top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

„OD TAKVI KAKOVAS DECATA SE NE PISMENI!!1!1!!!”, „Abe ti toa ono oni so be odi definiraj se u bardovci” и слични мудрувања и традиционални вредности

Обично не сакам јавно изнесување на некои лични ставови кои произлегуваат од фрустрирање од некои работи, а особено не кога тие работи се коментари на социјални мрежи, а особено не кога тие коментари се резултат на нечија малограѓанштина, неукост, непознавање на нештата или, ете, од така, да се искоментира колку да се искоментира, да се изруга нешто само оти постои. И ете, не издржав! Решив да ја напишам оваа колумна и да ја подразбудам малку подзаспаната рубрика на нашата платформа „Култура Бета“, рубриката „ẞ-колумна“ која е направена со цел да може јавно и отворено да се изнесат ставови поврзани со некои општествени теми, главно поврзани со младите, културата, активизмот, општествени прашања што нѐ засегаат...


Има две причини поради кои решив да го напишам овој текст. 1. Објавата на мноштво медиуми дека од новата учебна година, на учениците од четврто, петто и шесто одделение во основно образование предметот Филозофија ќе им биде достапен како слободен изборен предмет; и 2. Интервјуто на Слободен печат со младиот и талентиран моден дизајнер Христијан Нашулковски. Двете објави немаат ниту содржински, ниту формално ништо заедничко, не се никако поврзани меѓу себе освен едно нешто: погрдни, ужасни, малограѓански, неумесни и безобразни коментари под објавите.





Дека просечниот Македонец е склон на безобразлук и гнев истурен под разноразни објави сме сведоци секојдневно. Од политички објави каде што се пцујат политичарите, а особено намерачени за погрдни коментари и политичарките, потоа и на таблоидни објави каде што се зборува за нечија бременост, развод или нов партнер, на видеа со забавни содржини по Тикток креирани од млади тиктокери, објави за настани кои наводно се косат со т.н. традиционални вредности, па сѐ до објави кои истакнуваат нечија работа во општествениот, културниот, академскиот и креативниот живот во Македонија.


1.OD TAKVI KAKOVAS DECATA SE NE PISMENI!!1!1!!! 


Од пред некоја недела на веб-страницата на Бирото за развој за образование (БРО) при Министерството за образование и наука (МОН) е објавена веста дека од следната учебна година на учениците од четврто, петто и шесто одделение како слободен изборен предмет ќе им биде достапен предметот Филозофија. Оваа одлука на Бирото произлегува како барање на Филозофското друштво на Македонија (ФДМ) кое изминативе две години работи на проектот SOPHIE – Philosophy with Children for Wider Social Inclusion, Еразмус+ проект во чии рамки заедно со партнери од Словенија и Грција меѓудругото се изготвуваше курикулум за предметот „Филозофија со деца“ како и пилотирање на настава по предметот во три основни училишта во Македонија. Пилотирањето успешно заврши и, ете, на среќа на ФДМ, а на тага на Исфрустрираниот (со големо 'И') коментатор по социјални мрежи, БРО го прифати предлогот и предметот Филозофија од следната учебна година е слободен изборен предмет за ученици од четврто, петто и шесто одделение во основното образование.


Но на мое зачудување и, верувам, на зачудување на поголемиот дел од академската јавност, дипломираните професори по филозофија и вљубениците во неа, оваа вест беше дочекана „на нож“ од општата јавност која во коментарите на оваа новост уште еднаш го покажаа своето „големо познавање“ во темите на образованието и креирањето образовни политики. Па така, во коментарите можеа да се прочитаат изјави дека оние кои ја креирале оваа програма се „дебелогазовци што не знаат што прават“, дека програмата била креирана за само некои професори да се вработат, дека ова е програма која ќе ги направи децата понеписмени и дека наместо нашето образование да се фокусира на природните и техничките науки од кои реално имал секој човек придобивка во секојдневниот живот, некој се решил да воведе бесмислен предмет што само заморувал и што требал и онака одамна да биде укинат заедно со сите предмети слични на него.

Како дипломиран професор по филозофија особено бев зачуден од последните два коментара кои ги дадов како пример тука и неминовно во глава ми се појави само едно големо „КАКО!? ПОБОГУ КАКО!?“. КАКО овој предмет би придонел за неписменоста на децата и КАКО тоа во секојдневието човекот има придобивка само од природно-техничките науки, а не и од хуманистиката!?


Туку токму напротив, доколку некои од овие Исфрустрирани коментатори и познавачи на состојбите и потребите во македонскиот образовен систем, само да отвореле во програмата за Филозофија за основно образование ќе виделе дека целите на оваа програма се токму спротивното, и тоа: поттикнување на мислење, развој на критичка мисла, поставување прашања за јас-то и светот и дискусија за тие прашања итн. Па, од кога критичкото мислење е неписменост, од кога дискусијата носи кон затвореност на умот и носи непрактичност во секојдневието? И од кога може така паушално, и тоа стотици луѓе, да извикуваат дека воведувањето на ваков предмет е дерогирање на образованието и на младиот човек, а притоа покажувајќи огромно непознавање за тоа за што коментираат.


