***
Одвреме-навреме,
во сон ќе го видам неговиот лик како на слика
кој лицемерно ќе ме праша дали сум жива -
„добро сум“ е секогаш моја реплика
и покрај тоа што знам дека сум крива,
што повторно,
дури и безмислосно
се лажам
(знае и без да кажам)
дека сѐ почесто тагата своја ја пијам,
па, неуспешно се трудам емоциите да ги скријам,
а така, сѐ погласна е мојата мисла
дали сето ова има смисла?
Се лажам
можеби, се плашам да го слушнам на глас
сето она што може илузијата да ја разобличи за час
(што реалноста ја претставува лажно)
иако веќе живеам во урнатини
помеѓу срушени мечти и сништа
во едносмерни патишта
кои не водат никаде, освен до тебе
во мојот сон, далеку од сама себе
каде некогаш, низ магла,
ќе го видам твојот лик како на слика
и ќе ме прашаш дали сум жива,
а јас ќе кажам со душа горчлива
„добро сум“
иако да бидам среќна
одамна не сум имала прилика.
Песната од Ева Спасевска беше пристигната на акцијата #ДонирајПоезија на фестивалот „Ре-култура“
Comments