Како што најавивме со претходниот текст, тимот на Култура Бета летово патува од фестивал на фестивал. Следна станица на фестивалскиот караван е добропознатиот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“. Годинешното 62. издание ќе се одржи од 24 до 28 август, а ќе има настани во Струга, Охрид, Крушево и Скопје
Програмата на првиот ден започна уште во 12 часот, кога како и секоја година, во „Паркот на поезијата“ во Струга се сади дрво во чест на добитникот на „Златен венец“. Годинава тоа е македонскиот поет Влада Урошевиќ.
Во 13:30 во „Конгресната сала“ на хотелот „Дрим“ се одржа прес-конференција за добитникот на „Златен венец“ за 2023 година.
Бидејќи годинава се одбележува јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, во 17:30 часот во „Пијано салата“ на хотелот „Дрим“ ќе се отвори изложба по овој повод.
А вечерта, ќе се случи свеченото отворање на фестивалот на платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ придружено со меѓународно поетско читање „Поетски меридијани“.
Вториот ден ќе биде исполнет со повеќе поетски читања од кои дел се посветени на наградата „Браќа Миладиновци“. Така што, почнувајќи од 9:30 наутро ќе се промовира преведеното издание на добитникот на наградата за 2022, а тоа е поетот Зоран Анчевски. По два часа, со поетско читање ќе ги слушнеме поетите кои влегоа во потесен избор за наградата за 2023, односно: Јосип Коцев, Дејан Трајковски, Катица Ќулавкова и Гордана Михаилова Бошнакоска.
Во 21 и 22 часот ќе бидат претставени два поетски портрета. Првиот на овогодинешниот добитник на наградата „Мостови на Струга“, ирскиот поет Гевин Бредли, а вториот портрет ќе биде на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“, Димитар Башевски.
Вечерта, ќе се случи промоцијата на антологијата „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“ која имаше свое претставување и на 35. Поетска ноќ во Велестово. Антологијата е приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, а е во издание на ПНВ Публикации. Од 42-цата млади поети и поетеси кои се застапени, на фестивалот антологијата ќе ја претстават Павлина Атанасова, Стефан Костовски, Марија Анѓеловска, Андреј Ал-Асади, Андреј Медиќ Лазаревски и Марија Велинова. Настанот ќе се одржи во 23:00 часот на Летната сцена во Центарот за култура во Струга. По промоцијата, ќе се одржи традиционалната „Ноќ без интерпункција“ посветена на младите поети и поетеси до 35 години, на истото место во 23:45 часот.
Третиот ден во 11:00 часот ќе се одржи интернационалното поетско читање „Кругови“. Подоцна, истиот ден во 19 часот во Црквата Св. Софија во Охрид ќе се одржи настан по повод 100 години од раѓањето на Ацо Шопов. На истото место, во 20:30 ќе се случи поетскиот портрет на лауреатот на „Златен венец“ за 2023 година.
Четвртиот ден ќе започне со традиционалното кафе со лауреатот во хотелот „Дрим“ во 10 часот. Еден час подоцна ќе се одржи тркалезната маса „Поетскиот јазик и вештачката интелигенција“, а потоа денот ќе продолжи со интернационалното поетско читање „Кругови“.
Вечерта со почеток во 20:30 ќе се одржи настанот „Мостови“ каде ќе бидат доделени наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“, а поезија ќе читаат поети од земјава и од странство.
62. издание на „Струшките вечери на поезијата“ ќе заврши во понеделник (29.8) со настан во Крушево во 12 часот и со меѓународен поетски митинг во 20:30 часот на платото пред Музејот на современа уметност во Скопје.
Инаку, годинешното мото на Струшките вечери на поезијата е „Чувствоторен јазик“. „Јазик создаден од чувства. Јазик што создава чувства. Чувствотворен јазик. Поетскиот јазик ја има моќта да ги пресоздаде чувствата во нови зборови што ќе ја сменат нашата претстава за светот, па така станува и чудотворен јазик. Предизвик за поетот е низ вдахновена потрага да ги пронајде вистинските зборови со кои ќе ги сврзе Убавината и Смислата во песна. Но денес, поетскиот јазик станува предизвик и за најновите трендови на алгоритмите на вештачката интелигенција коишто генерираат јазик врз поинакви принципи, врз принципите на семантички корелации и математички пресметки. Дали поетскиот јазик може да се симулира? Ги допираме ли границите на човекувањето. Во постојаниот порив да го совладаме светот, ќе бидеме ли заробени во матриксот на невронските мрежи?“ стои во објаснувањето на мотото.
Графичкиот дизајн на плакатот е дело на познатиот графички уметник и дизајнер од Струга, Енкел Дика, видео продукцијата е на ЗООТРОП студио, а автор на музиката е Џијан Емин.
Comments