Pinhead е човечето кое се појавуваше во претходните изданија на Corrosion (повеќе тука), а сега се наоѓа на омотот на нивниот трет албум.
Во Pinhead се чувстува музичката трансформација на бендот и сите фази низ кои поминаа. Албумот излегува заедно со спот за нивната песна Чернобил на почетокот на септември 2022 година (на 3-ти и на 5-ти соодветно). Спотот на Чернобил е како нивната музика, шарен и полн со дистрозии, динамичен и хаотичен. Ова е исто така и нивната прва песна на македонски јазик, промена на која публиката позитивно реагира. Низ целиот албум тече тематика на распаѓање и на радијација, на пестицид и труење, но сето тоа е направено со весел тон. Каква контрапозиција!
Во целиот албум има звуци кои што потсеќаат на MyBloodyValentine, што значи дека доколку сте фанови на Shoegaze, ќе ви се допадне. Имаат неколку чисти инструментали кои инкрементално се засилуваат сѐ до точка на вриење и експлодираат под притисокот, како што е песната P.E.D.S.. Експериментални звуци доминираат во сите песни. Во Рентген има тапани кои наликуваат на воен марш на осаменост каде залудно се шета нашиот протагонист, изгубен и наведнат без сила. Одеднаш се засилува, почнува да спринта и е пуштен во потрага откако завршуваат вокалите.
Песната Папагалот на Вико е исполнета со манијакално смеење во кое вашата големина се менува со текот на песната. Исто така, песната е придружена со спот кој првпат се прикажува на јавноста, а истовремено и на бендот, на слушачка дружба со Corrosion организирана од „Култура Бета“ во „Буква“ (22.10.2022). Спотот е составен од архивни снимки од младината на Југославија како танцува во рамките на основните училишта. Искрено, изненадувањето беше многу слатко.
Во Холандија (и државата и песната) има едно место каде сѐ тоне во вода. Холандија е една од помеланхоличните песни каде лирската и сентименталната способност на бендот излегува на виделина и не е повеќе скриена под длабоката вода. Се чувствуваат плавите чувства на тонење на нараторот, кој бара топлина, ќебе, па дури и пожар за да се грее.
Во песната Pinhead вие се движите со подморница на дното на морето каде константно сте придружени од зуењето на радарот. Пополека излегувате на површината после вашето тешко тонење и ги слушате тивките и тропски звуци на површината како ве пречекуваат.
Ви препорачувам да го слушате овој албум.
Comments