top of page

Јануари со Александар Томевски од Xotel: ẞ-муабет

Writer's picture: Марија Хана ТрајкоскаМарија Хана Трајкоска

Продолжуваме со нашата дружба со Xotel за месецов. Денес со мене е Александар Томевски, еден од заслужните за звучниот индентитет на Xotel и со него ќе си поразговараме за Xotel и за алтернативната сцена во Македонија. Иако Xotel како проект се активираше во 2019, неговата приказна започнува многу пред тоа. Еве што Александар има да каже за тоа:


Александар: Со Томи се знам уште од средно, се дружевме, бевме и цимери две години на факултет во Скопје. Ја делевме љубовта кон музиката уште тогаш, па дури и во средно имавме заеднички трип хоп проект "Chad and Willfred". Во Мај 2023 јас си дадов отказ од радиото „Канал 77”, каде што работев како продуцент и музички уредник, па сакав повторно да го активирам моето студио во Битола кога ќе се вратам. По краток период откако се вратив во Битола, со Томи разговаравме и дојдовме до идеја повторно да го активираме Xotel и цело снимање да се одвива во студиото под Бабин Заб. За многу краток период 4 бенда/артисти веќе беа закажани за снимање и така почна целата приказна.


Хана: Од твојот почеток, па досега, како мислиш дека се развива Xotel во неговата мисија?


Александар: Мислам дека Xotel се развива одлично, има премногу интерес за снимање од многу бендови и артисти. Сметам дека има уште повеќе потенцијал да се развива и работиме на тоа. Веќе знаеме дека оваа година ќе е исполнета и веќе имаме агенда како би се организирале за да стигнеме со снимање и вадење епизоди.


Хана: Преку работата со Xotel, кој е твојот став за македонската алтернативна сцена и нејзиниот развој. Дали мислиш дека сега имаме поактивна и попродуктивна младина во споредба со периодот пред 10-15 години?


Александар: Моментално алтернативната сцена е активна и шаренолика, има многу свежа енергија, храброст, желба. Пред 10-15 години разликата е што тогаш беше активна, но некако беше секој за себе (како што можев да забележам), сега гледам некаква сплотеност, соработки, дружби. Пред 8-10 години кога свирев со Sybil, Red Sail Billow и Јаничари, некако секој си го тераше својот филм, бендовите беа повеќе како затворени средини. Си организиравме сами свирки, немаше толку многу фестивали, а со тоа беше и потешко да си активен со свирки и настани. Тогаш беше поинаку отколку сега. Сега имаме и повеќе пристап до многу добри бендови и артисти од светот кои несомнено служат за инспирација, кои се формираа непосредно и имаат нов пристап кон музиката, кои би те поттикнале да си автентичен на свој начин како тие што се на свој. Сега и јас се инспирирав да продолжам како артист и да ги извадам сите мои проекти кои стојат со години во фиока.


Хана: Секогаш е убаво да се биде дел од инспиративна заедница која заедно гради и создава. Возбудени сме да слушнеме што криеш во музичките кутии.


Хана: Дали имаш идеален музичар за следен проект со Xotel и зошто?


Александар: Па не знам, прво ми текна на Педро Мартинс. Изгледа дека не можам да се откачам од неговата музика веќе 2 години, тој ми е како нов бран во џез музиката. Многу искрен, хармонски многу шарен, се чувствува зрелоста и раскажувањето приказни на еден надреален начин, нов за сите нас. Музика од друга димензија според мене. Баш би сакал и лично да го запознам и да размениме некој муабет, сигурно е многу интересен човек и шарен човек како што му е и музиката.


Хана: Кое ти е најинтересното снимање со Xotel досега?


Александар: Секое снимање со секој бенд си има своја убавина, различна енергија. Секое снимање ми е интересно. Одлично е чувството да го снимаш автентичното, своето на секој артист, па потоа да пробаш технички да го доловиш чувството што сакал да го пренесе преку парче музика.


Хана: Слушајќи ја секоја поединечна епизода од Xotel се воодушевувам од талентот и посветенеста која треба да биде внесена за тоа да звучи и изгледа така баш како што велиш ти, автентчно. Вам ви е дадена голема одгворност и досега, многу добро се носите со неа. Меѓутоа верувам дека тоа не е воопшто лесно и затоа ме интересира со кој артист сте снимале најдолго и најмакотрпно досега и како би го опишал тоа искуство?


Александар: Зависи од големината на бендот и колку е комплициран сетот. Снимачкиот процес никогаш не бил пречка. Тешкиот дел е местењето на цел сет, пред снимањето. Местење на микрофони, а често се адаптирам на поставеноста на бендот според камерата, а тоа знае некогаш да го отежни процесот, особено дека сам го работам тоа. Многу често се наидува на пречки и проблеми на самиот сет што мора да ги решиш во истиот момент за да се продолжи со снимање. А што е поголем бендот толку повеќе време одзема тој процес, ама во секој случај е уживање секојпат. Битно е сите да се задоволни со тоа како е снимено и како е исвирено. И после секое снимање преслушуваме сите заедно.


Хана: Во изминативе години како дел од македонската алтернативна сцена која е една лекција која ја имаш научено и која би им ја препорачал на другите македонските млади кои сакаат да станат дел од таа сцена, но не знаат од каде да почнат?


Александар: Не треба многу за да почнеш од некаде. Сѐ што ти треба за да почнеш е една звучна, лаптоп и инструментот што го свириш. Сега секој има можност да научи многу работи дома, да сними дома, да микса дома, да мастерира дома. Секако треба да проучува сето тоа некое време, ама барем за правење песна треба да ја имаш замислата и на каде сакаш да се движиш. Не е толку комплициран тој процес како што често си го правиме во главата. Па следно е претворање во краен продукт и сега со социјалните мрежи е многу лесно тоа да допре до повеќе луѓе. Мислам дека поголемата пречка е тоа што малку е тешко да се разголиш пред луѓето со тоа што навистина си, со своја песна, со свој текст и мислам дека тука многу луѓе заглавуваат. Единствен начин е да се собере храброст и да се извади првото парче музика. Да се скрши мразот. Па после тоа е полесно.


Хана: Мислам дека ова е соодветна прилика да го завршиме разговорот со кураж. На Алекснадар му посакувам во што поскоро време да ги објави неговите индивидуални проекти, а на Xotel им оддавам чест за тоа што го вложуваат за развојот на македонската музичка сцена и им посакувам да продолжат долго да го прават тоа што го прават. Се надевам дека за многу брзо ќе го видиме и Педро Мартинс во некоја од следните епизоди на Xotel. Толку беше од нас, како и секогаш, до наше следно видување, останете во добра музика.


Yorumlar


bottom of page