top of page
Writer's pictureКалина Качоровска

Летна фестивалска тура: Македокс [трета станица]

Да живее летото, да живее филмот, да живее Чаршија!


Со мотото #Пресечи, пред точно два дена заврши четринаесеттото издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, а со неговото завршување, веќе се најави и завршувањето на летото.

Не е тајна дека летото е најплодниот период во Македонија, во секоја смисла, но особено кога станува збор за култура и уметност. Речиси сите главни музички, ликовни, поетски или, како во овој случај, филмски фестивали се случуваат токму во најжешките месеци, па дури неретко доаѓа до преклопување на два или повеќе настани истовремено. Но, и покрај сѐ, за мене, а верувам дека и за најголем дел од македонската публика, вистинскиот крај на летото е означен со „МакеДокс“. Оваа носталгија која со себе ја носи август, а со тоа и „Македокс“, е веројатно и дел од шармот на овој фестивал, но сепак, неговата убавина и посебност се должи на многу делчиња кои ја сочинуваат сложувалката. Па така, првото делче од таа сложувалака се, се разбира, филмовите.


Отсекогаш ми се допаѓало тоа што овој фестивал никогаш не бил дефиниран како „фестивал на документарен филм“, туку како „фестивал на креативен документарен филм“. Оваа придавка е онаа која е клучна за создавање на филмско искуство кое не се заборава. Иако лично уживам во документарци, факт е дека за истите е потребно многу поголемо внимание и труд од играните филмови. Но, тоа никогаш не е случајот на „МакеДокс“, благодарение на селекторите, кои успеваат секоја година да прикажат документарни филмски остварувања кои не се документарци затоа што документираат појави, луѓе или места, туку се креативни документарци чија првична цел е раскажување приказни. На овогодинешното 14-то издание беа прикажани дури 75 филмови кои беа распоредени на четири различни локации - срцето на „МакеДокс“, Куршумли-Ан, платото пред Музеј на Македонија, Младинскиот Културен Центар, а годинава за првпат во акција стапи и новата сцена во Старата чаршија, Сули-Ан. Од оние филмови кои успеав да ги изгледам, покрај филмовите од главната програма, која секако секогаш ми остава впечаток, овогодинешните краткометражни филмови се издвојуваа со посебен квалитет. Морам да ги издвојам „Излез“ (реж. Евгенија Арбугаева и Максим Арбугаев), кој впрочем ја освои награда „Сечкан кромид“, но и филмот кој беше прикажан на затворањето на фестивалот, „Еве, и јас танцувам“ (реж. Мухамед Вализадеган). Сепак, филмовите кои мене ми го обележаа 14-тото издание беа диптихот на режисерката Мила Турајлиќ (која одржа и мастерклас), „Досие: Лабудовиќ“, односно „Неврзаните: Сцени од фондот на Лабудовиќ“ и „Филмски герили: Сцени од фондот на Лабудовиќ“, чиј протагонист е Стеван Лабудовиќ, некогашен личен снимател на патувањата на Јосип Броз Тито. Веројатно ова беа филмовите за чија премиера имаше најшарена публика, слично како и за „Тело“ на Петра Селишкар, чија протагонистка Уршка беше во присуство, што само го интензивираше искуството.


Како што веќе споменав, „МакеДокс“ е сложувалка. На „МакеДокс“ се оди за филмовите, да, но тие се само дел од целосното искуство. Не може да се зборува за овој фестивал без да се споменат мастеркласовите, работилниците, разговорите под смоква, но и ноќните приказни, без кои дневните активности не би биле заокружени. Иако ја пропуштив првата ноќна приказна, концертот на Искра, присуствував на фантастичниот концерт на Калата, кои како да се создадени за да настапуваат во простор како што е Куршумли-Ан, кој за нивниот концерт беше осветлен со црвени светла кои многу успешно си ја завршија работата. Сепак, ноќната приказна која најсоодветно го долови духот на „МакеДокс“ беше последната. Со диџеј сет на Ишџан Твин и неговите ориентални звуци, по доделувањето на наградите и по прикажувањето на два филма чија главна тема беше танцот, се затвори четиранаесеттото издание на „МакеДокс“, со многу, многу, многу луѓе и пред сѐ, многу, многу, многу танцување. Баш како што треба да биде.


Филмови се прикажуваат на еден куп фестивали, работлници и мастеркласови исто, а диџеј сетовите се веќе неизбежен дел од скопското секојдневие. И покрај сите активности кои ги нуди „МакеДокс“, она што вистински му ја дава титулата за најуникатен (филмски) фестивал кај нас е атмосферата. Како што забележа еден пријател за „Македокс“, „таму има луѓе кои се чини дека постојат само за фестивалот, како градот да живее еден сосема друг живот за време на тие осум дена секој август.“ Овој фестивал немаше да биде тоа што е да не беа спонтаните средби, седењето на скалите пред Куршумли-Ан пред секоја проекција, пеењето на оџата секоја вечер, дрвото со смокви пред тоалетите, чии плодови се зрели баш за време на фестивалот, темнозелените пластични столчиња… Но, најголем чинител на атмосферата е, се разбира, локацијата. Речиси целата фестивалска програма е концентрирана во Старата скопска чаршија, чие значење беше нагласено на отворањето и од Дарко Набаков, дел од екипата:


„Сакаме да ставиме акцент на важноста на чаршијата, да не го изгубиме тоа културно јадро и да го негуваме со што повеќе култура во самата чаршија, која како простор е значајна за „МакеДокс“, за градот Скопје, но и за сите нас.“


Колку често може секој од нас да каже дека ја посетува чаршијата, особено навечер? Колку често можеме да кажеме дека во чаршијата има културно-уметнички живот? Многу ретко. Автентичната и веродостојна атмосфера на „МакеДокс“ што успева еднаш годишно да го оживее старото скопско јадро е симбол на надеж дека градот е и може да биде она што ние сакаме да биде.


Како што заврши „МакеДокс“, како што завршува август и летото, како што презреваат смоквите и како што наидува носталгијата, така наидува и возбудата дека следна година нѐ чека јубилеен 15-ти „МакеДокс“, уште пожежок август и лето, уште поблаги смокви и уште послатка носталгија. До следната година!


Comments


bottom of page