top of page
Writer's pictureМарија Хана Трајкоска

Хана и Борис во дијалог за Битлси и „Love me do“

 

Најважната песна во рокенрол жанрот (Песната која го смени светот)


Б: Добре дојдовте, дечки, назад во нашата рубрика после неколку месеци. Многу често го кажуваме ова во последно време, можеби за добро, можеби и не, сепак, овој месец имаме нешто поразлично. Годината сакаме да ја почнеме со експериментално текстче кое може да служи како една кратка лекција по музичко.


Х: Овој месец, наместо за албум, ќе зборуваме за една многу значајна и влијателна песна, всушност песната која ја рeволуционираше популарната медија. Се работи за песната Love me do од еден од најпознатите и највлијателните бендови во историјата на модерната музика, Битлси.



Б: Пред да навлеземе подлабоко во нејзиното значење, битно е да спомнеме важни настани од сферите на политиката, културата, уметноста и музиката како уметничка форма, но и како бизнис индустрија, кои претстојат на оформување на горенаведениот бенд, но и на самата песна за која зборуваме денес.


Х: Love me do e објавена во 1963, како прв сингл од дебитантскиот албум на Битсли, Please Please Me, но како што наведе Борис, за тоа ќе зборуваме подетално подоцна, а сега ќе се фокусираме на она што се случувало пред 1963, односно во педесетите години од минатиот век.


Б: Иако корените на рокенролот лежат во афро-американска фолк музика, во средината на 50-тите години од 20. век, кога почнува да се дефинира како посебен жанр во САД, бил повеќе комерцијално насочен, отколку како музички уникатна гранка, односно, зборот рокенрол наместо музика претставувал ‘начин на живеење’. Во темите на пеење често се туркале потрошувачки идеали, фетишизација на трговијата, сексуализација на малолетни девојки, гледање на жени како на објекти и така натаму. Всушност, музиката била така дизајнирана да продава идеал со кој ја таргетирал големата маса која сака да се истакне како индивидуалец.

(Stratton, 2010)


Х: Многу од овие елементи зад сцената на рокот можат да се приметат и во музиката на таканаречениот татко на рокенролот, Чак Бери, кој ги има дефинирано многу од музичките елементи, позајмници и развои кои денес ги асоцираме со рокенролот, но ова не е рецензија за Чак Бери. Mногу лесно можете да се приметат елементите на консумеризам, сексуализација и комерцијализација во неговите песни како Little Queenie, School Days и Maybellene




Б: Во тој период, музичката (читај бизнис) индустријата не се занимава со создавање нова музика туку со рекламирање и продавање на ‘рокенрол’ стил на живот. Познатите лица се управувани од маркетинг компании, а нивната музика е продуцирана од професионалци кои често крадат песни од маргинализирани групи и жени. Во центарот е ставен индивидуалецот, односно, на сцена секогаш има еден човек што настапува и е идолизиран, додека публиката е поттикната да се идентификува како независна индивидуа, а не како дел од заедница.

(Wicke & Fogg, 1990)


Х: Почнавме малку да се вртиме во круг со поентите, мислам дека доволно зборувавме за пред „бителовата“ ера и ни ја сфативте поентата. Сега прашањето е нели, како се вклучуваат Битлси во овој феновмен и како всушност тие ја револуцонизираат музиката. Ќе се надоврзам на она што го зборуваше Борис за „главните фаци“ на шоубизнисот кои секогаш стоеле најнапред на сцената и околу кои била центрирана публиката. Како што кажа и Борис, на почетокот тоа бил само еден човек кој бил „фронтмен“ а останатите музичари биле во заднина и само го следеле со инструменти и со придружни вокали. Во 1960 се појавуваат Битлси и создаваат нова слика за сценската уметност. На многу нивни јавни настапи може да се воочи дека сите четворица заземаат еднаков простор на сцената и ниту еден член не е засенет од друг. Дури и практикуваат нешто што многу малку бендови и до ден-денес го практикуват, а тоа е постулатот на кој е поставен Ринго Стар, да и покрај тоа што е во позадина, биде во видно поле на публиката. Со самото тоа што членовите на бендот меѓусебно, но и пред публиката, се поставуваат еднакво, на сцената воведуваат чувство на заедништво и ставаат крај на култот на индвидуализимот.


Б: Се разбира, Битлси не би биле толку важни да беа препознатливи само по нивните сценски настапи. Сепак, се работи за еден од највлијателните бендови во светот. Начинот на којшто овие четровица (во тоа време) млади ја револуционирале музиката, почнува само со една песна, темата на нашиот разговор денес, едноставната и заразната Love me do. Кога ќе ја слушнете песната, сигурно ќе се запрашате, зошто од толкав опус, токму оваа песна ја има оваа чест.


