top of page

Што се чита?: Многу светови во „Свет зад светот“ од Лидија Капушевска-Дракулевска

  • Writer: Андреј Медиќ Лазаревски
    Андреј Медиќ Лазаревски
  • Apr 4
  • 6 min read

Дека во есеистиката на професорката Лидија Капушевска – Дракулевска се кријат многу светови, досега се потврдило многупати, бидејќи текстовите во нејзините книги варираат од книжевна теорија, до проследување на историја на книжевност, па до локални проследувања на македонската литература, лоцирање на светските текови во неа, како и анализа, коментари и критика на засебни книжевни остварувања кои во македонската книжевност оставиле некаков печат. Ваквата сестраност и широка ерудиција видлива во книгите на Капушевска – Дракулевска е препознатлива и во нејзината книга „Свет зад светот“ (2023, Бегемот) поместена во едицијата „Перископ“ во која што неодамна се придружи и книгата „Градоначалникот на Хипнополис“ во авторство на Лидија Капушевска – Дракулевска и Владимир Мартиновски. 

Книгата „Свет зад светот“ е книга есеи кои се фокусирани исклучиво на македонската книжевност и тоа поделени во три дела. Прво, Книжевни мапирања и омажи – текстови посветени на македонските книжевни класици како Славко Јаневски, Блаже Конески, Ацо Шопов, Луан Старова, Радован Павловски и Богомил Ѓузел; второ, Двоен поглед каде што авторката сместува по два есеи за петмина автори, и тоа: Влада Урошевиќ, Митко Маџунков, Катица Ќулавкова, Томислав Османли и Иван Џепароски; и трето, Клучеви каде што се сместени пет есеи посветени на конкретни книги од Калина Малеска, Санде Стојчевски, Ерол Туфан, Славица Гаџова Свидерска и Ристо Лазаров. Есеите во оваа книга не се нималку очекувани и не се исполнети со дискурсот кој веќе ни е познат кога зборуваме за споменатите автори, туку напротив, Капушевска – Дракулевска ни нуди нови погледи на творештвата на овие автори, како и ни понудува нови читања на нивните дела и, секако, изложува дузина нешта кои, можеби, се наоѓаат на маргините кога зборуваме за авторите кои веќе ги набројав. Тука најмногу мислам на есејот од „Свет за светот“ посветен на првата и единствена стихозбирка на познатиот македонски романсиер Луан Старова кој, ете, имал и стихозбирка која не ми беше позната. Потоа мислам и на есејот за Радован Павловски и Богомил Ѓузел и нивните, првин тескт „Помеѓу тековите на песниве“, а потоа и манифестот „Епското на гласање“ кои произлегуваат како резултат на ‘победата’ на модернизмот во спорот со реалистите. Тука, секако, мислам и на поетската беседа посветена на Урошевиќ по повод добивањето на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, како и на уникатните читања на книгите од поновата домашна продукција меѓу кои особен впечаток ми остави есејот за книгата „Скопје во високата зона“ на Калина Малеска. Во продолжение малку пошироко ќе го објаснам ова.


  1. „Луан старова како поет“


Есејот „Луан Старова како поет“ е четвртиот есеј поместен во збирката есеи „Свет зад светот“. Се наоѓа после три есеи посветени на тројца други класици од македонската книжевност и тоа Јаневски, Конески и Шопов, но овој есеј е оној кој мене ми остави најголем впечаток во овој дел од книгата и тоа токму поради тој новитет кој го носи есејот, односно, интерпретацијата на единствената стихозбирка на Старова, наспроти богатиот прозен опус кој авторот го има. Секако дека во есејот се дава и значење на тој широк и масивен прозен опус и тоа со една многу фина забелешка која авторката ја презема од самиот Старова (која, патем, исто така не ми беше освестена до читањето на овој есеј), а таа се однесува на серијата од дваесет романи „Балканска сага“ која е „балканска варијанта на Прустовата европска потрага по изгубеното време“ и со тоа авторката го определува како еден од најзначајните и најплодните романсиери во македонската книжевност. 

Но, веројатно, секогаш е предизвикувачки да се занимава човек со она што е на маргините, а тоа во нашиов случај е единствената стихозбирка на Старова насловена како „Песни од Картагина“, која настанува како плод на дипломатскиот престој на Старова во Тунис. Авторката, тука, сосема оправдано и очекувано, прави паралела со Шоповата „Песна за црната жена“ која исто така е плод на еден дипломатски престој на Шопов во Сенегал. Она што е значајно за овој есеј е лоцирањето на песните во проза што се наоѓаат во третиот дел на збирката на Старова, а во кои Капушевска – Дракулевска ги гледа наговестувањата на главните теми од „Балканската сага“, а тоа се како што наведува и самата авторка, егзилот, невдоменоста, вавилонското/балканското шаренило на јазици, семејството, балканската историја, премрежјата на ова тло. Интересна е оваа врска меѓу поетското и прозно творештво на Старова која авторката ни ја нагласува, особено, кога би сакале да го иследиме целосниот тек на творештвото на Старова кое несомнено е и надополнето со неговата биографија, значи вистинскиот живот кој, ете, прво се излеал во поетскиот дискурс. 


