Здраво на сите. Овој месец се враќаме во пишана форма и ви имаме спремено една навистина уникатна соработка од албум. Се работи за албумот Poil Ueda во соработка на Poil, француски ескпериментален панк/рок бенд и Junko Ueda јапонска пејачка и свирачка на бива, јапонски традиционален инструмент кој се користел за наративно пеење. Албумот е објавен на 3ти март оваа година и е составен од 5 нумери кои се поделени во три дела, Kujo Shakujo 1, 2 и 3 и Dan No Ura 1 и 2.
Досега немам слушнато, и не би ми текнало дека може да постои ваква соработка, каде што мистичните јапонски легенди и звуци се мешаат со модерен *европски* електро-рок. Звучи доста бизарно, барем првите 2-3 преслушувања, но после тоа станува забавно да копаш и да пробуваш да се фокусираш на една од тие, речиси илјадници мелодии кои свират паралелно и една врз друга.
Албумот започнува бавно и смирено со Будистичко пеење кое било практикувано од монаси за да ги избркаат злите духови. Во почетокот на првиот дел од Kujo Shakujo доминириаат традиционалните звуци на Јапонија со обреден призвук, а полека наѕирнуваат и електронските звуци на Poil.
Во вториот дел од песната како што се засилуваат обредните слики полека почнуваат да се истакнуваат и инструментите на Poil кои во третиот дел на Kujo Shakujo доживуваат хаотична кулминација во комбинација со гласот на Junko Uеda, а понатаму песната не дочекува со нешто што можам да го наречам „мизарски“ крај.
Најголем впечаток ми остава електронскиот хор во првиот дел, како духовите да одговараат на пеењата, а за вториот и третиот дел се согласувам и немам што да додадам освен дека гитарата во вториот дел ми звучи на Plutos Doubts хахахаха. Исто така впечатливо е што деловите се совршено поврзани, со тоа што секој дел завршува со мал отсечок од тоа што следи во наредниот дел и се ‘прелеваат’ еден во друг.
Да и јас тоа го приметив и многу ми се допаѓа. Се чувствувам како да слушам приказна поделена во делови. Кога ќе размислам веројатно и тоа е поенттата на албумот и затоа е поделен на делови.
Следната половина од албумот е со друга, помрачна, но вистинита приказна за поморска битка, смртта на млад емпиратор и најбројното самоубиството на самураите.
Мене иконично ми звучи првата песна со наслов Dan no Ura, именувана веројатно по борбата во феудална Јапонија, со истото име, и музиката го рефлектира токму тоа. Од припремите за војна, се до хаосот и каењето што следува. Концертно пијано се бори со длабоките тресења на басот и невротичните вресоци на дигитални звуци, и сето тоа го комплементира гитара со рифови и ефекти директно извадени од соништата на Jack White.
Кога ја слушам таа песна, повременото појавување на пијаното ме потстетува на теророт на војната, како секое негово појавување да означува нов напад, а секоја отсвирена нота да означува нова смрт. Во оваа песна, гласот на Junko ми звучи на плач специфичен за војна во кој се слушаат лутина, гнев, страв и жалост. Оваа песна е сосема спротивно доживување од првата, првично затоа што уште од самиот почеток песната зема силен удар, а потоа само уште повеќе се засилува со нејзината моќност. Тука Poil почнуваат со рок звуци и елементи на романтизам, а потоа се чувствувам како да и водат војна на Junko се до крајот на првиот дел од Dan No Ura.
Уу интересна анализа, но што би кажала за вториот дел?
Вториот дел на Dan No Ura почнува со звуци што можам да ги замислам и опишам како утрото по битката каде што се многу поприсутни од било кога болката и очајот. Секој удар на бивата како да означува отплискување на водата што го асоцирам со испуштање на последниот здив на сите оние кои се дават. Многу ми се допаѓа занесот на музичарите додека свират кога гледам снимка од концерт. Се чувствувам како да се таму и од прва рака да го доживуваат она за кое свират и пеат.
Мене вториот дел ме потсеќа на хорор музика, мрачна со долги паузи за здив и чкрипења на жици кои го мимикуваат студот со бас ноти подлабоки од океанот каде што се удавил младиот емпиратор. Ви препорачувам да ја прочитате приказната за битката Dan no Ura, ако сакате навистина да ја сфатите музиката без да научите јапонски хахахах.
Mислам дека е доволно за албумот како посебни поделени песни и приказни, бидејќи албумот како целина е друга приказна хахахах.
Она што можам јас да го додадам како некое резиме е дека овој албум не би го препоралача на секој. Сметам дека е само за оние кои навистина сакаат да експериментираат и да излезат надвор од комфорот на нивниот вкус за музика. Би рекла дека со неговата неконвенционалност ги предизвикува границите на сите сите сетила затоа што не е музика која треба да биде слушната, туку која треба да биде искусена со целиот организам, Албумов би го опишала како медитација за оние кои мразат медитација.
Тоа е преубаво кажано и сосема се согласувам, но јас баш би го препорачал албумов на сите. Особено бидејќи ми звучи на cyber-punk акциона музика, како нешто од John Wick, но со генијален, предходно не слушнат саунд дизајн. За мене звукот на албумов е како измислување нова боја што не може да постои, ама ете ја.
За крај сакаме да и се заблагодариме на Катерина Димитровска (Перија) што ни го препорача албумов и не запозна со навистина извонредни музичари. Се надеваме дека и кај вас слушањето на албумов ќе го има истиот инспиративен ефект како кај нас и се разбира дека ќе ви се допадне.
Се гледаме/слушаме/читаме нареден месец, а до тогаш уживајте во ова што ви го спремивме.
Comments