Филипа Сара Попова е првата добитничка на возобновената награда „Млада Струга“ што ја доделува фестивалот „Струшки вечери на поезијата“. За наградата одлучи жири-комисијата: Славе Ѓорѓо Димоски (претседател), Виолета Танчева-Златева и Андреј Ал-Асади.
„Станува збор за извонредно надарена поетеса, полна со луцидни рефлексии и сензации за животот, времето и светот обликувани спрема потребата во потрага за смисла, но притоа самата е свесна дека и поетскиот говор сам по себе е потрага (по смисла). Ритамот на нејзиниот поетски говор одговара на ритамот на животот: отворено и искрено, без затскривање зад метафори и алузии, таа е сеизмограф на своето време. Филипа Сара Попова не е само обичен забележувач на случувањата, туку има активен однос кон времето што го живееме“, рече Димоски на прогласувањето на наградата во Струга.
Филипа Сара Попова е апсолвентка на катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Наградата, покрај паричниот износ, се состои и од објавување на стихозбирката „Скршен терариум“ во издание на Струшките вечери на поезијата.
Во продолжение прочитајте 5 песни од стихозбирката!
Видеоигра
Ме гледаш,
заробена во квадрати сјај
Јас сум годовите на дрво со смокви во видеоигра
ненабрани и изгниени во тежината на сегашниот миг
кој секогаш сецка и доцни,
се крши низ аноди и катоди
се сосирува во бинарности.
Ме гледаш, а јас
молчам – ме научија да бидам молк
се ѕверам – ме научија да бидам ѕвер
ѕвер во кој тлеат илјадници празнини
огледала едни во други вперени
мисли одиграни наместо кажани.
Го имам природниот неред на неприродното
како јазикот и модерното срце
како расипани роботски правосмукалки
во магацин во кој автоматски се палат светла
Ме гледаш,
јас сум стремеж,
обид на скица да стане здив,
сите филтери на Инстаграм,
сите суптилни реклами за психолошка помош
и сите промотивни пораки на Вибер
Јас не лажам дека не живеам во свет
обременет од сказни и копнежи
Живеам, да, живеам,
11010000 10110000 00100000 11010001 10000010 11010000 10111000 0011111
Мирис на ружа
Сонце јунски ден
во полет пече низ
сенки соголува
тишина од
шумолење и чекори
кон сјајни покривки
заплеткани замисли
постигната цел –
Хоризонт
под нозе
чкрипи песок
весело, трча кон
сеќавање во изградба
детенце кое го прегрнува
бранот. Запирам –
на Тебе помислувам
Богомолка
Чекам во заседа,
ги тегнам стапалата и
се спремам за познатиот танц.
Камуфлирана во сите можности,
кожата отсјајува виножита и магли.
Се прашувам што ќе изедам и
кој облик ќе ми го земе телото.
Чекам тивко во заседа,
низ мене поминуваат и денот и ноќта,
но никој не доаѓа.
Никој не стапнува во мојот крвав дом.
Богомолка,
камуфлирана во себеси,
останува сама да се изедам.
Посмртна
Здив украден
од песочни замоци,
замисли
врз тебе се исправил бран
На погребот сите молчат
се крстат во изгревот
и неговото совпаѓање со ноќта
А зеницата се струполи
во својот одраз
нема ти и јас, само ти
и бладања втиснати во порите
на јазикот на смртта
Нечиј туѓ гавран ми го искасапи џигерот,
каде ли е мојот?
Терариум
Зелено е
Скокотлива болка ми игра на рамото
Се чувствувам закотвена во непознато тло,
А се движам
На лево и на десно, се веам во просторот
се наденувам на сопствените трња,
се галам од туѓите форми и дразби
се потпирам на слободата на летањето.
Влажно е и зелено
Бев само обична намера,
скица во нечиј ум
а сега имам листови
и сум
Топлина ми извира од телото,
мојата пареа е глад за иднината,
продолжување на циклусот
минатото е само бледи кафени дамки
на стеблото, стари изгореници
Чудно е, влажно и зелено
бев нечиј сон,
а сега растам
и гордо ќе се ширам во воздухот
иако некогаш толку јасно
над мене испакната се гледа
границата на стаклениот свод.
Comments