Пишува: Славчо Велкоски
,,Интерстелар“ или ,,Меѓуѕвезден“ е научно-фантастичен филм на британско-американскиот режисер Кристофер Нолан. Филмот е премиерно прикажан на 26 октомври 2014 година во Граумановиот кинески театар во Холивуд, Калифорнија, по што добива генерално позитивни критики од филмските критичари. Централната теза на ,,Интерстелар“ е истражување на односот на човештвото со времето, просторот и универзумот. Овој филм креира една свежа перспектива на целокупниот филмски медиум, храбро допирајќи теми поврзани со философијата, метафизиката и општото значење кои ја засегаат егзистенцијата на човекот.
Дејствието на Филмот се одвива во дистописка иднина каде што Земјата умира поради катастрофална глобална болест на земјоделските култури, која е закана за уништување на целото човештво. Во очајнички обид да ја спасат човечката раса, тим астронаути, предводени од Купер, тргнуваат на опасна мисија да најдат нова населива планета надвор од нашиот Сончев систем. Додека екипажот патува низ црвоточина (скратен пат низ времето и просторот), тие наидуваат на различни предизвици и откриваат дека времето и просторот се однесуваат поинаку во новата галаксија во која влегле. Тие наидуваат на планета во близина на црна дупка, каде што времето тече многу побавно отколку на Земјата, а Купер мора да направи тежок избор помеѓу тоа да остане да истражува или да ја продолжи мисијата за спас на човештвото.
Сценариото зад овој филм е внимателно скроено и мошне комплексно, кое предизвикува чувство на длабоко размислување. Философијата и фундаменталните прашања зад постоењето, универзумот и улогата на човештвото во него се главните столбови што ја движат приказната. Една од централните теми на филмот е моќта на љубовта и човечката поврзаност. Но, таа љубов не е претставена на површен и плиток начин, како што е случајот најчесто во филмовите од овој жанр. Напротив, тука љубовта има една мултидемизнионална сфера која што успешно и мошне вешто е презентирана на екранот. Пример за ова е врската помеѓу главниот лик Купер и неговата ќерка Марфи. И покрај тоа што се разделени со огромни растојанија во конотација на просторот и времето, врската меѓу нив останува силна и нераскинлива. Лубовта е прикажана како моќна сила која го надминува времето и просторот, ги крши сите граници поставени од физичките закони имплицирајќи дека е нешто пофундаментално одколку што претходно е верувано. Оваа тема се усогласува со философскиот концепт на љубовта како трансцендентна сила која може да ги надмине физичките бариери и да ги обедини луѓето низ просторот и времето. Друга истакната философска тема во овој филм е природата на реалноста и човечката перцепција. Додека астронаутите патуваат подлабоко во вселената, тие се среќаваат со феномени кои го предизвикуваат нивното разбирање за физиката и универзумот. Нивните досегашни перцепции за структурата на универзумот се кршат, оставајќи ги да се соочат со нешто сосема ново. Ова води кон истражување на философскиот концепт на епистемологијата, кој се однесува на природата на знаењето и како го стекнуваме. Филмот покренува прашања за границите на човековата перцепција и можноста да постојат реалности надвор од нашето разбирање. Се поставува прашањето: ,,Колку ние како тридимензионални суштества ограничени со нашите малобројни сетила воошто сме способни да ја разбереме функцијата на космосот и самата природа зад нашето постоење?” Понатаму, филмот ја истражува човечката желба и природниот, вроден нагон за истражување и откривање. Оваа тема се усогласува со философскиот концепт на егзистенцијализмот, кој ја нагласува важноста на индивидуалната слобода и избор во создавање смисла во животот. Астронаутите во ,,Интерстелар“ се водени од силната желба и љубопитност за истражувањето на непознатото. Главната движечка сила им е инклинираноста да имаат позитивно влијание врз светот, дури и ако тоа значи нивно жртвување.
Кинематографијата на ,,Интерстелар“ е визуелно прекрасна, со воодушевувачки кадри од вселената и планетите, како и моќни сцени на човечки емоции. Употребата на практични ефекти и камерите IMAX им дава чувство на реализам на вселенските секвенци на филмот, што ги прави едни од визуелно највпечатливите во неодамнешното научно-фантастично кино. Одлуката на Кристофер Нолан да не се употребуваат специјални ефекти во филмот, успешно дава слика на приземност и овозможува лесно резонирање со сè што се случува на екранот.
Глумата во овој филм е феноменална, со истакнати изведби на талентираните Метју Меконахи, Ен Хатавеј и Џесика Честејн. Актерската екипа прикажува моќни и емотивни изведби кои внесуваат длабочина и автентичност на нивните ликови. Допирањето до срцата и разигрувањето со чувствата на сите гледачи, го прават филмот едно незаборавно и емоционално искуство.
Може да се каже дека ,,Интерстелар“ е револуционерен филм на многу фронта. Прво, тој е филм што ги зема сложените научни концепти и ги претставува на начин кој е точен, лесно разбирлив и достапен за пошироката публика. Второ, филмот ја револуционизира употребата на практични ефекти, презентирајќи реалистични прикази на вселенските патувања и воопшто универзумот со сите вселенски тела во него. Трето, филмот ги руши конвенционалните норми и правила за раскажување приказни со вметнување на сложени философски теми, како што се природата на реалноста и моќта на љубовта. Не ограничувајќи се на фановите на научно-фантастичниот жанр; секој љубител на филмот, како и секој човек кој ужива во предизвикување на себеси со комлексни мисли зад човековото постоење, мора да го гледа овој филм. Барем еднаш, секој мора да ја доживее атмосферата и чувството што го предизвикува ова ремек дело, гарантирано оставајќи искуство што се памети долго време.
コメント