Ги објавуваме песните на 15-те учесници на „Отскочна даска #2“, преднастан за млади поети и поетеси на 3. Скопски поетски фестивал. Во продолжение може да прочитате две песни на младата поетеса Сара Стојановска која беше една од 15-те учесници на втората „Отскочна даска“.
Сара Стојановска е родена на 21. декември 2002 година во Битола. Студира на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Метропола
Градот нѐ огради со своите згради,
нѐ зароби млади.
Ни го скрши едното крило,
ни рече дека му е многу мило што нѐ сретна.
Градот нѐ сруши до темел,
ни рече дека сме плевел,
дека трудот ни бил залуден и ништо не вредел.
Градот беше сместен во чуден предел,
молчењето беше храброст,
а градот зборуваше гласно.
Не ни дозволуваше да шетаме до касно.
Зашто градот беше дувло
и тука ништо не беше чудно.
Брзањето стануваше навика,
време се немаше ни за црната хроника.
Градот нѐ зароби млади,
нѐ здроби на парчиња,
ги изгасна последните жарчиња
и нѐ остави на студ.
Градот беше познат по својот блуд,
носеше темни ноќи и слабоосветлени патишта,
како доказ дека само со светлина ќе го уништат.
Ама градот не се даваше,
градот грабаше и земаше
ништо не враќаше,
градот крадеше, градот лажеше
не нѐ оставаше
и сѐ наше бараше.
Мораше да му се припаѓа на градот,
мораше да се остане во градот,
да се слуша и да се заборави на својата душа.
Градот кружеше над нас и ја чекаше нашата мрша
како закуска во петок вечер.
Градот сакаше да биде вечен
и затоа пиеше крв од деца,
нѐ јадеше однатре и затоа ни стана одвратен.
Градот во кој ретко кој не е осамен
извесно е дека за скоро ќе пропадне.
Спасител
Мајка го смирува своето аутистично дете со прегратка,
сама,
на улица.
Љубовта го спасува светот од пропаст.
Кој ќе ја спаси љубовта?
Comments