Оваа недела правиме ретроспектива на делата на Златко Ѓелески, три стихозбирки „Морбидизам“, „Колекционерот на страв“ и „Понор“, една збирка филмски рецензии „Видеологија“ и една збирка разговори со домашни режисери „Мастерклас“.
„Морбидизам“ (збирка раскази; 2013)
Ракописот што го нуди младиот автор Златко Ѓелески е пред сѐ предизвик не само за него, туку и за современата македонска книжевна средина. Тргнувајќи уште од самиот наслов – „Морбидизам“ се соочуваме со вистинската зачуденост заради нашата недоумица. Може ли морбидното, страшното, кошмарното, анималното со кое е исполнета оваа збирка кратки раскази да биде и естетско и привлечно за читање? Впрочем, сето тоа го посочува и самиот автор во автопредговорот кога заклучува дека своите „испразнети и еднодимензионални ликови“, преку приказните кои „ќе останат закопани во гробишта на потсвеста на уметникот“ може да го покаже „целосното рушење на моралните, етичките и останатите вредности кои човештвото ги има изграденото“ и со кое „се преминува на анимализам, вистинското лице на човештвото“. Имено, расказите организирани во три циклуси со поднаслови: „По првиот бодеж“, „Смртта сите ќе нѐ надживее“ и „Мрачни суштества на потсвеста“, се насочени токму кон двостраноста (привлечноста и одбивноста) на „појавата“ морбидизам. Самиот автопредговор може да се чита и како една своевидна арс-поетика, како програмски текст или манифест кој го дефинира / објаснува токму морбидизмот. Кон овој текст се придружуваат и уште некои други од наведените три циклуси, како: „Трауматологија“, „Уживање или апстиненција“, „Најубавиот расказ“.
Весна Мојсова-Чепишевска
„Колекционерот на страв“ (збирка раскази; 2015)
„Колекционерот на страв“ е составена од две целини. Првата е насловена „Некрово“, претставува новела ситуирана во едно мало проколнато место, каде паганизмот и суеверието секогаш го имаат последниот збор. Главниот лик, Трагач, по осумнаесет години се враќа во родното место со цел да ги ископа причинителите за замирањето на неговиот живот и пречките за зачекорување во иднината. Тој е арогантен осаменик кој се впушта во копање на потиснатите тајни во гробот на неговото минато, за при постепеното симнување по скалилата на лудилото да ја дознае поврзаноста со трулата и премолчена историја на злокобниот град. Следствено на спрегата меѓу јаловата носталгија по загубената младост и тлеењето во суровата реалност, се јавува каузалноста на универзумот и неговата смисла за иронија. Јазикот на моменти е слоевит, на моменти кршлив, а некогаш дури и разуздан од сите канони, соодветствувајќи на темпераментот на раскажувачот на сопствената агонија, кој се наоѓа во стадиум на пролонгиран делириум. Новелата е работена според урнекот на мрачниот романтизам, со силни влијанија на Шели, По, Џејмс, Волпол, Бекфорд, Луис, Бирс, амалгамирајќи ги со оставнината на модерните Стокер, Стивенсон, Грин, Хил, Ленсдејл, Баркер, Винтер-Демон, Ли, користејќи го јазикот на Лавкрафт во описите на ритуалите, култовите и прастарите ѕверови, водејќи го читателот низ бескрајното подземје, проколнатите куќи, интердимензионалните безднести портали меѓу световите и мрачните шуми на Некрово. За некого модерно Кукулино, за други реинкарнација на Данич. Структурата на делото е постмодернистички колаж кој ја сплотува епистоларната форма со извадоците од весници, дневнички запис и извадоци од монографија.
„Понор“ (збирка раскази; 2019, Бегемот)
Понор е збирка раскази, во кои авторот Ѓелески продолжува, со уште порадикална потреба, да ги истражува и да ги поместува креативните потенцијали на современиот, урбан и нему лично омилен – хорор-жанр, како и предизвиците на т.н. поетика на стравот, втемелена врз сознанијата дека стравот е основната и најискрена од човековите емоции.“
Елизабета Шелева
„Видеологија“ (збирка филмски рецензии и есеи; 2021, ПНВ Публикации)
„Видеологија“ претставува збир филмски рецензии и есеи за филмовите што се појавија и во домашната продукција и во светски рамки во 2019 и во 2020 година. Книгата поделена на два дела од кои првиот дел содржи анализа на долгите и кратки играни и документарни филмови што беа продуцирани и снимени во нашата земја. Во овој дел целта е да се анализираат сите филмови што на кој било начин беа достапни за гледачите. Анализирани се стотина домашни филмови со цел да се долови диверзитет, не само на тематскиот избор туку и на начинот на кој се реализирани филмовите, доловувајќи го продорот на уметничкиот израз на младите филмски работници, што станува евидентен не само за домашната јавност, туку е награден и со мноштво признанија на странските филмски фестивали на кој учествуваат македонските филмови.
Вториот дел од книгата содржи избор на дваесетте најквалитетни долги играни и документарни филмови што се појавија во 2019 и во 2020 година во светски рамки. Во овој дел целта е да се издвојат високите естетски вредности и квалитетите што ги имаат искучителните филмски достигнувања, што ја одбележаа светската филмска индустрија. Акцентот е ставен на уметничките дела од артхаус провениенцијата, како пример за врвните достигнувања во доменот на филмот.
„Мастерклас“ (разговори со домашни филмски режисери; 2022, ПНВ Публикации)
„Мастерклас“ на Златко Ѓелески е радио/книжевно сликарство или радијски документаристички серијал, каде авторот и буквално ги екстериторизира раскажувањата на соговорниците, нивните погледи и искуства, со манир на истражувач на личностите и на нивните алхемиски творби. Нивната заемна комуникација повремено поприма чудесни релации – надополнување, синхронитет, рефлексија, медитативност, исповед, заемна доверба, а официјалноста на средбата Златко ја трансформира во доверлив, безмалу пријателски, разговор.
Докуметнаристички структуирано „Мастерклас“ е четиво што наликува на мозаик, во кој се преплетуваат и формално естетските аспекти, етичкото и соборното. Ѓелески е несомнено посветен и вешт портретист (...)
Ова се високо професионални макроприближувања до суштината на уметноста со која се занимаваат неговите соговорници. Со читањето на „Мастерклас“ сте се нафатиле на „тешка“ маратонска читачка дисциплина, но, ве уверувам, ќе дојдете до целта слатко уморни со сознание што ќе ви ги збогатат вашите духовни и љубопитни потреби. Благодарение на портретираните личности, но пред сѐ благодарение на неуморниот хроничар и познавач на филмот, Златко Ѓелески.
Влатко Галевски
Yorumlar