top of page

МАРТ СО АКСИОС: Бета-муабет со Наде Циева, претседателка на „Аксиос“

Writer: Калина КачоровскаКалина Качоровска

Зошто март го посветуваме токму на „Аксиос“? Кои се тие? Какви се нивните цели, активности, идеи? Која улога ја играат тие во проширување на дискусијата за археологија, историја на уметноста и културно наследство? Ова се само некои од прашањата за кои обидуваме да добиеме одговор преку нашето интервју со Наде Циева, претседателка на „Аксиос“. 


Калина Качоровска: „Аксиос“ постои уште од 2001 година, но потоа одреден период прекинува со активностите, сè до почетокот на оваа академска година. Како изгледаше процесот на ре-активација на здружението?


Наде Циева: Може да се рече дека процесот започна уште во првиот семестар кога почнав со факултет. Јас и моите две колешки Сара и Меги дознавме дека постои здружение на нашиот институт во кое сакавме да се зачлениме, по што дознавме дека е неактивно. Момент кој ми е врежан во главата е кога за време на предавање со професорот Никос, при разговор за „Аксиос“ тој спомна дека здружението „повеќе не постои“ и истовремено сите три се погледавме и сфативме дека тој поглед значи: „А, бе ајде ние да го активираме!“. Па така, претходната пролет истиот професор Никос, нè стапи во контакт со претходниот претседател Игор Ефтимовски, а тој пак со последниот Кирил Ангеловски. И на двајцата сме им неизмерно благодарни за тоа колку ни помогнаа во процесот на повторна активација. Процесот се одолговлекуваше просто поради тоа што за време на лето луѓето не можат да се договорат за еден ден или термин за среќавање, и покрај тоа сепак првпат се соочувавме со ваков тип на административни ставки и документи. Така што околу самиот процес, беше подолг од што очекувавме, но тоа беше поради склоп на околности. 


Калина: Вашата главна цел е приближување на археологијата и историјата на уметноста поблиску до луѓето, отворање разговор за овие теми надвор од академските кругови, во секојдневието. Дали и колку е тоа тешко? Како обидувате да ја направите оваа тематика попристапна за пошироката јавност?


Наде: Пред сè мора да напоменам дека е очигледно дека нема голема заинтересираност за запишување на овие струки, особено историја на уметноста. Морам да кажам дека сум многу задоволна од тоа што гледам дека нашите генерации се запишуваат и на „непопуларни“ смерови кои се етикетрани како непросперитетни, нормално, поради условите во кои функционираат и се одвиваат во државава. Во однос на нашите конкретни струки, на археологија има поголема група на студенти и се дупло повеќе отколку на нашиот смер, историја на уметноста. Но за општиот однос кон нив и дали се дискутирани, би рекла дека се прилично запоставени. Нашата цел е да ги промовираме овие наши струки, во чијашто категорија спаѓа и културното наследство, и да се потрудиме да дадеме реална слика за што изучуваме и истражуваме и истото да се сподели во пошироки кругови. Се разбира, јас би рекла дека овој тип на здружение ни значи најмногу поради тоа што ни овозможува да организираме активности кои ни се од корист, кои истовремено нè здружуваат и сплотуваат како заедница. 


Калина: Организирате ли теренски истражувања, работилници или јавни настани? Кои досегашни активности би ги издвоиле како најзначајни во последниот период на работа?


Наде: Поради тоа што сепак само што почнавме повторно со активности, за сега објавуваме кратки содржини чијашто цел е на интересен начин да се споделуваат значајни локалитети, дела и артефакти, списанието кое го издадовме во јануари, додека пак овој месец работиме на работилница за која ќе дознаете наредна недела. Околу претходните активности, можам да кажам дека биле главно работилници во соработка со локалитети како што се Стоби, Музеј Теракота Виница па и со Музеј на Македонија каде бил организиран тридневен настан, а и други настани како кампови, проекции, а секако и списнаието кое започнало да се издава во 2016г. 



Калина: Како реагираат студентите на „Аксиос“? Колкава е заинтересираноста и каков е одивот? 


Наде: Со оглед на тоа што сме општо мал број на студенти на нашиот иститут, би рекла дека заинтересираноста е голема, речиси половина од сите студенти. Дури пред да исконтактираме меѓусебно за реактивацијата, дознавме дека сите сме ја имале истата желба за повторно разработување на „Аксиос“. Тоа што ни е план и цел е да контактираме и со студенти од сродни струки со цел заедно да соработуваме. Па дури и би рекла дека сме отворени за работа и, се разбира, дружба и со студенти од сите институти. 


Калина: Што сметате дека недостига во однос на општата, јавна дискусија за археологијата и историјата на уметноста во Македонија?


Наде: За жал, кога разговараме за нашите струки, неизбежна е темата за понатамошно вработување. Постојат само одредени институции во кои ние би имале некаква професија, а тој број на работни места е мал и ограничен. Сепак, сметаме дека нашите струки се корисни и доблесни за една држава и културниот живот во неа. Покрај тоа, овие струки придонесуваат на угледот на една држава и начинот на кој таа се претставува. Кога се зборува за богатата историја на Македонија, покрај самата историја како наука и науките во однос на јазик, говор, етнологија итн., за неа посочуваат и уметноста и артефактите кои се „жив“ доказ и показател. Според мене, треба да почне да се гледа многу поинтердисциплинарно кон сите науки и да се третираат онака како што се и во реалноста – како синџир.  Сметам дека и нашите струки не се ништо помалку или повеќе вредни од другите. 


Калина: Зошто овие теми се на маргините? Како гледате на вашата лична, но и улогата на младите во зачувување и реинтерпретација на културното наследство и дискусијата околу истото?


Наде: Иако јавно не се признава дека постојат лоши конотации за археолози и историчари на уметноста, сепак мислам дека поради одредени „скандали“ од типот на Скопје 2014 и други слични случки, овие истражувачи и тоа како знае да ги бие лош глас. Покрај тоа, ако почнеме од самиот почеток на образованието, кога јас се навраќам сфаќам дека не овие проблематики не биле тема на дискусија, а уште помалу материјал за предавање, а станува збор за нешто што е најзначајно во Македонија, материјално културно наследство, освен, се разбира, при посета во склоп на екскурзии и слично. Затоа, постојано споделување на клучни информации за сите богатства за кои не сме ни свесни, се надевам дека навистина имаат ефект кој буди интерес за посета, понатамошно информирање, па и тоа да бидат податоци кои остануваат во сеќавање. Секојпат при запознавање на странци сум чувствувала потреба да споделам, но и да прашам за битни историски настани и културата на државите. Затоа, дури и доколку нашата работа предизвика некој при муабет со пријатели да сподели нешто што видел на нашиот профил или го дознал од наш настан е огромно задоволство и голем чекор напред во уште поголемо запознавање и промовирање на нашата култура и историја. 

Comments


bottom of page