top of page
Writer's pictureКултура β

Ноќта сѐ знае, за денот да (про)говори | кон стихозбирката „Ноќта сѐ знае“ на Викторија Ангеловска

Пишува: Ангела Бошкоска


Сѐ се случува ноќе и оттаму таа сѐ знае, ништо не прашува, крие, влегува во индиго. А потоа шепоти. Протекуваат цели светови светлина и се слеваат во стихови што зборуваат за нашите тајни. Моите, твојата, неговата. Тие се дружат меѓусебно, но ние никогаш не разговараме за тоа, а полесно е ако си кажеме.

Вака некако се обидував да комуницирам со себе си читајќи ја новата збирка на поетесата Викторија Ангеловска, „Ноќта сѐ знае“. Мала книга со големи стихови која се чита за кратко време, но спротивно на тоа, долго останува со тебе и размислувате заедно. Читајќи ја книгата се чувствував како да си разговараме со авторката, иако таа директно не се обраќа никому, па можеби ни на себе, туку остава стиховите да ти се јават, да си се расприкажете насамо. Се разбира, ако сакате.

Иако формално книгата не е поделена на циклуси, може да се восприеми како поделба на неколку покрупни делови, кои ги допираат темите на младешкиот гнев, себеспознавањето, самување со болката, потоа надеж, храброст и конечно себе прифаќање со сета тежина на претходно набројаните. Меѓу нив Ангеловска пишува за сѐ што доаѓа попатно со љубовта. Прашува за нештата на кои толку сме привикнале да живеат со нас, па не се сеќаваме да им поставиме прашање. Тогаш се создаваат оклопите, најчесто околу срцето – цврсти како што ги опишува или меки како торба за на пазар – таму се. Мора сами да ги извадиме, да се прашаме што сѐ сме собрале во очите и да им веруваме кога ги издаваат внатрешните отрови. Тоа може да значи, како што пишува младата поетеса, што ја чини нашата горчина и како сме дошле до овде и дали за тоа сме самите виновни или секогаш го делиме со уште еден. Присуството на другиот е вткаено на начин што вториот во нас или другиот за нас е како девојка што сум ја сретнала / во тоалет во диско, / сме си размениле комплименти, / со тажен поглед, со размачкана маскара или е зборовите што кога ќе ги снема се само здодевна мелодија. Интересно е тоа дека колку што е силна другоста толку песните се фокусирани и свртени кон единственото себство и желбата за слобода. Оттаму копнежот за Сонце како делче надеж во темнината на другиот. Оттаму нескротливата потреба да се живее / … / е танц во бурата / дури и кога мислиш / дека веќе нема да огрее сонце. Овде си дозволив да прескокнам речиси цела песна и да ги поврзам првиот со последните три стиха затоа што авторката токму во тоа поседува умешност – песните како и да се читаат се поврзуваат, затоа што секој стих има посебна, а заедничка смисла. Поголемиот дел од песните се како прв и втор дел од дводелна реченица, а меѓу нив нанижани стиховите кои ги кажуваат важните работи што (не)намерно секогаш ги испуштаме во секојдневната комуникација.


Поетиката на секојдневнието е несомено присутна во целата книга. Особено кога директно ни се обраќа потсетувајќи нѐ дека потешко е да си простиме себе отколку да ни прости другиот и ни го поставува прашањето колку пострашно е за другиот да го стори тоа, иако често забораваме. Лирското јас со метафора на Алиса која трага по мигот, претставен како белиот зајак, и во таа потрага постојано паѓа во дупката се стихови што може да се најдат на првите страници. Тоа навестува дека се работи за поезија произлезена од долго патување и инитимно сосредочување со реалноста како предолго возење во полн автобус. Речиси од секој стих излегува крик за слобода и желба за провев дотолку што посакува да стане, како што пее Ангеловска, ветер што ѝ пркоси на гравитацијата и што лесно го снемува. Паралелно на ова, пред нас имаме четиво на утописка потрага по земни нешта што се чинат сѐ подалеку во живот со стежнати раменици. Такви се:


берење капини,

скриен бакнеж

и песна на која

по default ѝ го грешиш текстот.


па потоа:

да е ладно пиво,

сенка под дрво

до кое тече река

во која влегуваш до коленици.

да е живот,

вистински, до сржта


Чувството на младешка енергија испреплетена во години бунтовен шарм и очигледно созревање, на крајот се челичи со свесноста дека има нешта што трогнуваат повеќе од љубовта. Тоа се можеби безимениот човек што секогаш / виси на истото место под мостот / што ме моли за лименка скопско / во 9:20 наутро., бабата што во корпата со портокали / всушност бара некој што ќе ја сослуша или својата ранливост. Тогаш, како што пишува поетесата во една од последните песни, се сеќаваме на стискањето заби, потребата да сме силни, да издржиме, да надминеме, да се обидеме… да научиме како повторно да му веруваме на Сонцето, иако знаеме дека ноќта е онаа што сѐ знае.

До следната луна на Ангеловска за која се надеваме дека ќе се случи, а дотогаш слушајте го ноќниот шепот. Тој секогаш има нешто да ви каже.


コメント


bottom of page