Во склоп на годинешното издание на Струшките вечери на поезијата, се возобнови наградата „Млада Струга“ за млад автор - дебитант. А оваа година, обновената награда ѝ припадна на поетесата Филипа Сара Попова за нејзината стихозбирка „Скршен терариум“. Збирката е издание на Струшките вечери на поезијата. Содржи 36 песни, кои не се поделени во циклуси, а се испишани на 58 страници.
„Скршен терариум“ не е наслов на збирка, тоа е наратив. Тоа е водечка метафора за слободата. Вистинската слобода. Читајќи ги стиховите на Попова, во глава како да ни удира там-тамот и како да вели: „никој не е слободен“ и гласно ги искажува сите пречки и сите отрови на слободата.
нека твојот отров стане пролетен дожд
Со првата, воведна песна, насловена „Екокожа“ или, поточно, лажна кожа во која суптилно нѐ воведува во метаморфозата на нејзината поезија, на нејзиното преобразување.
повторно ја свлеков кожата,
ќе има ли нова овој пат?
И како што Питагорејците верувале во метемпсихоза, со која душата се пренесувала, така и поетесата излегува од нејзината (еко)кожа и се обидува да се насели во ново тело, односно, нова (еко)кожа.
си бдеам над мртвата јас…
…се тријам до избледување
Иако песните не се поделени во циклуси, се согледува нивната ‘различност’ преку двете песни: „Која сум 1“ и „Која сум 2“. Помеѓу овие две песни, поетесата се осврнува на интимниот, повеќе егзистенционалистичкиот порив, во кој напати користи обраќање со кое ја издигнува храброста како чин на себеоткривање и себеспознавање во кои се пронаоѓа промената на лирскиот субјект. Во песната „Која сум 1“, Попова ги поставува темелите на нејзината ‘пропаст’:
Јас сум кралица
на
проклетието
и грдилукот
и лукот мувлосан
Во песните кои следат, поетесата слободно и без влакна на јазикот говори за проблемите кои клокотат во нејзе, па така, во нивното искажување, таа ги расплеткува конците на презирот - преку поезијата. Затоа, ако Бахтин велел дека ние зборуваме со жанрови, тогаш, дефинитивно, Попова зборува со (преку) поезијата.
Во преродбената песна „Која сум 2“, се согледува леснотијата со која се искажува преодноста, преминувањето од заробеноста кон слободата, која воедно е ставена на пиедестал по разглобувањето на сите нејзини делчиња. По песната „Која сум 2“, следуваат уште две песни: „Краток совет“, која ја прегрнува разноликоста, како што вели Попова и има особена важност да даде строгост во прашањето: Што е слобода?, па ако е потребно и да се „плукне високо“ (со зборови), за да се чуе твојот глас. И, секако, последната песна „Терариум“, во која живее оптимизмот, оној краен оптимизам кој не остава сомнеж на недовршеност туку заобленост на кругот од кој се излева слободата.
Помеѓу овие страници е испишан борхесовски лавиринт во кој тече историјата на вечноста или подобро - историја на вечното барање на слободата и процепот меѓу традиционалните вредности, патријархатот како вид канцер на општеството и индивидуата.
отворам очи - темнина
острам слух - тишина
ронење, распаѓање, смрт…
Со храбро искажување на сѐ она кое е потребно да се искаже, па и да се прекори, иако:
вилицата оди нанапред,
д’ткање
Попова ги придвижува песните кон борбата за право на глас и, едноставно, ги заплеткува и отплеткува нишките на времето во кое единката може (треба) да стане посилна од општеството.
Иако навидум песимистички настроена, со комплетно исчитување на збирката „Скршен терариум“ се добива целосен увид на патот по кој се движи слободата. И затоа - Da mihi libertatem aut da mihi mortem.
Comments