top of page
logo_rodenden-5_edited.jpg

Одржување на културно наследство е привилегија, а ние тоа најдобро го знаеме

Writer's picture: Наде ЦиеваНаде Циева

Сметам дека е банално и непотребно да ја потенцирам важноста и улогата на културното наследство, особено материјалното кое опстојало, во однос на идентитетот и културата за еден народ. На ист начин на кои сите сме свесни за потребата од еколошка свест и резултатите од немарност, така и за културното богатство и неговото одржување со цел на сочувување на корелација меѓу минатото со сегашност, а и, нормалнo,  иднината. Сè она што е матерјално е одраз на умеењето, творештвото, културата и верувањата на еден народ, па затоа и истражувачите се радуваат на артефактите и објектите кои го „преживеале“ времето, хронолошкото и метеоролошкото. Секогаш кога се отвoра дискусија за материјалното наследство како одраз на народот, чувствувам потреба да се нагласи можност за многу побогат и поопширен материјален свет на некогашните наши предци што поради материјално од кој бил направен, најчесто органски, не останал како пример и артефакт за тема на истражување. Па и затоа на оние кои се истрајни и останати им се пружа многу внимание и грижа, кои варираат според можностите на државата и истражувачите. 


Друг фактор кој е неизбежно да се напомене е тоа што многу од културното наследство во светот е дислоцирано и, просто, украдено од страна на колонијалните сили, па затоа е претежно во музеите на западниот свет. Нормално западниот свет е поспремен и финансиски и од научен аспект за одржување и чување на артефактите и уметничките дела, за разлика на пример од Блискиот Исток каде и денес се војува. Но, факт е дека голема причина за тоа што државите од Блискиот Исток се подложни на војна, со тоа и рушење и уништување на нивната територија, се повторно истите западни сили кои го имаат присвоено и во голема мера насилно украдено нивното културно наследство. Затоа организации како УНЕСКО кои се залагаат за овие проблематики на глобално ниво се покажуваат како корисни и успешни во нивната мисија. Најсоодветен пример е релокацијата на храмовите изградени од страна на Рамзес II  во Абу Симбел, Египет.

Станува збор за два египетски храма кои датираат од XVIII век пр.н.е. и се изградени во планина, поточно вдлабени во камен. Поголемиот храм е посветен на Рамзес II и на  самиот влез има четири монументални скулптури (20 метра) од фараонот, додека помалиот е посветен на неговата сопруга Нефертари и божицата Хатор, пред чијшто влез има шест скулптури (10 метра), четири повторно од Рамзес II и две од неа. Покрај нивната монументалност и архитектонска, умешна изведба, египетските храмови се познати и по нивните богатства, поради што често биле мета на грабежи. Под богатствата најчесто се подразбираат скулптури, релјефи и артефакти изработени со скапоцени камења и скапи метали како злато и сребро. Во храмовите во Абу Симбел биле пронајдени релјефи и фрески, што го прави храмот и неговиот инвентар значаен од уметнички аспект. Се разбира без внатрешноста, самите скулптури на влезовите се доволно импозантни и технички вешто изведени што го прават локалитетот популарен и битен за египетската древна цивилизација и култура. Дополнително, храмовите претставуваат физички доказ на астролошкото познавање, како и математичката прецизност на древните Египќани, со тоа што два пати годишно, во февруари и октомври, сончевите зраци продираат до крајот на големиот храм, осветлувајќи ги скулптурите од Рамзес II, боговите Амон и Ра, додека онаа од богот на подземјето Птах, симболично останува во сенка. Овој феномен е резултат на клучната улога на религијата во тогашното општество, која била доловена и истакната со помош на владеење и познавање на науките од страна на древната цивилизација. Сите овие карактеристики ги прават овие два храма значителни до степен на вмешување на странски ресурси и експерти во нивно ‘спасување’. 