Колку за информација, Филозофија со деца веќе со години е успешно реализиран предмет во програмите во многу земји низ светот. ФДМ при подготовката на програмата и при обуките консултира експерти од оваа област, а исто така веќе со години наназад Филозофија со деца е дел од Едукативната програма на ФДМ и Филозофскиот филмски фестивал во чии рамки гостувале професори (од САД, Данска, Франција, Бугарија..) кои работеле со македонските основци и со македонските професори токму на темите од овој предмет. И, секако, дека на учениците од основно нема да им се даде да ги читаат Платон, Аристотел, Хегел или Кант туку програмата се реализира со помош на дискусии, разговор, друштвени игри, театарски претстави, филмови итн. – нешто што исто така е достапно во самата програма објавена на страницата на БРО.


2.Abe ti toa ono oni so be odi definiraj se u bardovci 


Што и да сака да каже цитираниот коментар од насловот на оваа колумна што, поради уметничката вредност, е и наслов на вториот дел од мојов текст, сепак го користам како еден одличен пример на бесмисленоста на ваквите хејт-коментари што имаат за цел само да навредат, омаловажат и да се исмеат некому или со нечија работа.

 

Ваков и нему слични коментари има околу стотина на објавеното интервју на инстаграм профилот на Слободен печат со младиот македонски моден дизајнер Христијан Нашулковски. Од исмејувањето на неговиот изглед, начин на говорење, до погрдни коментари за неговиот накит и за неговиот дизајн на облека и костимте кои ги изработува... и, повторно, едно големо „КАКО!? ПОБОГУ КАКО!?“ и уште едно поголемо филозофско „ЗОШТО!?“ за тоа од каде и зошто потребата за ужасно безобразни коментари под објава која има за цел да ја запознае публиката со творештвото на овој млад дизајнер кој со својата работа веќе сѐ повеќе е вреднуван од уметничката фела.

За да Исфрустрираниот коментатор се покаже во своето  големо и значајно давање памет за секое прашање кое ќе се појави на социјалните мрежи секогаш се повикува и на традицијата и на македонизмот и се повикува на тоа како со делата на овој уметник и уметниците слични на него се уништуваат  таа традиција и тој македонизам... а и како овие уметници се такви какви што се поради тоа што „не биле тепани дома“, „не оделе во војска“, „западот ги уништил“ и сл. А, секако, секогаш се надополнува со тоа дека овие личности се дел од некоја секта која има за цел, повторно, да го дерогира силниот, стамен и мажествен маж кој е носител на традиционалните, семејни, морални, вистински вредности.


И секогаш е интересно како ваквите Исфрустрирани коментатори не го сфаќаат моментот дека патриот не се бидува со поставување на знаменце и крстче во биографиите на Инстаграм, ниту со машката сила набиена во гордите мускулите, туку со создавање, креирање, творење на македонски јазик, ширење на културата на македонските уметници во и надвор од границите на Македонија и, секако, покажување почит на тие македонски уметници на нивните јавни настапи, промоции, читања, премиери на филмови, модни ревии, изложби, перформанси итн. Но, ете, нашиот Исфрустриран Македонец загрижен за традиционалните и христијански вредности, писменоста на младите, уништувањето од западот знае многу повеќе како се штити семето македонско кога ‘хејта’ по коментари на социјални мрежи што се крајно неморални и безобразни.


3.Дали ќе се случеа ваквите коментари на интервјуто на Нашулковски доколку имаше Филозофија во основно образование уште пред 40-тина години?


Можеби помалку. Во програмата одобрена од БРО за Филозофија за основно образование, во сценариото за настава под број 5.1 и 5.2 се обработуваат темите Убавина и уметност. Во овие целини, младиот човек се запознава со концептите на убавото и неговиот контрапункт грдото, зборува за уметноста, работи на театарски претстави кои ги третираат темите на убавина и уметност, како и создава своја слика за тоа што е убаво и што е уметност, а секако дека филозофијата преку нејзината гранка естетика која се занимава со овие прашања може да помогне во градењето верзиран вкус за уметност. Оттука, доколку Исфрустрираниот коментатор ја поминал наставата по Филозофија уште во основно образование можеби денес помалку Исфрустрирано ќе коментирал. И секако дека ова е едно цинично заклучување! Но тука сакам уште еднаш да потенцирам дека целта токму на филозофијата е да го разбуди критичкото, но она критичко кое е фер, конструктивно, кое отвора дебати и кое не навредува и сака да го поттикне прифаќањето на различното, да покаже дека различната идеологија, различната уметност, различните ставови, различната сексуална ориентација, различната религија, различните погледи на светот, различните вредности, различните страни на светот ќе бидат прифатени, меѓусебе конструктивно ќе дебатираат надминувајќи го малограѓанското ниво и ќе дозволуваат простор за сите оние кои сакаат нешто убаво да прават и да кажат.


А секако дека Исфрустираниот коментатор ќе продолжи да пишува и на објавите за нечии успеси, за нечии порази, за потребата од сексуалното образование, за Парадата на гордоста, за уметнички инсталации, за маршови на работници, за нечија облека, за нечиј стил, за силувања, за бремености, за патувања, за буквално сѐ што некој прави. Освен што нема да искритикува кога навистина треба да се критикува. Исфрустрираниот коментатор мора да е помалку безобразен !!!!111!!!!1!!1!


Comments


bottom of page