top of page
Writer's pictureКултура β

„Атипична сомнолентност, ON/OFF и кога копчето ти застане во лимбо“ од Душко Двојаковски (Отскочна даска #3)

АТИПИЧНА СОМНОЛЕНТНОСТ, ON/OFF И КОГА КОПЧЕТО ТИ ЗАСТАНЕ ВО ЛИМБО


Си оди Клоп

Накрај на сезона,

Хиперопсесивно, стигматично

Гледам на ТВ, телефон и лаптоп

Двојни скали во уши

Мајор во лево, минор во десно

Еден глас, крешендо

И во моиве медули, му е тесно.

Бесмртна Медуза

Ни Персеј, ни Кракен, ни сè

Освен петата на Ахил

И стрелата од Парис

Додека гледам низ Мирабо кон Сена

Мислам целиот не сум бил искапен во Стикс

Или толку длабоко ме фрлиле

Пливајќи веќе мускуливе

Не болат туку ме влечат

Се смрзнуваат;

И велат,

Знам, дури и учев

Како звукот се шири низ течен медиум

Специфично низ матна вода

Низ капка роса

Со виолетов блесок на врвот на својата свежина,

А сепак.

Фигаро, Фигаро

Свој и сечиј фактотум

Фигаро

Види ме и кажи ми

Зар не би и ти?

Пијам, демек врескам, кока-кола

Сè на моја сметка

И ти и јас и масава и чашите и пепељарата

Мини во супер-модерна автошкола

Возиме, возиме, вози ме

Каде било, на кафе, дома кај мене

Погледнувам во себе -

Мини серија, сцени на Босфор

Пропуштени епизоди и тизери

Може љубов е, или сум на ептен јаки транквилизери

Мини јас на сцена

Пред мене комедија дел арте,

А јас харлеквин;

И се смеам

И замижувам

И од можеби розово сè станува мултиколор

Од можеби сиво, магла и смог

Сè станува море, сол, дома и јас

Оној јас како што јас си знам

И сега и без очила чинам знам да читам

Лево, или десно

Со, или без

Јас или кој било

Алхемија или хемија

Мутирам или сум осамен

Филозофирам или?

Атипично

Сум свесен,

А и не,

Разбирам што се случува

И разбирам што правам,

Но знам и да размислувам

Пред да втурнам нешто во постоење.

Пишувам стрип

Со рака ракава ја цртам

И ја виткам.

Атипично сум поспан,

А буден

Сомнолентен

И доволно свесен

Едното и другото

On и off

Не сè или ништо

И сè и ништо

И милионот и нулата

И лево и десно

Фузија.

Не бирај, Фигаро

Фактотум

Не бирај!

Да се има избор

Е да се живее во секој

Зар кога веќе тргнеш

Она што останува

Може само да те прогонува.



 

Душко Двојаковски е студент на Медицинскиот факултет во Скопје, роден во 2000 г. во Берово. Стрипови, животни, поезија, музика, филмови и фудбал се многу од работите кои ги сака.



Comments


bottom of page