Стихови од песната „Никој не знае кога доаѓа крајот“ од Мариета Дукиќ, една од учесничките на 2. Скопски поетски фестивал која со своите стихови ќе се претстави на настанот „Во друштво на мртвите поети: како битник ‒ џез и поезија“ на 30 август во Младинскиот културен центар. Станува збор за тематско поетско читање посветено на битничката генерација поети, на кое авторите во придружба на џез-музичарите Шамба и Сол ќе читаат своја поезија на начинот на кој тоа го правеле битниците.
„(Живееме со молитви и свеќи во снемување)
со кратки воздишки го расејуваме денот
со безгласни борби ‒ ноќта на бдеењето.
Никој не знае кога е почетокот на крајот.
Едно светло одумира во симбиоза со
ненасилното паѓање
на листот.
Насилно се празни куќата на мојот живот.“
Зошто на Скопје му е потребен „Скопскиот поетски фестивал“?
Мариета Дукиќ: Поезијата како препознавање на сопствениот свет и продирање во пукнатините на надворешниот е втемелена во скопската катарзичност. „Скопскиот поетски фестивал“ е будење одново на заспаните дамари и крик на новите музики што надоаѓаат со нашето очекување. Пресликување, поистоветување, раскрилување.
Мариета Дукиќ од Струмица, родена 1977 година, дипломиран правник, работи во Основниот суд Струмица.
Има издадено една збирка поезија „Усменија“. Нејзина поезија е објавувана во повеќе зборници и списанија за литература. Таа е еден од основачите на Друштвото за наука, литература, култура и уметност „Иван Василевски“ од Струмица. Организатор е на повеќе културни настани во Струмица.
Comentarios