top of page
Writer's pictureКултура β

Марија Шаклева: Предизвик беше преведувањето на поезијата во филмски концепт

Марија Шаклева ‒ режисер и сценарист на поетските филмови „Вардар“ според песна на Анте Поповски, „Паркот те помни“ според песна на Владимир Мартиновски, „Летна соната за мојот град“ според песна на Андреј Ал-Асади и „Комуна Капиштец 2001“ според песна на Јулијана Величковска, за проектот „Стиховно мапирање на Скопје“ што ќе бидат проектирани на 1 септември со почеток од 21 часот во кафе-книжарницата „Буква“ во рамки на 2. „Скопски поетски фестивал“.

1. Што мислите за жанрот поетски филмови/видеа?


‒ Искрено, не сум гледала многу поетски филмови и видеа, веројатно заради тоа што и не се многу експонирани, но работејќи на видеата за СПФ, жанрот го гледам како некоја комбинација од арт филмови и можеби музички видеа каде што треба да ѝ оставиш на поезијата да го диктира визуелниот и музичкиот дел. Мислам дека се добар медиум за уметничко изразување и веројатно потсетник дека сите уметности се многу блиску едни со други.


2. На какви предизвици наидовте додека работевте на филмовите?


‒ Па, веројатно првиот предизвик беше преведувањето на поезијата во филмски концепт, но колку и да беше предизвикувачки, навистина е нешто што со задоволство го правевме. На еден концепт, секако, влијае и финансискиот дел кој беше доста ограничен заради самиот буџет на фестивалот, но сепак, дадовме сѐ од себе.


3. Што ви беше најубаво во процесот на работа на филмовите?


‒ Не знам дали можам да кажам најубаво затоа што целиот процес ме исполнуваше, ама ако треба да посочам, тоа веројатно би било деновите кога снимавме и се дружевме и имавме можност да споделиме искуство на работа на нешто што ни е многу драго на сите. Потоа, тоа би била и монтажата кога од целиот материјал создаваш приказна и, секако, музиката што му даде живот на самиот филм.


Марија Шаклева (1995, Штип) со монтажа се занимава од дете, работејќи на детска емисија за една штипска телевизија, а во рана возраст почнала да чита и да пишува поезија. Има издадено една стихозбирка на 15-годишна возраст во Штип, а понатаму пишува за себе и има учествувано на „Асталните проекции“ во Скопје. На видеомонтажата ѝ се навраќа последните две години, а професионално работи како програмер во „Адева“.

Comentários


bottom of page