифаиско теќе во Скопје. Тоа е централно теќе за припадниците на рифаискиот дервишки ред. Теќето е поделено на три дела: молитвената просторија т.н. сама-ахане, собата на дервишите т.н. кафе-одаси и просторијата за гости т.н. меидан одаси каде е и тронот на шеикот, односно, собата каде за време на неговото отсуство стои неговата облека која ја носи при вршење на обредот. Интересно е да се напомене дека по јужниот ѕид на ова теќе се испишани цитати од Куранот. Во длабочината на овој ѕид се наоѓа михраб, олтарот каде се чувани светите реликти кои биле употребувани за време на дервишките средби: т'к (тенок бодеж од 20 см), дарп (40 см бодеж кој има челични реси на топузот со кои се бодат новите дервиши), ѓул (долга шипка која нажежена се става во уста), и џембија (вид на секира употребувана при дервишките игри).


Веќе по првите три минути, кадарот повторно ја покажува молитвената просторија, сама-ахане, но овој пат полна со младите рифајовци кои во неколку реда се редат пред михработ и ја започнуваат рамазанската молтива. По оваа молитва влегуваат постарите рифајоци, т.н. дервиши. По својот хиерархиски ред формираат круг и на знак од шеихот, зекирите (певците на теќето) заедно со останатите ја започнуваат дервишката молтива.  Таа има специфична градација, првин почнува полека и тивко, а потоа постепено се повторува во заеднички хорски глас до моментот кога веќе е неразбирлива, претворајќи се во колективно гласно лелекање, занес и екстаза. Оваа молитва, трае цел час и е славопојка кон основоположникот на дервишкиот ред,  Сеит Амет Рифаи-Шеих. 

Вакви теќиња кои организирирале дервишки средби имало многу повеќе низ Скопје. За жал, останато е само ова. Тие порано претставувале еден вид на училишта каде што била развиена апокрифната книжевност, која понатаму се пренесувала усно. На почеток помеѓу помладите и постарите генерации на дервиши, а потоа и надвор од муслиманските кругови. Она што го прави филмот уште поинтерес е дека за време на истиот не сѐ што е кажано е и покажано. Филмот содржински е мошне богат, но не секој кадар се поклопува со нарацијата. 


Највпечатливиот дел од филмот е токму за време на дервишкиот танц. Целта на дервишките редови е духовното издигнување на човекот. Преку лежење во жешки фурни, јадење на оган и други ритуали со кои дервишите го надминуваат прагот на толеранцијата на болка. Себеси се сметаат за духовно и физички посилни од обичните луѓе. За време на дервишкиот танц, дервишите ја искажуваат својата радост што физички ќе ја отсранат негативната енергија од своите души. Звуците на дефот, кудумот и зилот мајсторски го доловуваат не само звукот туку и атмосферата која станува сѐ потензична. Во филмот на Петровски покажани се макотрпни сцени во кои припадниците на оваа секта се бодени со различни бодежи, но дури и тогаш од нив ечи некоја оптимистична енергија, која е многу тешко да се опише. При сите овие ритуали сѐ уште со сигурност не може да се каже зошто тие воопшто не крвават при бодењето со т'к  и дарп. Дали тоа е поради умор или понесеноста од трансот или, пак, од самото познавање на човековата анатомија, во филмот не се открива. Доколку крвта се појави на образите, означува дека дервишот не пристапил кон целиот ритуал со чисто срце или пак бил урочен. Веќе при крајот забележуваме многу крупни кадри од бодењата на новововедените дервиши. Токму за време на овие сцени во позадина се слушаат длабоките гласови на зекирите кои придонесуваат кон морничавата атмосфера при овој обичај. 


,,И еве, како што нивните сенки се губат под утринсково светло, така и оваа мистична и паганска секта се губи со културното издигнување на народот."


 Токму со овој цитат на крајот од филмот, Петровски ја буди нашата љубопитност и ни ја доближува важноста на македонската филмска архива. 


 

Користена литература:

  1. https://www.youtube.com/watch?v=5SkJAMtggmk

  2. https://vardarfilm.mk/wp-content/uploads/2022/02/dokumentarni-filmovi.pdf

  3. https://ovcepole.mk/dervisi-dokumentaren-film-1955/

  4. https://okno.mk/node/36361

  5. https://macedonism.org/%D0%9C%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%B0-%D0%95%D0%BD%D1%86%D0%B8%D0%BA%D0%BB%D0%BE%D0%BF%D0%B5%D0%B4%D0%B8%D1%98%D0%B0/%D1%82%D0%B5%D1%9C%D0%B5-%D1%81%D0%B5%D1%80%D1%81%D0%B5%D0%BC-%D0%B0%D0%BB%D0%B8-%D0%B1%D0%B0%D0%B1%D0%B0/

  6. https://en.wikipedia.org/wiki/Ahmad_al-Rifa%CA%BDi

  7. https://web.archive.org/web/20141222124310/http://www.sufidervish.org/

  8. https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%A0%D1%83%D1%84%D0%B0%D0%B8%D1%81%D0%BA%D0%BE_%D1%82%D0%B5%D1%9C%D0%B5_(%D0%A1%D0%BA%D0%BE%D0%BF%D1%98%D0%B5)

  9. https://time.mk/arhiva/?d1=01&m1=01&y1=1991&d2=31&m2=12&y2=2012&all=0&vreme=1&fulltext=2&timeup=2&show=1&q=%D1%81%D0%B5%D1%80%D0%B8%D1%98%D0%B0%20%D1%84%D0%BE%D1%82%D0%BE%D0%B3%D1%80%D0%B0%D1%84%D0%B8%D0%B8%20%D1%81%D0%BA%D0%BE%D0%BF%D1%81%D0%BA%D0%B8%20%D0%B4%D0%B5%D1%80%D0%B2%D0%B8%D1%88%D0%B8%20%D0%BD%D0%B0%20%D0%BD%D0%B8%D0%BA%D0%BE%D0%BB%D0%B0%D1%81%20%D0%B1%D0%B8%D0%B3%D0%BC%D0%B0%D0%BD&read=d1be096f4fedfdb

  10. https://ceipa.pmf.ukim.mk/mk/node/33

  11. https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%89%D1%83%D0%B1%D0%B5_%D0%9F%D0%B5%D1%82%D0%BA%D0%BE%D0%B2%D1%81%D0%BA%D0%B8

  12. https://www.britannica.com/topic/Rifaiyah

  13. https://eprints.ugd.edu.mk/17438/1/Belcev%20Recnik%20na%20arhaizmi%20finalna%20verzija.pdf

  14. https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%A0%D1%83%D1%84%D0%B0%D0%B8%D1%81%D0%BA%D0%BE_%D1%82%D0%B5%D1%9C%D0%B5_(%D0%A1%D0%BA%D0%BE%D0%BF%D1%98%D0%B5)


Comments


bottom of page