Ги објавуваме песните на 15-те учесници на „Отскочна даска #2“, преднастан за млади поети и поетеси на 3. Скопски поетски фестивал. Во продолжение може да прочитате две песни на младиот поет Дамјан Златановски кој беше еден од 15-те учесници на втората „Отскочна даска“.
Дамјан Златановски е роден во 2003 година во Куманово. Студира на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во средношколските денови станува член на Друштвото на писателите на Куманово и редовен колумнист во неформално здружение за култура „Култура β“. Двапати е награден на конкурсот „Средношколски размислувања“ за своите есеи, со сребро во 2020 и бронза во 2022 година. Трикратно бил ученик на Летната школа за поезија, проза и драма под менторство на професор Венко Андоновски. Со својата поезија дебитира на поетско читање на млади поети „Отскочна даска“ во организација на Скопскиот поетски фестивал во 2022 година.
Омаж на непроникливиот
Тркалезни флеки од филџан трезвеност
роварат по траекторијата на постоењето.
Шумат привиди, неостварени стварности.
Тркалезни флеки од филџан трезвеност,
никого не сакаат, најмногу себеси се мразат.
Од мизантропијата нарциси никнуваат.
Тркалезни флеки од филџан трезвеност,
никому не веруваат, а најмалку на себе.
Сомнежот каења и непромислици коти.
Тркалезни флеки од филџан трезвеност,
слушам ноктурно, ми свират гревови.
Режат сонови врз дамнешните копнежи.
Тркалезни флеки од филџан трезвеност,
гледам плачат мечтаења и бајато пеат
за небидината и златозрачните соништа.
Има ли кој да ги спаси?
Во сенка на боговите
Зошто постојат Боговите,
ако не, колку сме дребни да ни покажат?
За што ни служат зборовите,
ако не, колку сме крепки да ни докажат?
Дребноста моја, мој не е интерес -
мудрости без душа, зар во луѓе ме бројат?
Да покажам сакам, макар било ерес,
пред двава пара очи, немо, и Боговите стојат!
На дребните да им ги оставиме нив -
никогаш не грешеле за да љубат;
за вечноста ќе чезнат и до крајниот им здив.
Грешиш, значи постоиш. А тие ни судат!
Зашто јас со секое сонце умирам
и зашто јас под секоја месечина се раѓам
и така јас ноќе живеам, дење глаголам -
за тебе!
Comments