Кога снегот ми ги помати очите
Кога снегот ми ги помати очите,
телото замрзнато ми се свитка во ритуал,
но, не во оној на светиот оган,
туку во ритуал на преживување.
Кога снегот ми ги помати очите,
Хефест го стопи мразот со својот здив,
Дионис танцуваше во кругови од чад,
а, нашите тела продолжија до замрзнување.
Дали сум сведок на колективно исчезнување?
Кога снегот ми ги помати очите,
моите корења се повлекоа назад во земјата,
моите претци станаа тишина.
Што ако повторно сум подготвен да имам три,
ќе може ли снегот да ме претвори во мит?
Кога снегот ми ги помати очите,
крилјата на Икар беа од пластика,
секој лет беше обид да се избегне падот.
Дали машкоста не ни дозволува да го исплачеме снегот?
Може ли машкоста да биде како снегот,
не тежина што ќе паѓа,
туку белина што ќе го покрива патот
кон нешто лунарно, нешто слободно?
Може ли градот да биде како мразот,
не сечило што ќе не пресече,
туку огледало што ќе не открие?
Може ли нашите тела да бидат стопени со снегот,
но не за да избегаме од зимата,
туку да се издигнеме од земјата?
Кога снегот ми ги помати очите,
заборавив како е да се биде дел од земјата.
Може ли нашите тела да бидат втиснати во снегот,
но, не за да исчезнеме,
туку за да изникнеме во пролетта.
Да бидеме семе што ја издржало зимата
кога снегот ни ги помати очите.
Крсто Глигорјадис (р. 1996, Скопје) е мултидисциплинарен визуелен уметник и изведувач. Неговата пракса се занимава со преиспитување на личните и колективните истории поврзани со разложување на родот и машкоста, и ја демистифицира моралноста како условена општествено историска конструкција. Тој исто така, ги истражува телото и танцот како интегрални компоненти на неговиот уметнички израз, гледајќи ги како моќни изјави и патишта до исцелување. За него телото во движење, преку танцот, станува единственото вистинско средство за соочување и надминување на траумата. Неговите изведби го опфаќаат телото и како сад за болка и како медиум за трансформација, канализирајќи лична катарза и емоционално ослободување преку физичко изразување.
Comments