  1. „Манифест пред манифестот“


Вториот есеј во книгата што ми беше исклучително откритие е текстот посветен на Радован Павловски и Богомил Ѓузел и нивните два текста, првиот заеднички текст насловен како „Помеѓу тековите на песниве“ и вториот, заедничкиот манифест насловен како „Епското на гласање“. Овој есеј ми дојде како одлично надворзување на оној дел од разговорот на Влада Урошевиќ со Владимир Јанковски во книгата „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ кога Урошевиќ зборува за спорот реалисти-модернисти. Е, па, по ‘победата’  на модернистите се појавуваат овие два текста каде што двајцата автори, Павловски и Ѓузел, искажуваат силни ставови за тогаш актуелната книжевна реалност и поврзани со она што тие сакаат да го променат.

„Ние не смееме, не можеме и немаме време да бидеме традиционалисти“ воскликнуваат двајцата автори, а тоа Капушевска – Дракулевска ни го пренесува во својот текст и тоа сосема во интересно време кога на поетската сцена можеме да видиме одредено навраќање кон традицијата и тој некој познат македонски патос, но тоа е тема за друга прилика. Тоа што е особено значајно, а мене особено ми беше интересно, особено што во овој момент токму со професорката ги изучуваме сите изми и нивните манифести, е констатацијата дека „како и секој друг модернизам, и македонскиот има свој манифест, иако не е масовно и колективно поддржан.“ Интересни се и анегдотлните додавки кои авторката ги вметнува, а кои се додадени по кажувања на професорот Урошевиќ и, особено, целата приказна околу сагата околу објавувањето на овој Манифест кој не можел да биде испечатен во „Разгледи“ (списанието околу кое осцилирале македонските модернисти), туку, напротив, преведен на српски од страна на Урошевиќ и за првпат објавен во Нови Сад.

Значајни се ваквите историско-книжевни проследувања бидејќи го контекстуализираат развојот на македонската книжевност и придонесуваат кон зачувување на сеќавањето.


  1. Двоен поглед


Уште едно значајно проследување на книжевната историја е и доделувањето на „Златниот венец“ од Струшките вечери на поезијата на Влада Урошевиќ, кој е третиот македонски добитник на оваа најзначајна награда, а чие добивање беше проследено со беседа токму од професорката Капушевска – Дракулевска која првин во охридската Св. Софија ја изнесе својата поетска беседа за творештвото на Урошевиќ, а сега и во „Свет зад светот“ каде што можеме и интегрално да го прочитаме овој есеј кој има големо значење, бидејќи зборува за еден од најактивните, најплодни, најживи автори. Овој есеј е поместен во вториот дел од книгата насловен како „Двоен поглед“ каде што авторката нуди по два есеи за петмина автори занимавајќи се со две различни страни на нивното творештво. Во овој дел покрај поетската беседа за Урошевиќ може да се прочита и есејот за „Мојата роднина Емилија“, познатата збирка раскази/роман на Влада Урошевиќ.

Покрај текстовите за професорот Урошевиќ, тука се изложени и по два текста за Митко Маџунков, потоа за Катица Ќулавкова, па за Томислав Османли и на крајот за Иван Џепароски. Сите овие двојни погледи одат на линија на дијаболичноста на творештвото на овие автори движејќи се низ двојбите поезија-проза, разумно-сонливо, теориско-книжевно, философско-поетско. 


  1. Клучеви


По петте есеи во првиот дел и по десетте есеи за петмината автори во вториот дел, во третиот дел од книгата насловен како „Клучеви“ се поместени ПЕТ есеи за исто толку книги од современата македонска книжевност. Намерно ги истакнувам овие броеви за да се покаже и кохерентноста на самата книга, како и нејзината јасна и прецизно осмислена структура. Од „Скопје во високата зона“ на Калина Малеска, преку „Великата лирска песна“ на Санде Стојчевски, „Куфер“ на Ерол Туфан, па до „Политика на стравот“ од Славица Гаџова Свидерска и „Срце во мозокот“ на Ристо Лазаров – во овој дел од „Свет зад светот“ се поместени широкоопфатни рецензии за наведените книги истакнувајќи ги најзначајните елементи на самите дела, како и едно пошироко контекстуализирање на темите со кои се занимаваат авторите во книгите, а Капушевска – Дракулевска умешно ги забележала, приложила и истакнала во своите текстови.


***


Есеите на Лидија Капушевска – Дракулевска не се исполнети со некаква „академска надменост“, напротив, во нив можеме да ја читаме искреноста и отвореноста на професорката која ја сведочиме и на нејзините предавања на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Овие есеи немаат цел да наметнат некаков дискурс и да бидат априори прифатени како општа вистина, што значи не се наметливи туку се суптилни толкувања, лични гледишта, тие се она што и самиот наслов на книгата го кажува, имено, се свет зад еден свет дополнувајќи ја македонската есеистика, книжевна наука и книжевна критика со една значајна студија. 



Comments


bottom of page