Младите македонски поети Ивана Јовановска, Андреј Медиќ Лазаревски и Павлина Атанасова ќе гостуваат на фестивалот „Stih u regiji“ во Загреб, Хрватска. Во рамки на проектот „Размена на писатели помеѓу Хрватското друштво на писатели (ХДП) од Загреб, Хрватска и ПНВ Публикации од Скопје, Македонија“, Јовановска, Медиќ Лазаревски и Атанасова ќе се престават со својата поезија пред хрватската публиката.
По тој повод објавуваме по три песни од поетите што може да ги прочитате во продолжение!
ИВАНА ЈОВАНОВСКА
младост
им се препуштам на стравовите.
му се препуштам на скопскиот навев
и молчам.
низ мене поминува секој пораз
што ми одзел некој здив.
стареам со неостварените желби,
а со лицето го залажувам светот.
никогаш нема да се дознае
колку сум уморна и млада.
нежноста
ќе остане по нас
како трага дека некогаш воопшто сме постоеле.
како трага дека успеавме
да станеме горди сопственици на својата ранливост.
како мали нè учеа дека не можеме да ја исплашиме,
таа ќе нè скокотка и ќе трепери околу нас
сѐ додека не ја прифатиме,
така велеше мајка ми додека се плашев
од првото скршено срце
и подготвував бегства во мојата глава
кои, сепак, не ме оддалечија од себе.
и денес и утре
таа секогаш ќе пристигнува како голем бран
што меко почива на нашите образи.
таа станува нашата нова приспивна песна
сега, кога веќе не сме деца.
тетовиран облак
кога гледам напред повторно гледам ист збор – слобода. тетовиран облак во воздухот што лебди.
ги чекам животинките што се родија во стиховите на маџиров и кај мене да дојдат на јаве
и овој пат вистински ќе можам да полетам.
АНДРЕЈ МЕДИЌ ЛАЗАРЕВСКИ
светот нема да се спаси со раѓањето на деветмилијардитиот човек
кон сликата „Nativitas“ на Бојан Звездаковски
жолти чапји развиорени
како феникс
или
како воскреснат Исус
бремени со зло
го обременуваат светот
со непотребно многу луѓе што
се претвораат во сеништа.
и џабе воздигнати феникси
и џабе воскреснати Исуси
светот нема да се спаси со раѓањето на
деветмилијардитиот човек туку
тој ќе ја победи
гравитацијата.
ќе падне.
жолтите чапји
го промениле човекот
од јагне – волк
од гуштер – змеј
од славеј – гавран
на човештвото му недостасуваат
повеќе добри луѓе
овие
злобни сме.
жолтите чапји
докажуваат дека
овој свет ниту е најдобар
ниту некогаш ќе биде.
го носат Кандид кој страда
распнат на тријадата
волк ‒ змеј ‒ гавран
смрт ‒ тага ‒ болка.
боја
го сечам виножитото наполу
за да ја видам светлината на облаците
ги сечам и нив наполу
за да ја видам темнината на сонцето
го сечам и него наполу
за да ја почувствувам жештината на огнот
го сечам и огнот наполу
за да ја видам водата
ја сечам и неа наполу
од копно, на сигурно, да сечам сѐ
и повторно го сечам виножитото.
се чини сѐ што ќе пресечам
боја ми дава
сѐ додека не го поделам телото.
Авива концепт за Бог
според филмот „Авива“ во режија на Боаз Јакин
Знам дека си сечиј и ничиј
низ едно си мноштвен
ти триличностен во мене едноличностен,
а таа двојна, јас со неа – четворка.
Знам дека си ничиј и сечиј
низ мноштво си едност
како можеш да се подаваш низ три лица,
а ние сме двајца – четворка?
И кого ќе љубиш кога една моја половина ќе се моли за тебе,
а другата ќе ја сака неа?
И кого ќе љубиш кога една нејзина половина ќе ме љуби мене,
а другата тебе?
Та, како да го живеам ваквиов концепт,
а сум монотеист?
Како да љубам двајца што едност се
се чини подобро е да сум атеист.
ПАВЛИНА АТАНАСОВА
МИРНА
На дедо ми
Мирна
е водата во која се врати,
и болката што ја наследив
од твоите ќерки
мирна е.
Мирна
е тагата
што завршува во себеси.
Во секое семејство
има еден тишјак.
Таму доаѓаат ангелите
да ја закрпат својата облека
поткината од тежината на крилата.
Нив ги оставаат на брегот
како ранците од училиште
кога некогаш биле деца,
и со босите стапала брцаат во
бистрата вода.
КАКО НИ ГИ КРШЕА КРИЛАТА
Прво ни зборуваа за нивната излишност.
За нивната големина, непрактичност.
Па ни ставија огледала без нивни одраз.
Само во другите ги гледавме и почнаа да ни пречат.
Па ни забранија да ги користиме.
Сега рекоа сме посилни, цврсто на земја.
Потоа заборававме на нив, од ден на ден.
И накрај, ни ги кршеа лесно
како корка од топол леб.
ТАТКОВИНА
Песната е татковина на поетот вели Селан.
Ја барам сега голата песна, бескрајната татковина,
откога тоа не си ти. Зглоб во кој не се вгнездило времето,
таква треба да биде мојата песна. Гледам надвор,
се вслушувам во сѐ и сѐ ми се измолкнува.
Не опстануваат најсилните, туку најприспособливите
и животот се склопува во крајбрежните песочни кули
што ги градиме, секој со своето семејство.
Бледо утро е.
При секој удар на брегот брановите се белеат
како бели крвни зрнца на морето.
Инаку, во рамки на фестивалот „Stih u regiji“ ќе земат учество 41 поет од Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Италија, Македонија, Словенија, Србија, Украина, Велика Британија и Хрватска. Учесниците од македонија ќе се претстават на три читања, а на 30. јуни со почеток во 16 часот ќе се случи и разговор со нив воден од Иван Херцег и Славомира Рибарова.
Фестивалот „Stih u regiji“ ќе се одржи од 27. до 30. јуни на повеќе локации во Загреб, Вараждин и Врбовец. Учеството на македонските поети е овозможено од издавачката куќа ПНВ Публикации преку проектот „Размена на писатели помеѓу Хрватското друштво на писатели (ХДП) од Загреб, Хрватска и ПНВ Публикации од Скопје, Македонија“, а помогнато од македонското Министерство за култура.
Целата програма на фестивалот може да ја видите во продолжение:
Comments