Ги објавуваме песните на 15-те учесници на „Отскочна даска #2“, преднастан за млади поети и поетеси на 3. Скопски поетски фестивал. Во продолжение може да прочитате две песни на младата поетеса Милена Сиљановска која беше една од 15-те учесници на втората „Отскочна даска“.
Милена Сиљаноска е дипломиран професор по општа и компаративна книжевност, а денес работи како уредник во Издавачкиот центар ТРИ.
Има објавено повеќе ракописи (поезија и проза) во „Современост“, „Литературни искри“, во студентскиот весник „In medias res“ и учествувано на повеќе студентски конференции како „Како си ми“ и други книжевни поткасти.
Оваа година со необјавената стихозбирка „Болопадание“ се здоби со Антев златник.
Веднаш по завршување на целата студиска програма на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, со просечна оценка 9.29, дипломира со труд на тема: „’Пламени’ од Маргерит Јурсенар како реактуализација и творечко надоврзување на античкиот мит“ и го почнува својот пат во уредничкиот свет. Како дел од тимот на ТРИ од 2020 активно учествува во внатрешното уредување на книгите од домашните автори и преведените дела од класичната и современата светска книжевна сцена.
Во 2012 година откако добива прва награда на литературен конкурс организиран од страна на Дата ПЕСНОПОЈ – Битола, ја објавува стихозбирката „Ако имаш време“ во нивно издание како дел од едицијата „Гласини“, уредувана од Илија Мерковски и Весна Димовска.
Во своите ракописи дофаќа најразлични теми што зачнуваат егзистенцијални и клучни прашања – за времето, судбината, животот, смртта, религијата и Бог и самата смисла на постоењето.
Во моментов работи на својот прв роман со работен наслов „Зароддишка“.
Таму каде што ќе останам засекогаш млада
Таму Анабел Ли
шета по замоците
и белиот фустан
ѝ се вее
како завеса сред провев
додека трча по скалите.
Таму Модиљани
првпат ги црта зениците
во модрите очи.
Таму сум вкочанета.
Не го познавам времето
само болката и спокојот,
а никогаш не сум се чувствувала поживо.
Таму дланките
во својот театар на сенки
играат со бисерната светлина
на младоста.
Индијанците живеат во средновековието,
луѓето гледаат мижејќи.
Златна е бронзата.
Гранчињата цветаат и во вазите,
зашто не се откинати
туку засадени во вечноста.
Прозорците имаат пукнатини,
а сепак
духот седи спастрен
и не сака да избега.
Само дланките - птици
одлетуваат до дрвото
крстопат во едно чисто срце.
Шушти сонот,
бојата се суши.
Не буди ме,
те гледам вечен зад клепките.
Стисокот
Ми ја стегна раката
и на неа
краткотрајно
остави стисок.
Ме касна на дланката,
но кожата
брзо си се врати
во старото засолниште.
Само една педа
цапна во мене
и калта на душата
бргу ти се засуши
на босите нозе.
Никакви поројни
дождови не ја мијат.
Биди поиздржлив
и од Јаков
и никаков ангел
нека не те премислува.
Искапи се во неа,
зашто таа не е стисок
што ќе се избрише
како никогаш да не бил.
Ниту е време
за да измине.
Ти - талкач,
Таа - патник.
Ти - мермер,
Таа - скулптор.
Comments