top of page
Writer's pictureМарија Велинова

Ноември со Моника Стојановска



Претпоследниот месец од годината, со целата негова пријатност и мекост, го посветуваме на една млада уметница чија уметност е токму таква: нежна, мека, пријатна и смирувачка -

Моника Стојановска!



Моника Стојановска (1993) е родена во Скопје, Македонија. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, отсек Италијански јазик и книжевност. На културната сцена таа ни е позната пред сѐ, преку нејзините изработки кои заземале различен облик во текот на годините, за на крајот да создаде својот бренд „Моки“ во 2019 година. Примарно сместен онлајн, а сега и со свое физичко катче, „Моки“ ни нуди различни слатки креации (како пликоа, честитки, персонализирани производи, чашки, дневник…) кои можете да ги разгледате на Инстаграм профилот или на блогот


Исто така, годинава, Моника го започна профилот Носталгично за винтиџ предмети, уловени на втора рака, „предмети што заслужуваат да бидат повторно сакани“ како што ни опишува таа. Таа внимателно ги курира и ни ги покажува под ново светло старите предмети кои кај повеќето будат носталгија за некое време во кое можеби и не сме живееле, но кое носи една посебна топлина.


Активна и на полето на поезијата, во 2022 година ја објавува нејзината прва збирка поезија „Има и такви денови“ (Полица), која во 2023 година влезе во потесниот избор на конкурсот за престижната награда за феминистичка и квир книжевност од регионот „Штефица Цвек“. Претходниот месец излезе од печат и нејзината втора стихозбирка „На крајот сѐ ќе биде како што треба“ (Полица), а промоцијата на збирката ќе се одржи утре (четврток, 7. ноември) во кафе-книжарницата „Буква“ од 19:30 часот.


Учествувала на повеќе поетски читања во државата, а дел од нејзината поезија била објавена во неколку антологии, како што се: „Ново раѓање на зборот: антологија на млада македонска поезија“ (прир. Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, ПНВ Публикации, 2023) и „Самодиви: панорама на македонска поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“ (прир. Славе Ѓорѓо Димоски и Јулијана Величковска, Поетска ноќ во Велестово, 2023), како и во публикацијата „Новите добри времиња“ на локалната феминистичка платформа „Медуза“. Поезијата на Моника неколку години по ред е селектирана на регионалниот книжевниот конкурс „Рукописи“ и објавувана во истоимениот зборник. Дел од песните ѝ се преведени на српски и на хрватски јазик. 


Освен со пишување, најчесто, за лично задоволство, се занимава и со преведување поезија и проза на македонски јазик (од англиски, српски и од хрватски јазик). Во 2022 година, дел од нејзините преводи се најдоа во „Променливо облачно“, публикација на „Медуза“. Нејзиниот расказ „Розов еж“ беше третонаграден на конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ во 2022 година.


Во текот на ноември ќе можете да прочитате избор песни од нејзината нова стихозбирка, да видите дел од нејзините дизнајни, да ја чуете Моника на книжевното читање организирано од Култура Бета „Тоа сме ние!“ на 13. ноември во МКЦ, како и уште неколку содржини кои ги планираме! Следете нѐ!


Comentários


bottom of page