кон „Јас сум четврток?“ од Виктор Бучковски
Едно издание на мултимедијалниот „Клинци“ што го организирам со „Култура Бета“ и Europe House Skopje од публиката храбро се издигна една рака на еден млад човек кој побара да прочита своја песна. Јас како не многу голем љубител на падобранци на настани и отворени микрофони, сепак, како модератор, скептично дадов простор тој млад човек да прочита своја песна. Тоа беше Виктор Бучковски, кој тогаш ја прочита песната „Тк-тк-тк…“ посветена на Скопје и неговата нефункционалност, а кон крајот на 2024 година тој дебитираше со својата првообјава насловена „Јас сум четврток?“.
Авторот во најавата за промоцијата ја најави книгата како „збрканица“, а не како поетска книга и тоа се должи на игривоста на книгата која е составена од песни, прозни записи, дневнички записи, размисли, исповеди. И да, оваа книгата е навистина збркана, бидејќи во ниту еден момент не го остава читателот да чита линеарно, пишаното не тече и постојано на секоја следна страница те напаѓа нова мисла, нов запис, ново прашања. Со читањето се гледа дека книгата е ‘младалачка’, се занимава со прашањето на себепронаоѓањето, на промената на еден човек од човек кој не сака култура и поезија во таков кој целосно сака да се посвети на тоа. Во книгата, авторот зборува и за својот однос кон семејството, кон родителите, немимовно е присутна љубовната тема и недостигот на саканата личност и на крајот, односот на авторот кон себеси. Дали „Јас сум четврток?“ може да се чита како автобиографија? Можеби да, а можеби би било и прегрубо така да се определи, но дефинитивно може да се чита како книга исповеди на еден човек кој го наоѓа својот глас во оваа разновидна и игрива книжевна форма со крајна цел на поезијата како терапевтска алатка.
Како читател можеби и малку ми пречеше таа целосна неконструктивност на книгата, бидејќи песните не се ниту класична поезија која има некаква стиховна распореденост, ниту, пак, песните се некакви песни во проза туку, напротив, стихот е целосно слободен и прекршен, неочекувано преминува од еден во нов ред, а дополнително на тоа е значајна и интермедијалноста на книгата која е присутна преку цртежите на авторот кои некогаш се појавуваат и помеѓу самите строфи на песните. Она што мене ми беше интересно се и неколкуте прашања и констатации кои се поставуваат во неколку наврати во текот на збирката, кои даваат можеби насока за читање на тоа што следува, а можеби и поттик за размислување за поголемите теми и проблеми кои ги засегаат младите луѓе. Тука мислам на: Суди ме по кого не судам и почитувај ме по почитта што ја делам; Може ли да бидеш среќен ако постојано правиш работи за кои длабоко во себе веруваш дека се погрешни? и Лесно е да делиш, тешко е да спојуваш.
Важно е, исто така, што книгата има едно фино и прилично емотивно заокружување од воведниот запис: Да не беше чумата, ќе ја немаше ренесансата, твоето заминување беше мојата чума. Нека ова биде пример за тоа дека историјата се повторува., со писмото-исповед во последниот дел од книгата посветено на мајката каде што авторот го искажува мотивот за оваа книга со што е присутна и една автореференцијалност, како и записот на последната страница Те сака, мајко, твојот син Вико, втор на број, кој со оваа реченица ја заврши својата прва збирка, збирка поезија. Цмок. Ваквото заокружување го прави ова кусо пакетче младешки прашања кое дефинитивно го поставува човек пред сериозната планина проблеми исполнета со идентитетски, семејни, љубовни, свои прашања.
Со оваа книга, посакувам Виктор успешно да влезе во книжевните води и да си ги наоѓа одново и одново сопствените одговори на прашањето „Јас сум четврток?“, а нивната терапевтска моќ веќе како читатели ја чувствуваме.
Commentaires