Б: Песната не е воопшто музички специфична, нема некои нови прогресии, целата песна скока помеѓу базичниот тон и доминантата (C и G), пеат во терци и квинти. Се извинувам на сите фанови на Битлси со мојава критика на песната, ама е динамично тотално неинтересна, ритмично проста и басот е идентичен како во музиката на Чак Бери. Но, сепак, со самото качување на групава на сцена, и со настапувањето на песнава се имаат спротивставено на целата индустрија. Текстот во песната се повторува и е зависно певлив наместо да ги следи брзите наративни и рецитативно прераскажани приказни на предците на рокот. Ова е првата песна која е напишана и изведена од самите автори, наместо професионални музичари и текстописци. Воедно музиката и текстот се целосно оригинални, а не украдени.

(Wicke & Fogg, 1990)


Х: Дури во раните денови на нивната музичка кариера, кога правеле преработки на туѓи песни, тоа го правеле со вкус и им давале заслуги на оригиналните музичари. Нивното препевање на туѓи песни било чин на искажување благодарност кон музичарите кои ги заљубиле во музиката и ги инспирирале и да творат, меѓу кои иронични бил и Чак Бери.

(McGuinness, 2024)


Х: За да биде песната дотолку поинтересна, треба да се спомне и нејзиното влијание врз пошироки општествени проблеми, односно, нејзиното значење за жената.  Во песнава, жената за првпат е прикажана како субјектот на кого е пеена песната, наместо да е објект во неа. Како практичен пример ќе изнесам паралела помеѓу текст на Чак и стихови од оваа песна.


„There she is again

Standing over by the record machine

Lookin' like a model on the cover of a magazine

She's too cute to be a minute over seventeen“

– Little Queenie - Chuck Berry


„Love, love me do

You know I love you

I'll always be true

So please

Love me do“

– Love Me Do - The Beatles


Б: Самото ова прикажување на жените во подобро светло во популарни медиуми има во голем дел предизвикано масовно феминистичко движење на маршови и протести со кои жените се бореле за слободата на сексуално изразување. Целосно се сменил менталитетот кон сексот и жените ја преиспитувале нивната улога во животот и општеството. Едноставно, се чувствувале како да се божици во нивните текстови и тоа има предизвикано и понатамошно култно следење, вљубување и опсесија со членовите на бендот, таканаречената Битлманија.

(Ehrenreich et al., 2002)


Х: Песнава, нејзината зависна и певлива мелодија и чувствата кои ги предизвикува, заедно со зачинот на масна хистерија исто така ја означува победата на Британската музика и нејзиното осамостојување од американската глобализациска сила, и лансира контра напад, таканаречениот British invasion. Битлси не само што создадоа музика, туку и го предизвикаа начинот на кој таа е доживувана и произведувана, оставајќи трајно наследство во историјата на музиката.


Б: Има многу други работи за кои Битлси се значајни, но во моментов ни јас, ни Хана немаме капацитет за сето тоа. Во секој случај, се надеваме дека ова што ви го подготвивме ви се допадна и дека научивте нешто ново. Доколку сакате да прочитате повеќе на оваа тема, подолу ги имате изворите на информациите за ова текстче. Толку од нас, се читаме наскоро, а дотогаш топло ви ја препорачуваме целата дискографија на овој легендарем бенд. Тимот на „Хана и Борис во дијалог за“ ви посакува среќни новогодишни и божиќни празници.



Извори:

Ehrenreich, B., Hess, E., & Jacobs, G. (2002). Beatlemania: Girls just want to have fun. In The adoring audience 

(pp. 84-106). Routledge.

McGuinness, P. (2024, November 4). Every cover version The Beatles recorded and released. uDiscover Music. https://www.udiscovermusic.com/playlists/21-from-12-the-beatles-cover-versions/#:~:text=Between%201963%20and%201970%2C%20The,or%20EPs%20up%20to%201965.

Stratton, J. (2010). Skiffle, variety and Englishness. In Ashgate eBooks (pp. 27–40). https://doi.org/10.4324/9781315570372-9

Wicke, P., & Fogg, R. (1990). ‘Love Me Do’: the aesthetics of sensuousness. In Cambridge University Press eBooks (pp. 48–72). https://doi.org/10.1017/cbo9780511586156.005

 

 

 

 

Commentaires


bottom of page