Првото тримесечје од 2025 го посветуваме на млади, искрени и ентузијастични иницијативи кои ја освежуваат домашната култура. Започнавме со Xotel Music во јануари, февруари беше наш месец во чест на петтиот роденден на „Култура Бета“, а во март ќе се освренеме на студентското археолошко здружение „Аксиос“ - Скопје.

„Аксиос“ е непрофитна организација која ги здружува студентите од Институтот за историја на уметностa и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје и се основа уште во 2001 година. Во последните неколку години, од ред причини, активностите на ова здружение стивнуваат, но од октомври наваму, „Аксиос“ се враќа со нов состав, нови студенти и нова енергија, но со иста цел: промовирање на археологијата, историјата на уметноста и нивните сродни науки. Ова здружение се бави со теми кои не се дел ниту од јавниот, ниту од приватниот дискус, иако станува збор за проблематики кои го сочинуваат нашето секојдневие. Оттука, идејата на неговите членови е преку нивната работа, нивните иницијативи, списанија, работилници и дискусии да ги донесат тие теми на површината, да ги направат повидливи и да поттикнат поширока дебата. Лесно е овие прашања да останат во тесните рамки на академските кругови, но „Аксиос“ се обидува да ги однесе надвор од тоа, да инспирира критички дијалог и размислување за културното, уметничко и историско наследство кое го имаме.
Во наредните неколку понеделници од месец март ќе се обидеме да Ви ја претставиме важната работа која ја прави „Аксиос“, особено во последните месеци, да ви ги претставиме нивните цели, но и активности и заедно да се обидеме да сфатиме 1) зошто толку ретко зборуваме за археологија и историја на уметност и 2) која улога ја игра „Аксиос“ во менување на тоа статус-кво.
Се читаме и се слушаме, а во меѓувреме ве охрабруваме доколку сѐ уште не сте го направиле тоа, да го заследите официјалниот профил на „Аксиос“ на „Инстаграм“ и со тоа да ја поддржите нивната иницијатива: https://www.instagram.com/sazaxios/. До следен понеделник!
Comments