Минатата година во октомври во Словенија се оформи „Македонската студентска организација во Словенија“ или скратено МСОС која како неформална организација има за цел да им помогне на сите студенти кои одат на студии во Словенија со решавање на сите потенцијални проблеми што може да се јават при почетоците на студирањето, но и нивниот тек.
За таа цел Васил Ханџиски направи интевју со раководството на МСОС кои подетално објаснија што прават, кои се нивните цели и кои се механизмите за помош на македонските студенти во Словенија.
В.Х.: На почetок би сакал да ве прашам што е МСОС? Кога се оформивте и ако може да споделите некоја интересна приказна околку вашето создавање.
МСОС: МСОС или „Македонска студентска организација во Словенија“ е студентска иницијатива, која ја започнавме со цел да создадеме систем за подршка на студентите од Македонија во Словенија. Неформално се оформивме во октомври 2022 година, кога и го организиравме првиот настан „Македонска студентска вечер во Љубљана”. Инспирацијата за настанот се јави сосема спонтано, откако сфативме колку наши студенти всушност студираат во Словенија. Па си рековме, колку би било кул доколку направиме настан, кој ќе ни овозможи сите да се собереме на едно место, да создадеме нови познанства и да се почуствуваме бар на кратко “како дома”? Одговорот е многу кул! Тоа што настанот го посетија повеќе од 500 студенти не само од Македонија, туку и од други балкански и европски земји, веселата атмосфера која не стивна 6 часа и сите коментари кои ги добивме таа вечер за идејата и уникатноста на настанот, беа доволен показател за потенцијалот да се направи нешто поголемо. Од тој момент па натаму неуморно работиме да создадеме заедница, која ќе обезбеди систем за подршка на нашите студенти во Словенија, но и простор за социјализација и релаксација од напорниот студентски живот. Едно катче, во кое сите информации и одговори ќе бидат собрани на едно место: сè од прашања поврзани со уписите и програмите на факултетите во Словенија и потребни документи за виза до едукативни работилници и забави. Со оваа мисија, МСОС јавно ја лансиравме во март 2023 година.
В.Х.: Како и секое здружување сигурно и вие имате некоја структура. Дали би можеле накратко да нѝ ја опишете?
МСОС: На внатрешната структура на МСОС работевме долго и напорно, навидум изгледа комплицирано, но во суштина е клучот за добра комуникација и ефективност. МСОС брои 4 тима: тим за комуникации, тим за организација, тим за финансии и тим за човечки ресурси. Координаторите на овие тимови заедно со претседателот, заменик-претседателот и секретарот на организацијата се здружени во Координативно тело. На ниво на тимови имаме редовни состаноци еднаш во неделата, додека сите членови се собираме секоја прва сабота во месецот на групен состанок.
Во срцето на МСОС се посветените членови – разновидна група на поединци, секои со различни ставови и интереси, од уметност до наука, обединети со една цел – да го направиме студентскиот живот далеку од дома полесен и позабавен!
Ќе пробаме во две реченици да ја објасниме улогата на секој од тимовите, иако е невозможна мисија:
Тим за организација е тимот кој стои зад сите настани на МСОС. Тие се одговорни за планирањето, организирањето и евалуацијата на сите наши настани и активности.
Тим за комуникации е тимот кој стои зад сите објави на социјалните мрежи. Главна задача на овој тим е да допре до сите студенти и да биде нивниот глас, кој ќе ги претставува сите нивни предизвици и потреби.
Тим за човечки ресурси е тимот кој не држи како целина. Нивна задача е да му помогнат на секој член да се чувствува добредојден и да го најде своето место во организацијата. Доколку решите да ни се приклучите во МСОС, најпрво ќе се запознаете со нив.
Тим за финансии е тимот кој овозможува сите наши активности и настани да станат реалност, градејќи партнерства со фирми и организации, кои ја делат нашата мисија.
В.Х.: Од вашето оформување до денес доживеавте голема популарност помеѓу македонските студенти во Словенија. Кој е клучот на вашиот успех?
МСОС: Препознатливоста ја стекнавме на сметка на уникатноста. Целта ни е да ги обединиме студентите од Македонија во Словенија - нешто што не е примарна цел на ниту една друга студентска организација, а наши студенти во Словенија има повеќе од 1500 и оваа бројка од година во година расте. Успехот на организацијата е доказ за заедничката посветеност да си помагаме еден на друг, да подадеме рака за помош и да го подобриме студентското искуство. И покрај неизбежните предизвици, нашта работа е водена од внатрешна мотивација да имаме позитивно влијание врз животот на студентите и да придонесеме за нашата татковина.
В.Х.: Како неформарлна студентска организација која цели да ги застапува интересите на македонските студенти во Словенија дали сметате дека нашите студенти се рамноправни со словенечките студенти? Кои се проблемите со кои се соочуваат нашите студенти?
МСОС: Билатералниот договор помеѓу нашите земји ја гарантира нашата рамноправност со словенечките студенти. Но, сепак сме странци во туѓа држава и предизвиците се неизбежни, особено при навигација на административните процеси. За решавање на овие потешкотии, како организација се трудиме да обезбедиме поддршка и насоки за студентите, особено бруцошите, во разбирањето на процедурите за аплицирање, обезбедувањето дозвола за престој и добивањето здравствено осигурување. Работиме на соработка со универзитетите и студентските организации во Словенија, како и Амбасадата на РСМ во Словенија, со цел да понудиме дополнителна помош и проверени информации за нашите студенти.
В.Х.: За крај би сакал да прашам што можеме да очекуваме од вас во наредниот период? Каде го гледате МСОС во наредните години?
МСОС: Во наредниот период очекувајте многу настани за дружба и социјализација, многу информации и споделени искуства за животот и студирањето во Словенија, како и исполнет месец септември за пречекување на бруцошите.
На долгорочен план сакаме да ја реализираме нашата цел - МСОС да стане вистински дом за сите студенти од Македонија во Словенија, поттикнувајќи чувство на љубов, прифаќање и безрезервна поддршка. Имаме за цел да бидеме гласот на македонските студенти и да го прошириме нашето дејствување низ цела Словенија. Преку промовирање силна соработка и дијалог со дијаспората, македонските и словенечките компании и организации, се стремиме да изградиме подобра иднина за сите студенти.
Повеќе информации дознајте на социјалните мрежи на МСОС достапни ТУКА!
Hozzászólások