Скопскиот поетски фестивал е последната станица од летната фестивалска тура на тимот на Култура Бета. Тој ќе се случува од 24-28 септември во Младинскиот културен центар, кафе-книжарницата „Буква“, Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и Градскиот парк.
Фестивалот неформално почнува утре (24.9) со преднастан во кафе-книжарницата „Буква“ каде што, најпрво, ќе се случи настанот „Отскочна даска“, поетско читање за млади поети и поетеси од 16 до 25 години. На овој настан ќе настапат Ангела Бошкоска, Сатја Александар Давитков, Софија Добревска, Дамјан Златановски, Христијан Илиевски, Дарија Јовановска, Макрина Јорданова, Марко Иван Кочишки, Ива Петреска, Теодора Прокоповска, Милена Сиљаноска, Стефан Спасевски, Пепи Стамков, Сара Стојановска и Методија Тасевски. Младите поети со гласање меѓу нив ќе треба да изберат еден претставник кој ќе чита на главното читање, на отворањето на Скопскиот поетски фестивал (27.9).
По завршувањето на овој настан ќе се случи поетско-музичкиот перформанс на ВИС „Тркалезна маса“, „Неисцрпен“, посветен на Бошко Бозаџиевски.
Следните два дена, на 25-ти и 26-ти септември, во организација на издавачка куќа „ПНВ Публикации“, а во соработка со Скопскиот фестивал, ќе се случат две промоции на шест книги преку кои ќе се претстават гостите кои гостуваат на фестивалот од странство. Ќе се промовираат нивните книги во препев на македонски јазик, а публиката ќе може да чуе за „На околу два и пол часа од рајот“ на Имануел Мифсуд (Малта), „Слободата чекори гола“ на Марам ал-Масри (Сирија/Франција), „13 хрватски поети (избор од современата хрватска поезија)“ со Лана Деркач како претставник од застапените, „Земјата под абажур“ на Драгослав Дедовиќ (Србија), „САНГ“ од Ален Брлек и „Полето“ од Мартин Глаз Серуп. Промоциите на книгите се планирани како разговор меѓу авторите и нивните преведувачи, па така покрај авторите за предизвиците и задоволствата од преведувањето ќе може да чуете од Јулијана Величковска, Владимир Мартиновски, Славе Ѓорѓо Димоски и Ѓоко Здравески. Модератор на настанот ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски.
Првиот ден од официјалната програма ќе се случи на 27-ми септември со почеток во 11 часот во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ каде малтешкиот поет Имануел Мифсуд ќе одржи мастерклас наменета за средношколци и студенти.
Потоа во 18 часот во Младинскиот културен центар ќе се случи промоцијата на антологијата на младата македонска поезија „Ново раѓање на зборот“ (прир. Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски) каде ќе читаа околу 30-тина од застапените 42 автор(к)и.
Потоа во 20 часот е свеченото отворање со поетското читање „Воздух. Ветер. Дишење.“ каде ќе читаат Санде Стојчевски, Лулзим Хазири, Моника Стојановска, Перица Сарџоски, Игор Трпчески, Николина Андова Шопова, Драгослав Дедовиќ, Лана Деркач, Ален Брлек, Марам ал-Масри, Имануел Мифсуд, Мартин Глаз Серуп и одбраниот/одбраната на „Отскочна даска“. Читањето ќе биде придружено со музичка импровизација на дувачки инструменти. Ќе свират Перица Сарџоски, Владимир Мартиновски и Владимир Лукаш.
Следниот ден, исто така во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ со почеток во 11 часот ќе се случи настанот „Out & About“ ‒ панел дискусија за зголемување на видливоста на македонската книжевност надвор од границите на земјата преку преводи и учество на книжевни фестивали. Своите искуства ќе ги споделат издавачите, авторите и организаторите на литературни фестивали: Билјана Црвенковска, Тодорче Тасевски, Владимир Јанковски, Петар Андоновски и др.
Подоцна, со почеток во 18 часот во Младинскиот културен центар ќе се случи промоцијата на „Избор из савремене македонске поезије“, приредена и препеана на српски од Валентина Бакти. Во рамки на промоцијата ќе се случи поетски перформанс и кус разговор со приредувачката Валентина Бакти и со Ѓорѓе Живадиновиќ Гргур, како и поетско читање на дел од застапените поети: Јовица Ивановски, Владимир Мартиновски, Тихомир Јанчовски, Тони Попов, Јосип Коцев, Наташа Сарџоска и Ненад Јолдески. Ќе биде отворена и изложбата на фотографии на Радмила Ванкоска (портрети на поетите застапени во изданието).
Од 19 часот, исто така во МКЦ, ќе бидат прикажани и неколку поетски филмови. Публиката ќе може да ги погледне „Кршливоста е дар, смртта е нестабилна, а светот е жеден за збор“ („Рањивост је дар, смрт је нестабилна, а свет је жедан речи“) на Ѓорѓе Живадиновиќ Гргур и омнибус четири анимирани филмови „Небиднина“, посветени на поезијата на Ацо Шопов: „Долго доаѓање на огнот“ во режија на Жарко Иванов, „Грозомор“ во режија на Крсте Господиновски, „Небиднина“ во режија на Иван Ивановски и „Во сонот на црната жена“ во режија на Владимир Лукаш.
Од 20 часот ќе се случи интернационалното поетско читање каде што ќе настапат Марам ал-Масри (Франција/Сирија), Имануел Мифсуд (Малта), Лана Деркач (Хрватска), Мартин Глаз Серуп (Данска), Николина Андова Шопова (Македонија), Драгослав Дедовиќ (Србија) и Ален Брлек (Хрватска). А вечерта ќе заврши со краток концерт на Александар Бошков.
Исто така, од 25-ти до 28-ти со почеток во 9:30 во Градскиот парк, под водство на Марија Георгиева ќе се одржуваат јога сесии со поетска медитација.
Годинешното издание на фестивалот го овозможија Министерството за култура и „Традуки“, а негови помагатели се Младинскиот културен центар ‒ Скопје, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје, кафе-книжарницата „Буквa“, Хрватското друштво на писатели (HDP), ПНВ Публикации и Бест Вестерн Хотел Турист. Медиумски покровител е „Нова Македонија“, а медиумски партнер е „Култура Бета“.
Comentários