Во шеесеттите години на минатиот век, претседателот на Египет, Гамал Абдел Насер, како дел од неговите обиди за зајакнување на државата, го спровел градењето на Асуанската брана на Нил. Целта на проектот бил воведување на нов извор и ресуср за снабдување со енергија како и контрола врз прелевањето на Нил. Но, оваа брана претставува директна закана за заштита на храмовите во Абу Симбел да бидат целосно потопени и „загубени“. Уште потрагично е што државата и нејзината власт биле свесни за таа последица, но поради растечката и енормната потреба на позитивните резултати кои би ги нудела Асуанската брана, сепак одлучиле за нејзино градење. Ова не треба воопшто да биде чудно, со оглед на тоа што сиромашна држава како што е Египет, нормално како приоритет би одбрала основи услови за одржување на живот и индустрии, додека, пак, на сметка на тоа секундарно или, пак, терцијарно би било нешто како уметност, археологија и културно наследство поради големата сума на финансии кои се потребни за нивно одржување. Поради горенаведените одлики на храмовите во Абу Симбел, УНЕСКО презеле иницијатива за релокација на локалитетот во 1968 година. На тој начин бил сочуван споменик на културата и било овозможено исполнување на потребите на популацијата со градење на Асуанската брана. Самата процедура била макотрпна, скапа и пипава, со што преку најпрецизно сечење, нумерирање и поместување на огромни блокови, парче по парче биле преместени и составени на 64м повисоко ниво со цел  обезбедување нивна заштита од поплавување. Поместувањето или, стручно кажано, дислокација на храмовите била успешна и тоа со толку голема прецизност што бил пресметан влезот на поголемиот храм на Рамзес II за да ја задржи астролошката усогласеност, да повторно бидат осветлени трите скулптури двапати годишно. 

Интересен факт е што ваков нафат бил изведен во Македонија, но се разбира, за жал, неуспешно. Тој пример е демонтирањето на Гореничкиот мост на Радика, кој бил прогласен за културно наследство. Во шеесеттите години имало обид за негова дислокација поради изградба на брана на Дебарското Езеро со цел да биле повторно составен на Радика на локација која не би претставувала ризик на култниот мост. Повторно се подразбира, поради немање финансиски средства овој план пропаднал, со што исечените камени блоковите, кои се чувале во близина на Бошков мост биле отфрлени и реупотребени, наместо нивно повторно изградување и составување. Оваа немарност и, едноставно, непрофесионалност е исто така причинител за оштетување на културното наследство и тоа не само кај нас туку општо низ светот. Овој случај е чест пример на неистрајност кај нашите власти и стручни лица, кои во многу слични проекти оставаат впечаток дека при калкулација на буџет не е земен предвид трошокот за одржување според досегашните неуспешни или нецелосни резултати. Вакви проекти бараат бескомпромисен буџет со цел да бидат успешно изведени и тоа што најчесто се заборава се средствата кои се потребни за одржување, кое во идеални услови треба да е константно и непрекинато за да се постигне истрајност. За жал не секоја држава и тоа не во секој момент би имала можност да одвои пари за баш секој проект кој вклучува заштита на културно наследсто и затоа треба да се обрне внимание и други решенија кои нудат повремена конзервација и грижа, без тоа да биде табу или сфатено како дефинитивен и краен пораз. 


Околу што можеме ние да преземеме во врска со одржување и негување на нашето културно наследство е пред сè негово познавање. Колку и да би сакала да ги обвинам само одговорните во инциденти како со Гореничкиот мост, не можам да го обвинам отсуството на свест и чувството за одговорност кај индивидуата. Да, во ваков случај виновни се оние кои непромислено и несмасно се нафатиле за ваков сериозен проект и тоа резултирало во неуспех, но од друга страна за оние и поситни и навидум банални оштетувања мора да се потенцира нашиот личен однос кон сè она што претставува културно и национално богатство. Во ова спаѓа и нематеријалното како: јазикот, музиката и адетите, и, се разбира, материјалното кое на многу моменти било безмилосно и нелогично оштетено. За ‘банални’ оштетувања никој никогаш не одговара, ниту пак се информира јавноста и јас за многу такви случаи имам дознаено само поради моето студирање и разговори со професори. Па затоа сметам дека и ние самите при посета на објекти и таканаречени споменици на култура треба соодветно да се однесуваме. Скопскиот акведукт е моментално депонија, безброј фреско-ансамбли се оштетени намерно заради суеверни обичаи и вакви примери само се множат и ќе продолжат сè додека не се крене свест околу вредноста и значајноста на културното наследство кое нè опкружува. И, се разбира, првично одговорни секогаш се надлежните и стручњаците, поради тежината на влијанието на нивните одлуките, кои, според мене, треба да се отворени кон критика (конструктивна, нормално, само таква ние знаеме) и транспарентност на работата. 




Comments


bottom of page