Ги објавуваме песните на 15-те учесници на „Отскочна даска #2“, преднастан за млади поети и поетеси на 3. Скопски поетски фестивал. Во продолжение може да прочитате две песни на младиот поет Пепи Стамков кој беше еден од 15-те учесници на втората „Отскочна даска“.
Пепи Стамков е роден на 7.6.1999 во Скопје, иако целиот живот го поминал во Гевгелија, каде завршил основно и средно образование, дипломирал во 2023, на Катедрата за македонска книжевност и култура, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Пишува поезија, есеи и книжевна критика. Неговите песни се објавени во стихозбирките „Метрички карван“, во електронските списанија „Репер“ и „Елементи“, како и во најстарото македонско книжевно списание „Современот“ (каде покрај песните, објавил неколку есеи). Коорганизатор е на второто издание на фестивалот „Коронијалс“. Добитник е на наградата „Блаже Конески“ која ја доделува Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, за есеј на тема: „Раскажувачкото мајсторство на Блаже Конески“.
Друг свет
1.
На крстопатот каде што луњи и ведрина се бијат,
придаваш билки на мешовитите искри
и со потта своја им ја гаснеш усвитеноста
наменета да ја калемат верата во победата.
Гордо им ги моташ раните во скинатите остатоци
од алиштата, парталчињата на нивната бездна
та крснозе седнуваш, чиниш селски врач си,
го затнуваш протокот на крвавите траги.
2.
На крстопатот некој случајно посеал семе
да го про’рти својот род во немир,
за да го навикне на она што му се подготвува
и потаму од животот.
Нема спас за таквото семе:
небесата залутале по слепите правци.
Никулците се принудени да се грбават кон земјата,
тазе родени, веќе треба да се закопаат.
Заветници
Еднолично вперени кон себеси
го корнат семејниот фитил и го палат
во ритамот на паганската потсвест,
се лулаат да земат сила
од светилка да направат силуета.
Нивната празнина отсликува цели народи
и дел од идните поколенија,
зашто на прсти им се бројат
верните на селидба
во душата на огнот.
Kommentare